Русија ја покажа воената моќ на Црвениот плоштад

1371

Тенкови, авиони, интерконтинентални балистички ракети и 14 илјади учесници, беа дел од воената парада одржана на Црвениот плоштад во Москва по повод Денот на победата во Втората светска војна, на која рускиот претседател Владимир Путин беше домаќин на повеќе светски лидери и гости, пренесуваат светските медиуми.

– Наша должност е да се сеќаваме дека народот на СССР го издржа ударот во борбата против нацизмот. Ова е главната, чиста и неизменета вистина за војната. Ние мораме да ја штитиме и да ја браниме, да ја пренесуваме на нашите деца, внуци и правнуци. Денешната воена парада е во чест на светата вистина, во чест на неверојатната генерација на победници кои го одредија исходот на Втората светска војна – кажа Путин во неговото обраќање пред присутните.

На настанот беа присутни лидерите на Белорусија, Казахстан, Таџикистан, Молдавија, Узбекистан, Србија и на БиХ. На прославата беа распоредени околу 6.000 полицајци, кои се грижеа за безбедноста.

На парадата беа прикажани 225 единици на вооружување, воени и специјални опреми, а во показните вежби на авијацијата учествуваа и 75 авиони. Илјадниците посетители можеа да видат повеќе од 20 нови модели на воена опрема, вклучувајќи ги и авионите Су-57 и Миг-31К.

Воената парада по повод прославата на Денот на победата традиционално се одржува на Црвениот плоштад во Москва на секој 9 мај, а оваа година беше одложена за 24 јуни поради пандемијата на коронавирусот. Според претседателот Владимир Путин, овој датум е избран затоа што легендарната парада на победничките војници се одржала на Црвениот плоштад во Москва на тој ден во 1945 година.