Ставовите на Мајкл Смеркорниш од Си-ен-ен и на Роџер Вотерс од „Пинк флојд“ за најакту елните светски прашања

Мајкл Смеркорниш
Кажете ми, накратко, кој е вашиот став за пандемијата на ковид-19.

Роџер Вотерс
– Пандемијата е интересно прашање, но веројатно не е нешто во што треба да навлеземе детално. Но мотивацијата што стои зад луѓето што ги носеа одлуките за справување со пандемијата, особено во САД, се базираше на она на што, всушност, сè се базира, а тоа е профитот, а не на потребите на народот. Токму затоа има милиони починати, а во Кина таа бројка е драстично помала.

Мајкл Смеркорниш
Но никогаш не можеме да им веруваме на нивните бројки.

Роџер Вотерс
– Не е точно. Не продавајте ми глупости за старата пропаганда за Русите и за Кинезите.

Мајкл Смеркорниш
Дали верувате во сè што Кинезите ќе соопштат во однос на смртноста од ковид-19?

Роџер Вотерс
– Верувам во она што го кажуваат луѓето со неутрален став за она што се случува. Од каде вие ги добивате вестите и не велете ми дека имате меродавни содржини на Си-ен-ен?

Мајкл Смеркорниш
Јас гледам да сум непристрасен.

Роџер Вотерс
– Како знаете од каде ги добивате информациите?

Мајкл Смеркорниш
Не заработувам од зборување, туку од читање. Само консумирам вести и се водам според тоа дека секогаш можете да го промените телевизискиот канал и да следите повеќе медиумски избори, зашто во спротивно нема да ја добиете вистинската приказна.

Роџер Вотерс
– Тоа е одлично и ви посакувам среќа со таа теорија, ако го потрошите вашето време во читање содржини што ги пренесуваат „Фокс“, „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“, како и другите слични медиуми. Од неодамна и „Ролинг стоун“ не сака повеќе да пишува за реални приказни. На пример, повеќе не сакаат да зборуваат со мене, мислам дека тоа е малку повеќе поврзано со мојот активизам отколку со мојата улога во музиката.

Мајкл Смеркорниш
Пред неколку години ме прекоривте затоа што водевме сличен разговор и имав неколку различни политички гледишта од вас, на што вие одговоривте дека не сум обрнал доволно внимание, затоа што сте биле човек што секогаш испраќа иста порака.

Роџер Вотерс
– Вие немавте проблем со тоа, нели?

Мајкл Смеркорниш
Со некои од вашите пораки се согласувам, а со некои не, но токму тоа е слободата.

Роџер Вотерс
– Имам само една порака. Двајца странци се разминуваат на улица и случајно разменуваат погледи и ако се видат себеси во туѓите очи, тогаш токму тоа е мојата порака што е иста како онаа од минатото. Ја сфаќам вашата човечност, но ги сфаќам и сите Руси, Кинези, Украинци, Јеменци, Палестинци, Германци, Французи, Шпанци, Еквадорци, Перуанци и Колумбијци. Меѓу другото, честитки за Колумбија, која конечно доби претседател што не е под силно влијание на американските бизнисмени и можеби колумбискиот народ конечно ќе може да живее нормално.

Мајкл Смеркорниш
За време на настапите на вашата турнеја се прикажува монтиран видеоматеријал за воени злосторници, според вас, и очигледно се прикажува фотографија од американскиот претседател Џо Бајден на екранот, под која пишува дека „само што почнува“. Што значи тоа?

Роџер Вотерс
– Како прво, претседателот Џо Бајден го подгрева огнот во Украина, а тоа е тешко злосторство. Зошто САД не го охрабрат украинскиот претседател Зеленски да преговара и да објасни зошто токму тој ги одобри и се согласи за Договорите од Минск, откако беше избран на таа позиција од 73 отсто од украинскиот народ што остана со право на глас? Потоа, некој му шепна на уво или целосно го промени својот став за склучување мир во регионот Донбас, за зацврстување на Договорите од Минск и помирување со соседна Русија и избегнувајќи ја потребата за страшната и грозоморна војна во која гинат луѓе на двете страни.

