Фото: Маја Јаневска-Илиева

Се разбудив по вторпат, во ушите ми ѕвонеше порака од камбаната на времето – се сретнаа, тие, детето и старецот. Суштествуваа само еднаш, во сегашноста, во тебе. Живеј, не знаеш каде утре, не знаеш зошто вчера, живеј, живеј додека…

Автор: Мирослав Пендароски, психолог и универзитски професор

Се почна во сон, не така далеку од мигот во кој ви глаголам за ликовиве мои и нивната неочекувана средба. Во една ноќ не многу поневообичаена од сите други, на квечерина, на самрак кој потсеќаше на оние далечни залези на сонцето искапено во зародишот на новата ноќ таму некаде далеку на источните мориња. Таков беше тој самрак во кој сонив чуден сон. Моето тело беше скапнато од долгите часови мечтаење по инспирацијата за она што одамна вриеше, клокотеше во мојата утроба. Во еден таков хипнотичен транс тоа (телото) се предаде, се препушти како никогаш досега. Не ја знаев вистината за тој феномен, но така беше. Загледан во далечните ридишта кои се протегаа пред моите очи, во исто време бивајќи свесен за немоќта за превозмогнување на заморот почувствував дека сега е мигот! Сега може!
Ги затворив очите полека речиси несвесен за истото, се спружив на лулашката на која лежев природно заземајќи ја позицијата која беше наметната од поставеноста на сите агли на лежалото. Тогаш го видов сновидението кое беше ексцентрично луцидно, речиси живо се протегаше низ моите доживувања, небаре врвно искуство, небаре просветление.
Еве што видов. Се најдов сред голем песочен рид, од источната страна завиен во мрежеста магла начната од розовата боја на зората обвиена со мирисот на слана, а од западната страна означен со заканувачките нијанси на сивилото на есенскиот ден на кој беше закачена објавата на крајот. Уште на првата визија се стаписав, ме зајаде црвот на двојствената слика од крајоликот кој се наметнуваше небаре загатка од вечна природа. Знаев, едноставно мигновено разбрав оти треба да останам, да истрајам туткајќи го стравот во пазувите како кревко дете сред студена бура. Останав, најдов трошка почит кон самодовербата своја, истрајав, чекав… Ништо. Продолжив да разгледувам смрзнат од чудното исчекување на следното неизвесно кое го сеќавав недоотворено во атмосферата, пребледев, ми смрзна здивот, си ги почувствував забите како се стегаат и ревеат во нетрпение и страв од новото. Конечно нешто ситно се придвижи од источната страна, беше нешто дребнаво, мало, ситно ама жилаво. Полека се приближуваше кон висорамнината на ридот, претпазливо чекорејќи, лазејќи како некој кој се колеба да отиде на врвот од пустиот страв што ќе види таму. Се уште не можев јасно да го согледам собитието кое некако инстинктивно намирисуваше се повеќе и повеќе. Чудно, но некако му ја сеќавав душата, како да беше природно, спонтано, како да не го криеше неискуството, неопитот, незнаењето, не возгордејуваше, само напипуваше. И ете, во истовреме од другата страна од далекиот запад се придвижи фигура на нешто тенко и високо, нешто тешко и замислено, одеше полека но исправено, небаре пркосејќи на веќе познатите нешта. И ова сновидение одеше внимателно, не можев ниту него да го согледам како едно цело, како еве овде да ми е на дофат, ама чувствував и за него, понешто намирисував. Беше тоа сивило на искусеното, некаква безбојност добиена од долготрајниот опит со сепостоечкото шаренило оттаму откај што доаѓаше. По него врвеше придружничката-луна, остарената вдовица на сонцето кое одамна беше липсало. Стамено, чекор по чекор, небаре се искачува на пиедесталот за да ја прими терминалната медаља на признанието оваа форма се приближуваше кон истата висорамнина со благ врв кон која иташе она ситно инстинктивно битие со трептавите екстремитети обидувајќи се да не се премисли и да се врати.
Одеднаш се почувствував како своевиден набљудувач на туѓите живувала, на туѓите судбини, како да почнував да узнавам оти има смисла моето таму простум стоење на заштитениот врв на учењето преку туѓите страдања. Некако ми стана непријатно, не знаев што се очекува од мене, дали да дејствувам, како и кога, зошто, поради што? Во исто време бев свесен дека самото мое присуство беше незабележано од двата лика на хоризонтот. Ух, си реков, некако ми олесна, спласна нелагодата од потребата да ја прекинам клетата тишина.
Продолжив да набљудувам, да бивам таму што тоа и да значеше, да содејствувам заштитен од одговорноста што следи по нивната средба. Сега целосно бев предаден на задачата, на судот на сведоштвото, здрвен во погледот и замрзнат во чувствата , дишејќи само за да го преживеам мигот на контактот кој не сакав да го испуштам за ништо на светот, како да беше на живот ил смрт, како чувство дека ова е смисловно за моето постоење. Сега веќе бев како на натпревар во кој противниците се тркаат кој прв ќе ја дофати топката на врвот, топката на спасението. Она од истокот изгледаше како да сака да ја приграби за да продолжи а она од западот како да го посакуваше истото заради застанувањето и одлуката дали и каде понатаму. Се повеќе се туткаше преостанатото време на конечната средба, на судирот, на двобојот за кој никој од нив не знаеше што крие, со кого, против кого, како. Кутрите тие, спрострени пред мојот суд за кој ниту јас не знаев што крие и како да пресудам. Знаев дека не смеам да згрешам, дека морам да пресудам во корист на поискрениот. На самиот врв од височинката, на ледината на средното се сретнаа, веќе беше самрак, ниту ден ниту ноќ, пола на пола стоеја двете фигури небаре го стегаа револверот за одбрана на својата кауза.
Се стаписаа од првата визија а истото стравило и јас го сетив. Од истокот стоеше она ситно жилаво сновидение напркосено со сета своја интуитивна блескавост, неоптеретено од својата неукост ама дрско до смрт, некако агресивно до срж, носејќи го со себе розовото тантелче кое мирисаше на утрешнина. Од западот оној висок привид на згрбавена искуственост до крај, битието на сеприсутната знајност. Во неговите очи светеше браздата на патилото, долгите часови се и сешто а зад него, зад него сивиот меч на конечната одлука. Тоа како слеп патник некаде со некого, пред нешто непознато и тој како папсан доаѓач од истото место каде што тоа одеше. Се разгледуваа, мирисаа, напипуваа, се вртеа в круг. Од миг во миг меѓусебната симпатија се зголемуваше, дојде мигот да проглаголат, онака по својски, онака со порака која само еднаш се кажува.
Тоа рече: „Кој си ти, ајде кажи?!”.
„Јас сум ти утре, а кој си ти, ајде изусти?!”, просвире тој низ заби налутен од дрскоста на новото.
„И јас сум ти утре ама на друго место, не знам ни јас каде. Зошто сакаш тоа да го знаеш?”, инаетливо промрморе розовото.
„За да знам како по втор пат откај тебе. А зошто ти не сакаш да знаеш зошто јас сакав ова да го знам?!”, сега тој од високо.
„Зошто и ти нема да знаеш каде јас утре кога ќе бидеш јас од оваа страна”, терминално профуче малото.

