ФЕНИ од Кавадарци – еден од најпрофитабилните во Европа!

(повод: написот „Изградбата на ФЕНИ беше голем апсурд!“ од г. Коста Стоименовски)

Јас сум редовен читател на вашиот ценет весник од ослободувањето (со мојот татко) па до денес. Повод за ова мое директно јавување до вас е писмото на г. Коста Стоименовски, отпечатено на стр. 9 на 6.6.2019 г. во „Нова Македонија“, поврзано со изградбата на ФЕНИ. Имено, ги почитувам честите јавувања на г. Коста Стоименовски, но не се согласувам со многу нешта тенденциозно изнесени во писмото.

ФЕНИ не е „апсурд“, а во тој дух е наполнет написот на г. Стоименовски!
Ова што следува е најблиску до вистината! Подолу напишаното го тврдам бидејќи бев еден од клучните луѓе во неговата изградба. Имено, бев главен проектант на изведувачките проекти на ФЕНИ и директор на капиталната изградба.
При крајот на изградбата, првиот човек на ФЕНИ, Никола Минчев, (кого К.С. не го именува, но става назив „главниот протагонист за изградба на ФЕНИ…“) ми се обрати: „Инженер Цони направи сѐ што е можно, што поскоро да се пушти во погон ФЕНИ“! Притоа тој додаде дека до овој ден, цената на фероникелот на светската берза долго време е на ниво 8.000 американски долари по тон, вкупниот износ на трошоци е 6.000 долари по тон.

Шест месеци потоа (на крајот на 1981 година) ФЕНИ го најави својот почеток. Одеднаш се наиде на голем отпор во извршната власт. Во тоа време имаше криза во електроенергијата. Така што плански во одредени реони (градови) се прекинуваше дотурот на електроенергијата. ФЕНИ како голем потрошувач несреќно се најде во тешка ситуација, и полека добиваше третман на некаков „бауч“!
Оваа состојба владееше до крајот на 1982 година, кога стигна голем аларм од светските берзи на фероникел, дека истиот тој е стрмоглаво во пад, така што во тој период падна најниско во својата историја – 3.300 долари по тон! Конечно, тогашниот естаблишмент на СРМ, влезе со конечна пресметка да се уништи „озлогласениот загубар“ ФЕНИ! Во Собранието на СРМ се донесе одлука за целосно распуштање на сите вработени од ФЕНИ; да се ангажираат сите органи за истрага и гонење за злоупотреба на својата должност од работата во ФЕНИ.

Се бараше да се ликвидира ФЕНИ, да се урнат постројките и да се продаде сѐ како старо железо, притоа одговорните да се дадат на суд! Во тоа време сите што беа на чело на ФЕНИ, веќе беа ставени преку медиумите на столбот на срамот не само во Македонија туку и пошироко. Настанува мачен период кога ФЕНИ е ни небо ни на земја, кој траеше доста долго.

Во 1988 година при службена посета на САД на ген. директор на една мала железарница „Дуги Рат“ (кај Омиш во Далмација), од страна на американски експерти му е речено, дека сме будали ние Југословените! Имено, на берзата тие забележале стравотен пресврт во позитивна насока на цената на светските берзи на фероникел, така што во тој миг таа достигнала 12.000 долари по тон, со изгледи да продолжи месечно да се зголемува за повеќе од 1.000. Така што многу брзо потоа достигна цена од 20.000. При неговото враќање од САД, тој во Загреб за дневниот весник „Вјесник“ даде изјава за сето тоа што го чул таму. Со неактивирањето на ФЕНИ со работење во тие две години и три месеци се испушти остварување на профит од 220 милиони долари!

Една друга неспособна влада на РМ некаде во 1998 година, поточно едно лице од неа што ФЕНИ го гледаше како „апсурд“, инаку познат кабинетски, високоедуциран и искусен политички жонглер, кажа ние (Македонците) не можеме да го водиме ФЕНИ! Жално што еден ваков најголем „златен рудник“ – ФЕНИ, транзициската „глутница“ во осамостоена Р. Македонија, го обезличи и го продаде (предаде) како „старо железо“ на (странски) газди.

