Се враќаат ли САД во Венецуела на доктрината на Монро?

Доктрината на Монро заговара „демократија од американски тип во целата западна полутопка“, во која Јужна Америка е значајна сфера на американските економски и политички интереси и влијание. Во тој поглед, САД ќе сторат сѐ за да ги спречат сите европски и други земји да ги проектираат своите интереси во овој дел од светот, а тоа особено важи за Русија и за Кина

Веќе подолго време внатрeшнополитичката ситуација и драматичните настани во латиноамериканската држава Венецуела, во чија суштина е судирот меѓу власта и опозицијата и нивната борба за заземање на функцијата шеф на државата, го окупираат вниманието на меѓународната јавност. Но овие настани истовремено отвораат и некои глобални прашања и дилеми за местото, улогата и реализирањето на вистинските намери во остварувањето на политичките и економските интереси на двете најголеми светски сили, САД и Руската Федерација, во оваа земја, но и пошироко на почвата на латиноамериканскиот регион и државите со перманентно опструирана демократија и девастирана економија во него.
Влошената општественополитичка ситуација, која во Венецуела трае веќе подолг период, се менува од ден на ден и постојано се одразува и влијае врз економската и социјална положба на населението во земјата, со постојана закана и за општата безбедносна ситуација на континентот воопшто. Но крајот и расплетот во ова меѓународно политичко жариште, сѐ уште не се наѕираат на хоризонтот. Со право светската политичка јавност од двете страни на Атлантикот е сериозно загрижена за тоа што се случува таму и бара одговорно решавање на овој инсцениран, но и сериозен светски економски и социјален политички проблем.

Голем број меѓународни политички набљудувачи и аналитичари, а богами и дипломати, ситуацијата во Венецуела – една од најбогатите светски земји со резерви на нафта, но со мошне ниско ниво на животниот стандард на населението – ја споредуваат со историската „кубанска“ или „октомвриска криза“ во Заливот на Свињите (1959-1963 година), кога светот, поради идеолошкиот судир и последиците од Студената војна, но и заради заштитата на конфронтираните воено-стратегиски интереси на САД и на тогашниот Советски Сојуз, се наоѓаше на работ на трета светска војна, која во последен момент, со обостран напор и пројавен компромис и тактичност на лидерите на двете идеолошки и воено крајно спротивставени страни, Џон Фицџералд Кенеди и Никита Сергеевич Хрушчов, беше спречена. Да се надеваме дека и овој пат лидерите на САД и на Руската Федерација, Доналд Трамп и Владимир Путин, со сета сложеност на моменталната неповолна клима и во други сегменти во американско-руските односи и соработка, ќе покажат доблест и разумност и ќе бидат на нивото на пројавената политичка и историска одговорност на нивните претходници од пред повеќе од половина век. Ако во шеесеттите години на минатиот век во Куба во заднината на советско-американската криза беше тогашниот латиноамерикански комунистички лидер Фидел Кастро, во оваа 2019 година во Венецуела на политичката мизансцена се ликовите на двајцата современи латиноамерикански лидери, контроверзниот и компромитиран Николас Мадуро, (кој за да дојде на власт го собори озлогласениот диктатор Хуго Чавез) и помладиот Хуан Гуаидо. Зад симнатиот од власта претседател на Венецуела, Мадуро, сметаат во САД, стои и се заземаат Русија и наводно Путин лично. Штитеник и фаворит на САД и на американскиот претседател Трамп во оваа „борба на тронови“ пак е помладиот лидер на венецуелската опозиција Гуаидо. Впрочем, тоа неодамна во една своја изјава на Си-ен-ен го потврди и американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон, откривајќи дека целта на Вашингтон е да создаде „широка коалиција“ за соборување на Мадуро од власт, со што би се обновиле принципите на извесната американска доктрина на Монро (Џејмс Монро, 1823 година претседател на САД), која заговара „демократија од американски тип во целата западна полутопка“, во која Латинска Америка е значајна сфера на американските економски и политички интереси и влијание. Во тој поглед Белата куќа ќе направи сѐ што зависи од неа, да ги спречи сите европски и други земји да ги проектираат своите геостратегиски и политички интереси во овој дел од светот. Тоа особено важи за Русија и за Кина.

Заинтересираноста, пак, на Москва да ги зачува своите некогаш тешко стекнати и скапо платени позиции во оваа земја, но и во некои други земји на овој континент, (Боливија, Никарагва и други), на кои подетално во својата статија упатува и се задржува и некогашната шпанска министерка за надворешни работи Ана Паласио, е разбирлива и голема бидејќи како што се гледа и инвестираните средства што се вложени главно во нафтениот бизнис, а голем дел и во руска испорака на оружје и други воени средства во Венецуела, додека на нејзино чело се наоѓаше сега соборениот Мадуро, не се воопшто мали и за потценување. Во случај на останување на власт на неговиот противник Гуаидо, шансите овие руски инвестиции и кредити, кои изнесуваат над десетина милијарди долари во Венецуела, никогаш нема да бидат вратени во Русија. Воопшто, економската консолидација на Венецуела и зголемувањето на производството на нафта од нејзините сопствени и богати резерви, на светскиот нафтен пазар, би предизвикало и пад на цената на овој енергент на пазарот, што во овој момент би влијаело погубно врз руската кревка економија, бидејќи драстично би ги намалило приходите од руската нафта и деривати на тој пазар од кој Кремљ во сегашните услови на постоење на западните економски и политички санкции против неа, едвај успева да одржува некаков поволен баланс.

На овој начин, Венецуела посредно е втурната во оваа најнова политичка криза, која се заканува да ескалира во граѓанска војна во иднина, ако во неа директно се вмеша и странскиот фактор, односно клучните политички играчи САД и Русија. Тоа, според принципот на врзани садови, би го запалило и поширокиот регион на латиноамериканскиот континент. Во тој случај доктрината на Монро би била од мала полза за најголем број земји од континентот.