Мајкл Смеркорниш
Но вие ја обвинувате страната што е цел на инвазијата. Обратно ја претставувате состојбата.

Роџер Вотерс
– Секоја војна кога почнува треба да ја погледнете историјата. Оваа војна практично е за акцијата и реакцијата на притисокот на НАТО да се прошири до руските граници, а всушност вети дека нема да го направи тоа кога Горбачов преговараше за повлекувањето на СССР од Источна Европа. Тој рече дека неговата држава го прави тоа под услов НАТО да не се приближи ни сантиметар до руските граници, а максимумот да биде Источна Германија. Вие, Американците, се согласивте на тоа. Американскиот политиколог Мершајмер ја истакнува токму опасноста од непочитување на дадениот збор од 1980-тите години. Зошто САД сега не тужат за мир? Не се грижат ли за Украинците? Зошто дозволуваат да продолжи војната кога уште утре може да заврши ако Бајден се заложи и заземе цврст став да ѝ стави крај уште веднаш.

Мајкл Смеркорниш
Војната ќе заврши со тоа што Путин ќе го заземе Донбас и сè што сака во источна Украина. Мора да го критикувате Путин пред да продолжиме понатаму. Имам роднини токму во регионот Донбас.

Роџер Вотерс
– По незаконскиот и американски поттикнат државен удар во 2014 година, во кој беше отстранета демократски избраната влада на Украина, Русите јасно го искажаа својот став како се чувствуваат. Карактерно сум доволно храбар и многу отворен да кажам дека со она што Алдоус Хаксли го напиша во својата книга „Храбар нов свет“ во 1929 година и со она што Џорџ Орвел го напиша во „1984“ во 1948 година, како и ставовите на американскиот претседател Двајт Ајзенхауер од 1961 година, нè предупредуваа со право за дистопијата што ни претстои. Тие беа целосно во право што нè предупредуваа за тоа што може да се случи ако ние, како народ, дозволиме контролата да падне во рацете на Пентагон, како што Ајзенхауер кажа, или на неконтролираниот капитализам, затоа што крајниот резултат е ист. Целата моќ се концентрира онаму каде што се парите. Токму таму лежи моќта во вашата држава сега. За среќа, има држави во светот каде што целата моќ не се наоѓа некаде. Туку ние, народот, мора да бидеме единствени, да се потрудиме и да ја поттикнеме можноста за народот да има некаква моќ.

Мајкл Смеркорниш
Би сакал да се повикам на еден цитат од весникот „Џуиш индипендент“: „Дали целосно можете да уживате во творештвото на Вотерс ако не се согласувате со неговите ставови?“ Авторот на прашањето одговора позитивно. На концертите има мошне доста музичка, визуелна и политичка содржина со која целата публика се согласува. На крајот, претпоставувам сè се сведува на тоа.

