Европа пред голема геополитичка дилема

Пред два месеца, во своето обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изрази страв дека „голема пукнатина“ може да го подели меѓународниот поредок на два „одделни и конкурентни светови“, едниот доминиран од САД и другиот од Кина. Неговиот страв не само што е оправдан туку пукнатината од која стравува веќе е формирана и станува сѐ поширока.
Откако Денг Сјаопинг ја започна својата политика на „реформирање и отворање“ во 1978 година, општоприфатеното гледиште на Западот беше дека интеграцијата на Кина во глобалната економија природно ќе донесе домашни социјални и политички промени. Крајот на Студената војна и очигледната победа за либералниот меѓународен поредок предводен од САД го засилија ова верување, а Западот во голема мера водеше политика на ангажман со Кина. Откако Кина стана членка на Светската трговска организација во 2001 година, овој процес се забрза, при што западните компании и инвестиции почнаа да се влеваат во земјата и од тоа излегоа евтини производи. Како што се зголеми улогата на Кина во глобалните синџири, нејзините проблематични трговски практики – од преплавувањето на западните пазари со стоки со претерано ниска цена до неуспехот да ги заштити правата од интелектуална сопственост – сѐ повеќе загрижуваа. Сепак, очигледно никој не сакаше да го загрози профитот што го донесе евтиното кинеско производство или ветувањето за пристап до огромниот кинески пазар. Размислувањето беше дека проблемите ќе се решат зашто економскиот пораст наскоро ќе предизвика процут на кинеската средна класа, која ќе ја поттикне домашната либерализација.

Ова, како што сега е јасно, беше магично размислување. Всушност, Кина го смени меѓународниот систем многу повеќе отколку што системот ја смени Кина. Комунистичката партија на Кина денес е помоќна од кога било – засилена со далекосежниот апарат за надзор, управуван од вештачка интелигенција, како и со трајната доминација врз претпријатијата во државна сопственост. Претседателот Си Џинпинг е избран со долготраен, па дури и со доживотен мандат. Како што научи американскиот претседател Доналд Трамп за време на неговата несреќна трговска војна, правењето отстапки кон Кина е потешко од кога и да е. Во меѓувреме, меѓународниот поредок заснован на заеднички правила е без живот или цел. Новите економии во развој се фрустрирани од недостигот од напори да се усогласат институционалните аранжмани со новите економски реалности. Напредните економии, од своја страна, се борат со реакцијата против глобализацијата, што не само што ја ослабна нивната поддршка за либерализација на трговијата и меѓународната соработка, туку и ги разниша нивните демократии. САД постепено се повлекоа од глобалното лидерство.

Како резултат на тоа, меѓународните односи станаа претежно трансакциски, со ад хок зделки што заменуваат сеопфатни решенија за соработка. Институциите и договорите стануваат плитки и неформални. Вредностите, правилата и нормите сè повеќе се сметаат за необични и непрактични.

Ова создаде златна можност за Кина да почне со изградба на паралелен систем, фокусиран на неа. За таа цел, таа создаде институции како Азиската банка за инвестиции во инфраструктурата и Новата банка за развој (двете имитираат постојни меѓународни структури). Таа почна да ја спроведува широката иницијатива за обнова на Патот на свилата, што е очигледен обид да се позиционира како ново царство. Сепак, многумина, вклучувајќи и во Европа, не се особено загрижени за појавата на овој паралелен систем. Сè додека носи пристап до финансирање проекти, сѐ е во ред.

Бидејќи Европа станува сѐ поотуѓена од САД, многу Европејци исто така веруваат дека можат да ја подобрат својата стратегиска позиција со тоа што ќе се најдат на границата помеѓу двата света. Оваа стратегија може да понуди предности. Но, како што знае секој што живее на раседната линија, тоа има и опасни ризици. Триењето на двете плочи сигурно ќе ги разниша темелите врз кои е изградена конструкцијата. Ова особено важи за ЕУ, која е изградена на посветеноста на соработка, споделени вредности и владеење на правото. Ако ЕУ помогне во изградбата на паралелна структура што е спротивна на нејзините основни вредности, особено за централното значење на индивидуалните права, таа ризикува да ги потопи своите верувања врз кои се потпира нејзиниот светоглед. Така, Европа на крајот ќе потоне. Решението не е Европа само да ја заземе „страната на Америка“ и да ѝ сврти грб на Кина (тоа, исто така, би било спротивно на европските вредности).

Наместо тоа, ЕУ мора да го послуша повикот на Гутереш да „направи сѐ што е можно за да се одржи универзалниот систем“ во кој сите актери, вклучувајќи ги и Кина и САД, ги следат истите правила. Во таа смисла ветува неодамнешната заедничка изјава на Си и на францускиот претседател Емануел Макрон со која се потврдува нивната силна поддршка за Парискиот климатски договор. Истото тоа важи и за признанието на Европа дека Кина не е само партнер или економски конкурент туку дека е и „системски ривал“. Но ова е само почеток. На Европа ѝ е потребна робусна кинеска стратегија што ги признава длабоките, честопати суптилни предизвици од подемот на земјата, ги ублажува поврзаните ризици и ги искористува релевантните можности. За да се постигне тоа, потребни се перспектива и дисциплина, а нив ги нема во ЕУ, но нема друг избор. Штом Европа престане да ги брани владеењето на правото и демократските вредности, нејзиниот идентитет и нејзината иднина ќе почнат да се распаѓаат.

Авторката е бивша министерка за надворешни работи на Шпанија