Годинашната ревија на компанијата за долна облека „Викторијас сикрет“ го привлече вниманието на светската јавност, но организаторите се соочија со критики дека настанот не е во чекор со времето, односно оти популарниот бренд треба да направи промени за да се модернизира, пишува „Њујорк тајмс“.

Најпознатите модели преку видео-порака порачаа како шоуто на „Викторијас сикрет“ прави да се чувствуваат успешни, моќни и силни, на почетокот на ревијата одржана во Њујорк, во четвртокот. Потоа „ангелите“ излегоа на модната писта, носејќи ги препознатливите крилја, пердуви, дијамантски костими, позирајќи пред камерата и испраќајки бакнежи… 

Гламурот и екстраванцијата, како и популарноста на социјалните мрежи и во медумите, сепак, не соодветствуваат со продажбата во продавниците на компанијата, според „Њујорк тајмс“. 

„Викторијас сикрет“ се обидува да одржи чекор со времето, воведувајќи спортски дизајн во колекцијата и исфрлувајќи одредени културни стереотипи, додека во ревијата земаат учество манекенки од различно етничко потекло, но многумина сметаат дека пристапот на „пинап-девојките“, како и општиот изглед на ревијата се застарени и треба да се менуваат.

Во текот на изминативе години имаше бројни петиции што бараа физичкиот изглед (како и полот) на моделите да биде поразновиден, но брендот не ја менуваше вообичаената практика. Организаторите се соочија со негативни коментари по изјавите на водечкиот човек за маркетинг Ед Разек кој порача дека нема место за трансродни модели на ревијата, за потоа да се извини.

Годинашната ревија што ќе биде емитувана на телевизијата Еј-би-си на 2 декември, беше последна за Адријана Лима (37), која веќе нема да зема учество во шоуто на „Викторијас сикрет“.