Роџер Вотерс
– Мило ми е што авторот го вели токму тоа, затоа што тоа покажува дека правиме напредок, колку и да е тешко. Трикот е во тоа што, наедно е и дел од мојата работа, особено во контекст на целото израелско-палестинско прашање со кое некои Евреи имаат проблем, други, пак, не, но сите ние, без разлика дали сме или не сме Евреи, се враќаме или јас секогаш се враќам на оваа мала платформа, која и не е толку мала, а станува збор за Универзалната декларација за човекови права потпишана во Париз во 1948 година, донесена од Генералното собрание на Обединетите нации. Вие одлучувате дали ќе ги почитувате тие 30 члена или не. Не може вие да избирате што од нив ќе почитувате, а што не. Или ова важи за сите нас, како браќа и сестри, без разлика на етничка, верска или национална припадност или за никого не важи. Не можете да кажете дека ние заслужуваме човекови права, но некој друг не. Тоа би било дискриминација. Во светот постојат верска дискриминација, расна дискриминација и политичка дискриминација. Декларацијата е многу важен документ, делумно, како што знаеме, напишана од Еленор Рузвелт, која имала значаен удел во нејзиното составување во 1948 година. Така што, би сакал да му се заблагодарам на авторот за написот во весникот „Џуиш индипендент“ за искреноста, но јас ќе се придржувам до декларацијата додека сум жив и ако успеам да дочекам длабока старост, дури и тогаш ќе го почитувам тоа што е напишано во 1948 година во Париз. Давам поддршка за неа заедно со сите мои браќа и сестри во светот, без разлика на сето тоа што претходно го набројав, а има милијарди од нив во глобалниот Југ, во сиромашните земји, во земјите од Третиот Свет, кои биле угнетувани во последните 500 години, откако ние, Европејците, почнавме да се шириме во светот и да се обидуваме сè да украдеме од нив. Токму тоа го правевме, вклучувајќи и тука во САД. За ова не се зборува и не се учи во вашите училишта, очигледно.

Мајкл Смеркорниш
Кога го велите ова, морам да прашам што е со нашата улога како ослободители?

Роџер Вотерс
– Вие немате улога на ослободители.

Мајкл Смеркорниш
Но што е со Втората светска војна? Го загубивте вашиот татко, кој се бореше во неа.

Роџер Вотерс
– Вие влеговте во Втората светска војна заради Перл Харбор. Вие целосно го почитувавте изолационистичкиот пристап сè додека не се случи тој тажен и катастрофален чин.

Мајкл Смеркорниш
Тврдам дека ние секако ќе се вклучевме, а токму тој настан нè втурна во војната. Но добро е што САД се вклучија во војната. Вие го загубивте вашиот татко во војната.

Роџер Вотерс
– Благодарен сум им на Русите што веќе ја извојуваа победата во војната речиси дотогаш кога САД се вклучија. Но не заборавајте дека 23 милиони Руси го дадоа својот живот за да ве заштитат вас и мене од нацистите.

Мајкл Смеркорниш
Вие мислите дека ако Русите ја научија тогаш лекцијата од војната, немаше сега да извршат инвазија на Украина?

Роџер Вотерс
– Би сакал да ви предложам, бидејќи многу читате, да одите да прочитате нешто повеќе и да размислите што би направиле САД ако Кинезите постават нуклеарен арсенал во Мексико и во Канада.

Мајкл Смеркорниш
Кинезите се премногу зафатени со опколување на Тајван додека се одвива нашето интервју.

Роџер Вотерс
– Тие не го опколуваат Тајван. Тајван е дел од Кина и тоа е општоприфатено од целата меѓународна заедница уште од 1948 година. Ако не го знаевте тоа, тогаш не читате доволно. Затоа одете и прочитајте нешто повеќе за тоа.

Мајкл Смеркорниш
Дали постигнавме некакво решение со разговорот?

Роџер Вотерс
– И решивме, и не решивме. Вие верувате во вашата пропаганда, во пропагандата на вашата страна. Во однос на Тајван, не можете да разговарате за човекови права без да бидете добро потковани и начитани за тоа.

Мајкл Смеркорниш
Но, Роџер, Кинезите се на првото место по кршење на човековите права. Зошто секогаш се обвинува Западот?

Роџер Вотерс
– Кинезите не го нападнаа Ирак и не убија милиони во 2003 година. Всушност, колку што паметам, Кинезите не беа тие што напаѓаа, убиваа и колеа.

Мајкл Смеркорниш
Тие го правеа тоа на сопствениот народ.

Роџер Вотерс
– Не е точно, тоа е чиста лага. Треба да одите и да прочитате содржини што точно ја прикажуваат состојбата.

Мајкл Смеркорниш е водител на телевизиска програма на Си-ен-ен, писател и јавен говорник Роџер Вотерс е музичар, композитор и еден од основачите
на култната рок-група „Пинк флојд“