Зошто Турција го загрозува проширувањето на НАТО?

Сегашниот негативен став на Турција кон апликациите за членство на Финска и Шведска во НАТО не треба да се гледа како категорична одлука за блокирање на пристапот на двете нордиски земји. Но политичките лидери во Хелсинки, Стокхолм и во Анкара сега мора да ја подготват својата јавност за неизбежен погрешен договор

Една од клучните геополитички последици од специјалната воена операција на рускиот претседател Владимир Путин против Украина е враќањето на тешките безбедносни грижи во европската мејнстрим-политика. Во некои европски земји, како Германија, инвазијата на Путин поттикна посветеност на зголемување на трошоците за одбрана. Во традиционално неутралните Финска и Шведска, порастот на јавната поддршка за членство во НАТО беше проследен со апликации за пристапување во Алијансата. Така, самитот на НАТО во Мадрид на крајот на јуни брзо се трансформира во настан што го најавува понатамошното проширување на Алијансата.
Но за проширувањето на НАТО е потребна согласност од сите земји-членки, а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека неговата земја „не е на поволно мислење“ во однос на шведските и финските апликации. Негативниот став на Ердоган, кој тој го оправда со образложение дека двете земји засолнуваат курдски терористи, го загрозува натамошното проширување на НАТО во време на голема геополитичка неизвесност.
Од друга страна, Турција традиционално ја поддржува политиката на отворени врати на НАТО кон потенцијалните нови членки, а изјавата на Ердоган не треба да се чита како категорична одлука за блокирање на пристапот на двете нордиски земји. Всушност, таа води кон две други отворени прашања.
Прво, ставот на Ердоган ги одразува акумулираните поплаки на Турција во врска со ставот на Шведска кон курдското прашање воопшто и кон сепаратистичката Работничка партија на Курдистан (ПКК) особено. Турција е незадоволна од неодговорноста на шведските власти во однос на активностите на ПКК – ентитет означен од Европската Унија, САД и Турција како терористичка организација – и нејзините органски разграноци во Шведска.

Барањата на Турција шведските власти да ги прекинат активностите за собирање средства и регрутирање на оваа мрежа останаа главно нерешени. Шведска, исто така, згрижи некои политички бегалци за кои турските власти веруваат дека се поврзани со обидот за пуч во јули 2016 година во Турција. Покрај тоа, Финска и Шведска претходно ѝ воведоа ембарго за оружје на Турција поради нејзините прекугранични воени операции во Ирак и Сирија. Турската јавност е добро запознаена со барањата на нејзината влада и има широка меѓупартиска поддршка за ставот на Ердоган.
Тоа нè доведува до втората причина за грандиозноста на Ердоган. Излегувајќи јавно со своето противење на финските и шведските кандидатури, наместо да се одлучи за тивка дипломатија, Ердоган се надева дека ова прашање ќе помогне да се консолидира неговата јавна поддршка. Неговиот рејтинг во анкетите неодамна значително се намали и, со следните претседателски избори по само една година, тој сака да го негува својот имиџ како силен лидер со клучна улога во меѓународната политика.
Вклучувањето на јавното мислење во прашања од меѓународната дипломатија може да послужи за целта на транспарентност. Но тоа, исто така, ја комплицира потрагата по консензус со тоа што ги врзува владите со нивните наведени јавни позиции и го попречува потенцијалот за отстапки и компромиси. Затоа е преоптимистички да се очекува дека несогласувањето ќе биде надминато до самитот на НАТО во Мадрид. Не правете грешка: застојот подразбира растечки ризици за интегритетот на Алијансата и за односите на Турција со Западот.

И покрај напливот на дипломатските активности што следуваа по првичните забелешки на Ердоган, се чини дека досега е постигнат мал напредок. Нејасно е дека Финска и Шведска всушност можат да ги исполнат сите барања на Турција. Тие треба да бидат способни да ги обезбедат бараните гаранции за ригорозно спроведување на домашната антитерористичка легислатива, а со тоа да ги ограничат активностите за собирање средства и регрутирање одредени терористички ентитети. Завршувањето на ембаргото за оружје исто така треба да биде остварливо. Всушност, шведската влада неодамна објави дека нема пречки за извоз на оружје во Турција.
Но за некои други барања на Турција, како што се нејзините барања за екстрадиција, Финска и Шведска можеби нема да можат да понудат цврста обврска. Во уставниот поредок, кој се карактеризира со силна поделба на власта, владите не можат да одлучуваат наместо судските инстанци. Во најдобар случај, Турција и двете нордиски земји можат да се согласат да воспостават поредовен дијалог со кој овие барања може да се поставуваат на поконструктивен начин. Турција, исто така, значително ќе ја зајакне својата дипломатска позиција со видливо зајакнување на владеењето на правото дома, почнувајќи од спроведувањето на одлуките на Европскиот суд за човекови права.

Има дипломатски „грејс-период“ до самитот на НАТО во Мадрид. Но, штом ќе заврши собирот, позицијата на другите членки на НАТО, а особено на САД, може да почне да се зацврстува против Турција. Обвинувањата дека Турција го блокира проширувањето во критичен момент за европската безбедност, а со тоа ѝ помага на Русија, би можеле да добијат гласност. Таквиот исход би бил спротивен на целта на Алијансата и, со изолација на Турција, би можел да го зајакне отпорот на Ердоган.
Избегнувањето на ова сценарио ќе бара од Финска и од Шведска да се посветат на она што е политички изводливо и морално неопходно во заедничката борба против тероризмот. Исто така, ќе бара од Турција да го прифати она што веројатно ќе биде несовршена зделка. Политичките лидери во Стокхолм, Хелсинки и во Анкара сега мора да ја подготват својата јавност за неизбежен погрешен договор.

Синан Улген, поранешен турски дипломат, е директор на аналитичкиот центар ЕДАМ со седиште во Истанбул и визитинг-научник во Карнеги Европа