Странските газди за време од 16 години работа, според мојата процена (на основа на движењето на цената на никелот на светската берза и др.) по основа на профит, заработија 2.800.000.000 долари! Кога денес ФЕНИ би се градел (поради инфлацијата на доларот) би чинел 1.960.000.000 долари. Со износот на профитот би можело да се изградат 1,43 ФЕНИ! [Во пресметката не е вклучена: камата на вложените средства од профитот (од изминатите години) или облагородени во акции на берзата; треба да се забележи дека странските газди вложија солидни средства во Кавадарци во спортот, животната средина и др.]

Дијаграм на месечна цена во американски долари по тон никел на светската берза од 1983 до 2013 год.
Прашувам, кој сличен капацитет на фирми од Европа па и во светот може да оствари еден толку голем профит (за 16 години работа)?! За жал, Македонија остана со ФЕНИ, како се вели со прстот во устата!
Да се знае и ова што следува

Најнапред треба да се каже една вистина, дека во време на студиските истражувања, на светскиот пазар (а денес уште повеќе) постоеше голем глад за фероникел. Кога се искористија побогатите рудници со никел во светот, се посегна во тоа време кон попосните, за кои научноистражувачките центри изработија соодветна технологија за производство на фероникел. Еден од таквите е ФЕНИ. Компанијата „Mc Kee“ (САД), една од најпознатите во оваа област, е проектант и консултант на проектот ФЕНИ, зад кој стоеја банките од САД, кои целосно го финансираа ФЕНИ. ФЕНИ се изгради во најкраток рок. Применив една од најмодерни методи за изградба – метода за мрежно планирање на работите. Имам чест да истакнам дека во големиот дел на динамиката истата таа се извршуваше 2,92 отсто месечно од целокупниот обем на проектот ФЕНИ. Од американска страна ни беше потврдено дека тоа е единствен случај кога некој надвор од САД успеал да ја оствари оваа динамика. Во временскиот период, откако се почна со изградба на топилницата со сепарација, доста време се одолжи со изработувањето на проектот за транспорт на рудата од селото Мрежичко до топилницата од страна на Институтот за проектирање при ЈДЖ „Белград“. Се констатира дека чинењето за изградба на пругата ги надмина сите очекувања и се донесе одлука да се изврши промена на начинот на транспортирање на рудата. Се покажа дека е најрационално да се примени транспорт на рудата преку транспортни ленти што изнесува околу 12 отсто од транспорт по пруга. Со тоа се измени и начинот за ископ на рудата. Странската компанија успеа во тоа, да произведуваат 16.000 тони фероникел годишно, колку што е предвидено со капацитетот на двете изградени линии (рото-печки).

Пред тринаесетина години тие се охрабрија дотаму, што ја ангажираа компанијата „Полизиус“ од САД да изработи студија за изградба на трета линија, на северозападната страна од првите две што се во погон. Познато е дека капацитетот на електропечките е инсталиран со поглед во перспектива да може да се инсталира и третата линија нова рото-печка. Така што очекуваа дека ќе успеат годишно да произведуваат 24.000 тони фероникел. Побараа од мене (односно нашата фирма со мојот син) ДГ ИНТЕРГРАДБА да ја провериме стабилноста на зградата на електропечки со новото дополнително оптоварување. Газдите на ФЕНИ не се одлучија да се изгради третата линија.
Во годините кога се ближеше крајот на отворениот коп на руда од рудникот „Ржаново“, компанијата (колку што знам) си купи рудник во Средна Америка, чија руда по морски пат се носи до Солун, оттаму со железница ја носи во ФЕНИ.

Цветан Таневски-Цони, дипл. градежен инженер и магистер од областа на земјотресно инженерство