Сиромашните деца да се заштитат од претстојната криза со храна

Руската воена операција во Украина се заканува да предизвика поголемо нарушување на светскиот систем на храна со драматично зголемување на цената на основната храна и енергијата потребна за нивно транспортирање. Од регионот на Црно Море се извезуваат најмалку 12 отсто од светската храна, така што прекинувањето на пристапот до неа ќе има далекосежни ефекти. Цените на храната веќе растеа како резултат на постпандемиската нерамнотежа на пазарот и притисоците во синџирот на снабдување, заедно со загубите на производство поврзани со климатските промени. До крајот на минатата година, кризата на светскиот пазар за пченица и пченка ја зголеми инфлацијата на храната во Супсахарска Африка за 11 отсто. Сега, сиромашните земји се соочуваат со нов шок во време кога имаат малку простор да се приспособат на него.

Дури и пред економската криза предизвикана од пандемијата, ранливите домаќинства во земјите во развој издвојуваа голем дел од нивниот буџет за храна. Дополнителното зголемување на цената на храната може да доведе до тоа децата во овие домаќинства да претрпат значителни и неповратни загуби во исхраната. Тие би можеле да одат на училиште гладни или дури и да го напуштат училиштето, за да помогнат во дополнувањето на приходот на нивните семејства. Со оглед на огромните загуби во учењето што ги претрпеа децата во земјите со низок и среден приход поради затворањето на училиштата поврзани со пандемијата, секое дополнително нарушување може да има катастрофални последици.

За среќа, повеќето земји имаат испробана алатка за заштита на најранливите деца во овие околности. Програмите за училишни оброци се сметаат за најголема мрежа за социјална заштита во светот. Пред пандемијата, со ваквите програми беа опфатени 388 милиони деца во 161 земја. Постојат широки докази дека обезбедувањето училишни оброци е важна алатка за задржување на сиромашните и ранливите деца во училиштата во области со небезбедна храна. Ова е точно дури и за време на системски шокови што можат да влијаат на севкупните резерви на храна. Многу земји во развој ја препознаа вредноста на училишните оброци како инструмент за социјална заштита кога светските цени на храната пораснаа по светската финансиска криза во 2008 година. Во текот на изминатата деценија, сè поголем број земји со ниски и средни приходи ги вклучуваа училишните оброци во нивните национални буџети како исплатлив начин за подобрување на здравствените и образовните резултати на учениците.

Во контекст на порастот на цените на храната и горивата, купување храна на големо и приготвувањето оброци во училиште може потенцијално да генерира економии на обем и ефикасност што придонесуваат за севкупните намалувања на трошоците. Земјите изложени на негативните ефекти од сегашните превирања на пазарите на храна и енергија мора да работат на зајакнување на таквите програми. Но доставувањето хранливи училишни оброци за значителен дел од ученичката популација постојано може да биде премногу скапо за земјите со ограничени ресурси. Груба пресметка заснована на податоци од Светската фондација за детска исхрана покажува дека за да се прошири опфатот на програмите за училишни оброци во земјите со ниски и средни приходи до сегашното светско средно ниво, може да биде потребен еквивалент од пет отсто од вкупниот образовен буџет на земјата.

Една од првите активности што земјите можат да ги преземат за да ги стабилизираат и да ги прошират програмите за училишни оброци е да ја подобрат ефикасноста и да обезбедат одговорност во постојните планови. Земјите во развој доживеаја многу благородни иницијативи од јавниот сектор, кои започнаа со големи ветувања, за на крајот да подлегнат на лошото управување и нарушената јавна доверба. Програмите за училишна оброци вклучуваат обемни јавни набавки, област во која многу земји во развој имаат значителни слабости. Затоа, за да помогнат во одржувањето на организацискиот и финансискиот интегритет, службениците треба да се обврзат дека таквите програми ќе бидат подложни на рутински независни ревизии. Ефективното целење е исто така од клучно значење, особено во време кога светските цени се високи и придобивките од оптимизирањето на постојните ресурси може да бидат ограничени. Згора на тоа, обидите за пребрзо проширување на програмите за училишна оброци може да завршат со оптоварување на финансиските и организациските капацитети, поткопувајќи ги постојните операции.

Поттикнувањето на владите да ги подобрат своите програми за оброци во училиштата треба да се усогласи со поддршка од развојните партнери за да се обезбеди финансиска помош, особено во однос на претстојната должничка криза што им се заканува на голем број земји. Во моментов, националните буџети на многу земји со ниски и средни приходи се оптоварени со плаќања за услуги на долгови, кои во некои случаи трошат речиси половина од вкупните владини приходи. Во овие околности, програмите како што се училишните оброци често се првите што се елиминираат или намалуваат. Еден начин меѓународната заедница да им помогне на земјите што се борат со двојната криза на инфлацијата на храната и прекумерниот долг е да промовира размена на долг за развој. Таа може да биде моќна алатка за олеснување на долгорочната распределба на повеќе ресурси за програмите за училишни оброци во високозадолжените земји.

Додека геополитичките кризи и климатските катастрофи доминираат во насловите, цела генерација сиромашни и ранливи деца на некои места се далеку од центарот на вниманието. Задржувањето на овие деца на училиште и обезбедувањето хранлив оброк е најмалку што може да направи светската заедница за да ги подготви за неизвесната иднина.

Бинијам Бедасо

Авторот е истакнат истражувач во Центарот за светски развој