Солзите на Мохамед Салах (Ливерпул) и на Даниел Карвахал (Реал) при напуштање на играта поради повреди, почетничките грешки на голманот на „црвените“ Лорис Кариус и спектакуларниот гол со ножички на Герет Бејл, го одбележаа вечерашното финале во Лигата на шампионите во Киев кое „кралевите“ го добија со 3-1.

На трибините на Олимпискиот стадион во Киев се забележува и едно македонско знаме, на фотографијата на која фудбалерите на Реал Мадрид се на победничкиот пиедестал.

Голманот Кариус беше неутешен по слабиот настап во финалето, по кое упати извинување до навивачите на Ливерпул за неговите грешки.

Карим Бензема го искористи невниманието на германскиот чувар на мрежата, кој се обиде да ја додаде топката со рака во близина на францускиот напаѓач, при првиот гол на Реал, додека Кариус ја пропушти топката низ рацете по ударот од далечина на Бејл, при третиот гол за „кралевите“.

– Екипата го загуби финалето поради моите грешки. Се извинувам. Им се извинувам на сите – кажа голманот на Ливерпул низ солзи.