Повеќето свечени церемонии на доделување награди поминаа без црвен тепих во изминатата година, од сосема разбирлива причина што нема да има гости да одат по него.

Но, тогаш дојдоа „оскарите“ каде номинираните беа охрабрени да се појават лично доколку можат, наместо виртуелно од својот дом.

Еден од најзначајните сегменти од оскаровското шоу, црвениот тепих, донесе елеганција, раскош и експлозија на бои. Светските медиуми ги издвоија најдобро облечените од 93. Оскари.

Номинираната за најдобра споредна улога, Аманда Сејфрид, блеска во црвено на церемонијата во Лос Анџелес.

Реџина Кинг, се појави на „Оскарите“ не како актерка, туку како режисер на „Една ноќ во Мајами“, кој имаше три номинации.

Британската режисерка Емералд Фенел го снимаше „Надежна млада жена“ додека беше во седми месец од бременоста. Филмот, кој доби пет номинации за „Оскар“, беше снимен за само 23 дена во 2019 година.

Марија Бакалова знае како да спроведе социјално дистанцирање. Ѕвездата на „Борат 2“ покажа како најлесен начин можете да се придржувате на правилото за два метра дистанца: облечете фустан широк шест метри. Марија, номинирана за најдобра споредна актерка, изгледа неверојатно во креација на Луј Витон.

Како една од минатогодишните победници, Лора Дерн се врати оваа година за да ја претстави категоријата најдобра споредна улога.