Класна ковид-војна

Еврокризата што избувна пред повеќе од една деценија се претставуваше како судир меѓу штедливиот Север и расипничкиот Југ на Европа. Во суштина се водеше жестока класна војна, од која Европа, вклучувајќи ги и нејзините капиталисти, излезе многу ослабена во однос на САД и Кина. Уште полошо е што одговорот на Европската Унија (ЕУ) на пандемијата, како и фондот за обновува што моментно се разгледува, ќе ја интензивира оваа класна војна и ќе нанесе уште еден удар врз европскиот социоекономски модел.
Ако научивме нешто во последните децении, тоа е дека не треба да се фокусираме на економијата на секоја земја поединечно. Еднаш многу одамна, кога парите циркулираа меѓу државите најмногу за финансирање на трговијата, а најголем дел од потрошувачката беше во корист на домашните производители, предностите и слабите страни на националната економија можеа одделно да се проценуваат. Веќе не е така, затоа што слабостите на, да речеме, Кина и Германија, зависат од оние на земји како САД и Грција.

Хегемонијата на САД порасна кога државата премина од трговски суфицит во масовен дефицит. Нивниот увоз ја одржува светската побарувачка и е финансиран од приливот на профит на странците, кој завршува на Волстрит. Ваквиот чуден процес на рециклирање е управуван од светската централна банка, која во реалност се Федералните резерви на САД. Одржувањето на таквата импресивна креација, која е трајно неурамнотежен светски систем, бара постојано засилување на класната војна истовремено во земјите со дефицит и суфицит.
Земјите со дефицит имаат една заедничка работа во еден важен сегмент, а тоа е дека, без разлика дали се моќни како САД или слаби како Грција, тие мора да создаваат меури од долгови додека нивните работници беспомошно гледаат како пропаѓаат нивните индустриски области. Откако меурите ќе пукнат, работниците од Средниот Запад или Пелопонез ќе се соочуваат со огромни долгови, а животниот стандард ќе опадне.

Иако земјите со суфицит исто така се карактеризираат со класна борба со работниците, тие значително се разликуваат едни од други. Да ги разгледаме Кина и Германија. И двете земји имаат големи трговски суфицити за разлика од САД и од остатокот на Европа. И двете земји ги потиснуваат приходите и богатството на нивните работници. Но разликата меѓу нив е во тоа што Кина одржува огромни нивоа на инвестиции преку домашни кредитни меури, додека германските корпорации вложуваат многу помалку и се потпираат на кредитни меури во остатокот од еврозоната.
Еврокризата никогаш не беше судир меѓу Германците и Грците. Напротив, таа потекна од засилување на класната војна во Германија и во Грција како резултат на олигархијата, која живее од финансиските текови без никакво ограничување. Класната војна е веројатно побрутална во Кина и во САД отколку во Европа. Но недостигот од политичко единство во Европа покажува дека нејзината класна војна е безначајна, дури и од гледна точка на капиталистите.

Не е тешко да се пронајдат докази дека германските капиталисти го прокоцкаа богатството што го исцрпеа од работничката класа на ЕУ. Еврокризата предизвика огромна девалвација од седум отсто на суфицитите што германскиот приватен сектор ги акумулира од 1999 година наваму, затоа што капиталните сопственици немаа друга алтернатива освен да им ги позајмуваат овие илјади милијарди евра на странците чија последователна беда доведе до големи загуби. Ова не е само германски проблем. Тоа е состојба што ги погодува и другите земји на ЕУ со суфицит.
Извештаите дека ковид-19 ја натера ЕУ дополнително да се заангажира се крајно претерани. Тивката смрт на меѓусебната распределба на долгот гарантира дека огромното зголемување на дефицитите во националните буџети ќе биде проследено со еднакво воведување строги мерки на штедење во секоја земја. Со други зборови, класната војна ќе се интензивира, а веќе и онака ги десеткуваше приходите на повеќето луѓе. Што ќе се случи со предложениот фонд за обнова од 750 милијарди евра? Дали договорот за издавање заеднички долг се смета за успех?

Ова е меч со две сечила. Заедничките должнички инструменти се неопходен, но недоволен услов за подобрување на засилената класна војна. За да игра прогресивна улога, заедничкиот долг мора да ги финансира послабите домаќинства и фирми во заедничката економска област, односно еднакво во Германија и во Грција. Тоа мора да биде автоматски, без потпирање на добрината на локалните олигарси. Мора да функционира како автоматски механизам за рециклирање што ќе го менува суфицитот со дефицитот во секој град, регион и држава.
Од друга страна, фиксната распределба на европскиот фонд за закрепнување на членките ќе ги сврти едни против други, бидејќи фиксната сума што ќе им се даде, да речеме, на Италија или на Грција, ќе биде прикажана како данок на работничката класа во Германија. Идејата е да се пренесат средствата во националните влади и да им се даде задача на локалните олигарси да ги дистрибуираат.
Зајакнувањето на солидарноста на олигарсите во Европа не е добра стратегија за зајакнување на поголем дел од Европа. Напротив, секое „закрепнување“ засновано врз таква формула ќе значи помалку пари за сите Европејци, а мнозинството ќе западне во подлабок очај.

Авторот е поранешен грчки министер за финансии и професор по економија на Универзитетот во Атина.