Повеќе од 13 илјади војници, воена техника и авијација од сите видови и родови на војската на оружените сили на Руската федерација, како и други единици, учествуваа на воената парада на Црвениот плоштад во Москва, по повод 73-годишнината од победата над нацистичка Германија.

На парадата беа претставени роботенкот „Уран 9“, како и борбените авиони „МИГ-31К“ опремени со хиперсонични ракети.

– Ние се сеќаваме на трагедиите на двете светски војни, лекциите од историјата и тие не ни дозволуваат да ги затвориме очите. Пред 73 години заврши Големата татковинска војна, нацизмот е скршен, уништени се плановите за светска доминација. Таа толку очекувана реченица веднаш го заобиколи светот и сите сфатија дека токму Советскиот сојуз ја одигра пресудната улога, нашиот војник ја заштити честа на својата земја. Но сега се обидуваат тоа да го прецртаат, да ја ревидираат историјата. Ние тоа никогаш нема да го дозволиме. Секогаш ќе се гордееме што советскиот народ не се откажа. Нашиот народ се бореше на живот и смрт. Со ништо не може да се измери храброста на нашите војници – истакна рускиот претседател Владимир Путин на почетокот на Воената парада, по што им го честиташе Денот на победата на граѓаните на Русија, на војниците и офицерите, додавајќи дека тоа е свет празник за целата земја, односно празник на општонационална гордост.

На воената парада учествуваше и рускиот министер за одбрана, генерал Сергеј Шојгу, а со парадата командуваше главниот командант на копнената војска генерал-полковник Олег Саљуков.