Светот да не ги повтори неуспесите од 2021 година

Крајот на една година го поттикнува размислувањето за настаните и трендовите што ја обележаа. Во 2021 година, тие ги вклучуваа пандемијата, која неодамна повторно зеде замав со новиот сој омикрон, постепеното влошување на климатските промени, кои го засилија притисокот да се постигне нето нула на штетни емисии, како и геополитичките тензии, особено со ривалството на големите сили.
Колку и да беше тешка 2020 година, таа заврши со причина за надеж. Пристигнаа ефикасните вакцини против ковид-19. САД добија нов претседател што ги препозна заканата на климатските промени и вредноста на американските сојузи. НАТО го развиваше својот нов стратегиски концепт. Ефективната акција за справување со предизвиците со кои се соочуваше Западот се чинеше како реална можност. Сепак, во текот на изминатата година, тие предизвици само ескалираа и се намножија. Невидениот глобален социјален експеримент како резултат на пандемијата, односно воведувањето на карантините, наметна сериозен притисок врз општествата. Продлабочувањето на поларизацијата почна да ги пара шевовите на демократијата. Не помогна тоа што дури и во земјите каде што е цврста либералната демократија, владите презедоа исклучителни овластувања, чии подмолни ефекти веројатно ќе траат долго откако ќе заврши вонредната состојба. Покрај неоспорната психолошка цена на карантините, воочената злоупотреба на моќта може да има трајни последици врз идната јавна поддршка, вклучувајќи ја и перцепцијата на граѓаните за општествениот договор. Поради тоа што ја препозна заканата за демократијата во светот, американскиот претседател Џо Бајден неодамна свика виртуелен самит токму на оваа тема.

На економски план, закрепнувањето беше многу асиметрично, при што некои економии забележаа силен напредок, додека други останаа на вештачка поддршка. Шоковите во снабдувањето и скоковите на цените на енергијата, заедно со новиот бран на забрани за патувања и рестрикции, создаваат ветришта во спротивни правци. Во услови на зголемени финансиски ризици и инфлациски притисоци, политичарите и меѓународните финансиски институции се принудени внимателно да ја одржуваат рамнотежата.
Недостигот од ефективни мултилатерални активности за време на пандемијата, за што очигледен пример беа огромните разлики во пристапот до вакцините, само дополнително го истакна несоодветниот капацитет на глобалниот систем да одговори на заедничките предизвици. Разочарувачката Конференција на Обединетите нации за климатски промени (КОП26) во Глазгов беше само шлагот на тортата.
Опаѓањето на довербата во меѓународната соработка не можеше да се случи во полошо време. Низата виртуелни самити не успеаја да ги намалат тензиите. Новите безбедносни механизми, особено слабата коалиција на четирите главни демократии во регионот на Индопацификот, позната како „Квад“, и одбранбениот договор АУКУС помеѓу Австралија, Велика Британија и САД, немаат јасност на визијата и сеопфатен пристап што е потребен за да се обезбеди стабилност.

Во заднината на случувањата може да се очекуваат уште повеќе асиметрични војни и геополитички превирања во 2022 година. Додека Комунистичката партија на Кина се подготвува за својот 20-ти Национален конгрес во октомври, нејзините лидери веројатно ќе продолжат да нудат соработка за заедничките глобални предизвици како климатските промени. За да преговара од позиција на сила, зацврстувањето на нарушените трансатлантски односи мора да биде висок приоритет за Западот. Меѓутоа, трансатлантските односи ни оддалеку не се тргнати по вистинскиот пат. На Бајден му останува да ја покаже решеноста на неговата администрација да ги обнови трансатлантските односи. Но тешко дека тоа ќе се случи наскоро. Американската политичка традиција налага претседателите да се фокусираат повеќе на надворешната политика во нивниот втор мандат, кога веќе не ги очекува реизбор. Засега, Бајден е преокупиран со својот низок рејтинг, конгресните избори во ноември и можното враќање на Трамп како претседателски кандидат на Републиканската партија во 2024 година.
Затоа, во 2022 година, Европа мора повторно да ги засили напорите за да обезбеди поголема стратегиска независност од САД. Иако зголеменото чувство на ранливост може да помогне да се фокусираат европските умови, успехот нема да дојде лесно и не само затоа што по 16 години со надворешната политика на Европа веќе нема да раководи стабилната рака на долгогодишната германска канцеларка Ангела Меркел.

Меѓутоа, наследникот на Меркел, Олаф Шолц, неодамна се состана со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз и двајцата формално ја потврдија нивната заедничка амбиција да го зајакнат „стратегискиот суверенитет“ на Европската Унија (ЕУ). Но голема е разликата меѓу зборот и делото во Европа, па, така, Франција и Германија можеби повеќе не се главните двигатели на ЕУ. По брегзит, италијанскиот премиер Марио Драги вешто маневрира за да ја позиционира својата земја на централното место.
Колку и да е важно Европа да ја зајакне својата стратегиска независност, таа не смее да им го сврти грбот на САД. Европејците не можат да заборават дека заедничката конструкција е најважниот пример на парадигмата за обезбедување мир преку просперитет и просперитет преку отворена размена. Но таа парадигма е втемелена во издржливоста и тука има малку простор за двосмисленост или пасивност. САД и Европа отсекогаш имале свои разлики и тие нема да се променат. Но двете страни делат заеднички вредности и слични институции, а предизвиците со кои се соочуваат се сложени како никогаш досега. Искрената интроспекција, вклучувајќи го и признавањето на самите демократски неуспеси на Западот, е неопходна за да се чекори напред заедно, а реализмот налага дека така треба да се постапи.

Авторката е поранешна министерка за надворешни работи на Шпанија, а сега е гостинка предавачка на универзитетот „Џорџтаун“.