Стотици активисти остануваат под опсада во Политехничкиот универзитет во Хонгконг каде што се случија жестоки судири помеѓу демонстрантите и полицијата. Многумина се обидуваа да избегаат од универзитетот по една недела помината под опсада, додека полицијата е решена да ги задржи внатре, пренесуваат светските медиуми.

Полицијата ги повика сите барикадирани студенти на Политехничкиот универзитет да го предадат оружјето и другите опасни предмети, да ги отстранат гасните маски и да го напуштат кампусот мирно.

Полицијата вчера ги опколи демонстрантите во обид да ги спречи да го напуштат големиот универзитетски комплекс и да ги ослободат околните улици по дводневна блокада. Стотици демонстранти во текот на целиот ден се бореа со полициските водени топови и оклопните возила низ целиот Политехнички универзитет.