Пандемијата ќе ја победиме само со единство

Признавајќи дека „никој не е безбеден сè додека сите не се безбедни“, Г7 неодамна објави дополнителни чекори во светски рамки за овозможување „подостапен и поправичен пристап до вакцини, лекарства и дијагностика“ во борбата против ковид-19. Но за дадената намера да прерасне во ефективна акција, потребно е смело внатрешнополитичко лидерство и поддршка за земјите во развој многу поголема од финансиската помош. Нема да биде лесно правилно да се оствари целта, но напорите се неопходни ако богатите земји сакаат да избегнат да живеат заштитени зад бедемите што им одговараат на менталитетот.
Сега постои голема нееднаквост во достапноста и распоредувањето на вакцините. Според генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, досега само десет земји сочинуваат 75 отсто од целата имунизација против ковид-19. Повеќе од 130 земји немаат дадено ниту една доза вакцина. Со оглед на ваквата нееднаквост, Г7 се согласи да ја зголеми помошта поврзана со пандемијата на 7,5 милијарди долари и ги повика другите, вклучувајќи ги и земјите од Г20 и мултилатералните организации, да ја зајакнат нивната поддршка за земјите во развој, без разлика дали е тоа преку механизмот Ковакс или пристапот преку Иницијативата за побрз пристап до алатки за борба против ковид-19.
Овие активности не се само вистинскиот чекор што треба да се направи, со оглед на значителните ризици со кои се соочуваат земјите во развој, туку и тие исто така се во интерес на развиените земји. Доколку остатокот од светот не се избори успешно во борбата против вирусот, новите мутации ќе се рашират толку многу што ќе ги стави пред сериозен тест напредните економии со една навидум бесконечна низа на можни неповолни сценарија.
Првото сценарио произлегува од ризикот за „увоз“ на нови мутации што се отпорни на постојните вакцини и може да ги обноват тешките циклуси на инфекција, хоспитализација, смртност и строги карантини. Битката против ковид-19 веќе е отежната со појавата на новите мутации на вирусот.

За среќа, иако овие мутации полесно се пренесуваат, сепак се чини дека тие не ја нарушија ефикасноста на лековите и на вакцините. Минимизирање на ризикот од уште подестабилизирачки мутации на вирусот е од клучно значење ако државите сакаат да закрепнат од шокот што го уништи нормалното функционирање. Алтернативата е да се усвои пристап на бункер, однос запечатување на границите.
Ова веќе не е трка на две решенија. Сега сите навиваме имунизација да го победи не само оригиналниот вирус туку и новите мутации. Доколку тоа не се случи, многу земји, а особено оние што постигнале значителен напредок во намалувањето на инфекциите и давањето вакцини, постојано ќе се соочуваат со тешкиот избор: дали да ризикуваат функционирањето да им го наруши нова мутација донесена од странство или нагло да ги ограничат внатрешниот и надворешниот проток на граѓани, привремените жители и посетителите. Но ниту една опција нема лесно да се одржи.
Постојат и други начини како помагањето на другите земји во нивната битка против ковид-19 да прерасне во национален приоритет, особено за западните земји и нивните сојузници. Кина веќе ги зајакна своето влијание и статус во земјите во развој, директно преку „дипломатијата на маски“ (обезбедување бесплатни заштитни маски за намалување на преносот на вируси) и индиректно, покажувајќи дека нејзиниот модел на управување е поефикасен од оној на западните земји во надминување на непредвидените неволји. Сега Кина на сите им нуди вакцини, како и Русија. Платформата за медицински материјали за Африка неодамна објави дека на Африканската Унија ѝ биле понудени 300 милиони дози на руската вакцина „спутник В“, покрај финансиска помош за земјите на кои им е најпотребна.

Ако Г7 реши да воведе ефективен пристап за да ја направи вакцинацијата подостапна за земјите во развој, истовремено би го срушила митот дека организацијата ја напуштила светската сцена. Ваквиот потег би бил во согласност со целта на администрацијата на Бајден за повторно ангажирање во светот. Ефективноста на Г7 во овој домен ќе опфаќа многу повеќе отколку само целосно исполнување на дадените важни ветувања. Времето е од суштинско значење, без оглед дали е достапна финансиската помош за земјите во развој или ќе им се донираат очекуваните и веќе обезбедени резерви на дози од развиените земји.
Г7 исто така мора да го надмине својот капацитет на помош на најмалку два начина. Прво, кога е потребно и кога од нив ќе се побара, членките треба да обезбедат техничка помош и логистичка поддршка за надминување на ситните неуспеси што ги нарушуваат локалните синџири на снабдување.

Второ, Г7 треба да изврши притисок врз производителите на вакцини за да го споделат своето знаење со локалните производители и да ги олеснат нивните правни и оперативни капацитети за постигнување на истото.
Патот кон напредокот е тежок. На многу нивоа може да се јави отпор, вклучувајќи и од оние што сакаат да вложат пари и напори само дома и од оние што сакаат да ги заштитат актуелните можности за профит од вакцините против ковид-19, како и идните можности за профит од научните достигнувања што ги вклучуваат вакцините. Но колку и да е тешко сево ова, алтернативата е уште потешка, односно да се живее со нарушеното нормално функционирање поради вирусот или да се живее во постојана изолација.

Авторот е поранешен заменик-директор на ММФ и претседател на Советот за светски развој на американскиот претседател Барак Обама, а актуелно е претседател на „Квинс колеџ“ на универзитетот „Кембриџ“ и професор на школата „Вортон“ на Универзитетот во Пенсилванија.