Фото: Маја Јаневска-Илиева

Одржана свеченоста за Денот на независноста

Сонот на сите претходни генерации за независна и слободна држава се исполни, денеска 29 години од прогласувањето на самостојноста, нашата татковина има најмногу пријатели, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев на прославата по повод одбележувањето на Денот на независноста – 8 Септември.

Централната свеченост се одржа на платото пред зградата на Владата каде премиерот Зоран Заев по кратката тет-а тет средба во неговиот кабинет заедно со претседателот на државата Стево Пендаровски присуствуваа на свечената церемонија на менување на знамињата и на интонирањето на државната химна од страна на воениот оркестар на АРМ.

– Самостојноста и самотијата не одат рака под рака. Денеска, на 29 години од славењето на нашата самостојност, татковината наша има најмногу пријатели. Благодарение на тоа, годинава со кренати чела, слободни и отворени кон светот, ја славиме независноста – истакна Заев.

Тој рече дека уште во самиот почеток граѓаните недвосмислено го посочиле патот по кој треба да се движи македонската државност, а тоа е европскиот пат и патот кон демократските вредности што подразбира вклученост и активно учество на граѓаните во политичките процеси.

– Пред три години, дома се соочивме со задушени демократски процеси, узурпирани институции, поларизирани меѓуетнички и меѓучовечки односи, со еден збор заробена држава. Држава која беше раководена од режим и во која стратешките цели, беа заменети со интересите на партијата. Покажавме дека знаеме и дека имаме волја да ги решаваме горливите проблеми – истакна Заев.

Говорејќи за владеењето на правото, претседателот на Владата посочи дека доаѓа време на ред, правда и дисциплина, а новата Влада влегува во бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот на сите нивоа.

– Законите се донесени, сега е време за нивно брзо и доследно спроведување. Кој не сака да почитува закон, ќе се соочи со закон. А, ние како Влада ќе бидеме партнер на сите чинители во законодавната, извршната и судската власт, како и граѓанското општество, медиумите и групите од интерес, кои сакаат да придонесат кон градење на систем на правдата кој ќе им служи на граѓаните – додаде Заев.

Централната свеченост по повод Денот на независноста, годинава се одржа согласно протоколот за одбележување државни празници на Комисијата за заштита од заразни болести.

Во рамки на Програмата, повеќе личности испратија видео-порака која беше пренесена на видео бим, во која ги дадоа своите размислувања за 8 Септември – Денот на независноста.