Моден викенд Скопје и официјално ја заокружи својата прва декада на постоење, никогаш не откажувајќи се од почетната идеја – да го активира креативниот потенцијал на македонските дизајнери. Третата и последна вечер на 20-то издание на Моден викенд го одбележа импресивната ревија на македонската дизајнерка Олгица Ѓоргиева.

Дека на македонската мода ѝ претстои светла перспектива, на третиот ден од Моден Викенд Скопје докажаа студентите од Академијата за моден дизајн во рамките на „Џолев и уметностите” и „Сеавус едукативен и развоен центар”, преку групна ревија во која се преточени индивидуални дизајнерски приказни под менторство на професорот Никола Ефтимов.

Идеологијата која ги врзува Атитуд (Attitude) на Елена Маџирова, Бек ту д рутс (Back to the roots) на Ангела Доневска, Мемори оф а таун (Memory of a town) на Мирјана Јосифоска, Венити (Vanity) на Ана Марија Атанасовска и Рефлексија на Марија Стојановска е општествената одговорност. Тргнувајќи од грижа за околината во која живееме и работиме, до создавање производи водејќи грижа за ефективно учество во социјалниот, еколошкиот, умствениот, како и економскиот напредок на нашето окружување.

Наталија Терзија премиерно ја промовираше линијата за спортглам-облека наречена Терзија мувмент (Terziya movement), проткаена со минималистички комфор и доза на футуризам. Колекцијата се состои од петнаесет безвременски изгледи, кои се создадени за непрекинато движење, како есенција на животот. Во целиот концепт на оваа модна линија, таа развива поттик за виталност и здрава свест низ урбана димензија, кршејќи ги бариерите во однос на телесните облици и наметнатите општествени стандарди.

Како претпоследна учесничка на настанот, имагинацијата за есен-зима 2019/2020 пред публиката ја прикажа Сара Реџиќ. Името на колекцијата е Романтик фол (Romantic fall), со која во нејзин препознатлив стил, дизајнерката сака да ја разубави претстојната сезона. На модната писта излезе со дваесет и пет креации изработени од безвременски материјали, давајќи им повторна шанса да светнат во полн блесок и сиот раскош што го носат во себе. Бидејќи е голема вљубеничка во рачната изработка, ниту овојпат не изостанаа карактеристичните рачно изработени детали.

Со колекцијата Е!Моушн („E!Motion“) на Гоу бај Олгица Ѓоргиева (Go by Olgica Gjorgieva), официјално заврши програмскиот дел на јубилејното издание. Испратена со аплаузи и овации, македонската дизајнерка предизвика вистинска бура од емоции со парчињата облека, акцентирајќи дека да се сакаш себеси е една од најмоќните и највистинските емоции во животот.

Заврши и дваесеттата сезона на најголемото домашно модно случување, кое изминатите три дена се одржуваше во Музејот на град Скопје, приклучувајќи се кон прославата на 70-тиот јубилеј на монументалниот објект во метрополата.

Ј.П.