Фото: Маја Јаневска-Илиева

Денес православните христијани го прославуваат Божиќ, еден од трите најголеми празници, кога, според христијанското верување, е роден Синот божји, Исус Христос. 
Во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје денеска се одржа утринска божиќна литургија по повод Рожденството Христово.

Со литургијата чиноначалствуваше поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан, во придружба на свештенослужители на МПЦ-ОА. Во божиќната порака, тој на верниците им посака да се сакаат едни со други, а оваа година да биде време на победа над злото и непријателството и време кога ќе заврши страдањето од коронавирусот.

– Ова е време кога посебно се испитува нашата вера. Животот на народите, и покрај сите постигнувања, станува сѐ потежок и понеизвесен. Живееме во време со многу кризи на економски, политички, социјален, образовен, здравствен, и особено на морален план. Затоа и не можеме да ја разбереме целта на човековиот живот и неговата смисла, ниту пак можеме да го најдеме патот до спасението, затоа што се оддалечивме од Бога, и едни од други – порача г.г. Стефан.

Пандемијата, како што истакна тој, ни докажа колку човекот е немоќен и покрај сета своја самоувереност и сите свои достигнувања и знаења.

– Најстрашната пандемија на денешницата е што луѓето заборавија да веруваат во Бога и да ги љубат ближните, а покајанието е најдобриот лек против сите болести на телото и на душата – рече поглаварот на МПЦ-ОА.

Божиќ денеска со утрински литургии се одбележа и во останатите храмови на Македонската православна црква.