Одеднаш запре се, занемеа двајцата, се стаписаа сред расчистувањето на мемливите облаци од слана и магла, од се двојствено, а едно. Се гледаа долго, не знам колку, цел еон, цело постоење.

Се разбудив во бунило, беше розово утро завиткано со сивило на самракот, беше нешто. Отидов на ридот на стварноста каде што двајцава се сретнаа за да ја одгатнам суштинската порака на средбата. Сега вистински одев, беше ден јасен како кристал на сонце, како слика на дете кое се огледува во бистра вода. И во главата ми беше некако бистро иако не ја разбирав сушноста на начнатото. Се качив на врвот, погледнав лево, погледнав десно, никаде ништо. Чекав, чекав, темнеев од невербата оти ќе видам нешто. Пред заминување се вгледав во средина, на пола од двете, на пола од патот за никаде и секаде, за нештото-ништо. Видов човек, се видов себеси, еурека, свикав, ура, ура, разбрав, узнав, сетив, сега знам, сега имам.

Се разбудив по вторпат, во ушите ми ѕвонеше порака од камбаната на времето – се сретнаа, тие, детето и старецот. Суштествуваа само еднаш, во сегашноста, во тебе. Живеј, не знаеш каде утре, не знаеш зошто вчера, живеј, живеј додека…