Пандемиската обнова треба да се гради и врз зелениот консензус

Иако украинската криза ги полни насловните страници на светските медиуми, сепак ковид-19 продолжува да предизвикува социоекономски хаос низ целиот свет. Пандемијата однесе повеќе од шест милиони жители, втурна 124 милиони луѓе во екстремна сиромаштија и го попречи напредокот кон постигнување на целите за одржлив развој до 2030 година. За среќа, околу пет милијарди луѓе досега примија барем една доза од вакцината против ковид-19, а Светската здравствена организација (СЗО) и „Гави“ поставија цел да вакцинираат 70 отсто од луѓето во сите земји до јули оваа година.
Пандемијата и нејзините трајни последици и натаму ќе бидат на врвот на листата на итни прашања што треба да се решат, заедно со климатските промени. Ефектите на климатската криза веќе секојдневно се чувствуваат, како што покажува шестиот извештај за процена на Меѓувладиниот панел за климатски промени. Неодамна екстремни температури и суши ги опустошија Западна Азија и Северна Африка додека зголемувањето на нивото на морето им се заканува на многу островски држави и ниски земји. Научниците сега предвидуваат дека со сегашниот начин на функционирање на светот, во споредба со прединдустриските нивоа, просечните светски температури ќе се зголемат за катастрофални три-четири Целзиусови степени до крајот на векот. За да се одржи глобалното затоплување на релативно побезбедно ниво од под 1,5 Целзиусов степен, јаглеродните емисии ќе треба да се намалат за 45 отсто (од нивоата од 2010 година) до 2030 година, а потоа до нето нула до 2050 година.

Сега, кога знаеме дека омикрон е помалку смртоносен од претходните варијанти на коронавирусот, треба да се искористи моментот за да се работи на динамиката што се наметна лани во ноември на климатскиот самит КОП26 во Глазгов. Светот треба да подготви план за закрепнување што ќе биде поширок од одговорот на пандемијата, така што ќе започне и да се справува со климатските промени. Обновата треба да ги опфати и зелените политики. Едно од предложените решенија е формирањето светска алијанса за зелен водород што ќе обезбеди поефикасни и еколошки методи за производство на водород.
Правичната и инклузивна обнова бара повеќе од обични инвестиции во човечки капитал, особено надградувањето на вештините на работниците, како и акцентот на поддршката за луѓето што се најмногу изложени на ризик. Процесите на планирање треба да даваат предност за јавните и приватни финансирања на активности и инфраструктури со ниска потрошувачка на јаглерод, кои имаат најголем потенцијал да генерираат работни места за младите и другите ранливи групи што се соочуваат со предизвиците за вработување.
За да се осигуриме дека обновата ги поддржува здравјето и благосостојбата, потребен ни е светски фонд за социјална заштита, за да им помогне на владите на земјите во развој во обезбедувањето соодветни социјални програми. Таквиот фонд ќе ги зајакне напорите за координација и ќе ги мобилизира внатрешните и надворешните ресурси што ќе обезбедат заштита од економските шокови, вклучувајќи ги оние предизвикани од еколошки катастрофи поврзани со климатските промени.

Конечно, за да го реализираме потенцијалот на дигитализацијата за унапредување на обновата, треба да промовираме големи инвестиции во инфраструктурата на информатичката и комуникациската технологија, како за подигнување на дигиталната еднаквост, така и за искористување на економскиот, здравствениот и еколошкиот потенцијал на новите технологии. Меѓународните институции и влади треба да соработуваат со деловниот сектор за да обезбедат ефективно и доверливо поврзување, вклучувајќи и преку насочени инвестиции во стабилна дигитализација на повеќето (ако не и сите) јавни услуги.
Во текот на следните седум месеци ќе се одржат неколку значајни меѓународни состаноци, од кои секој ќе даде можност да се преземат чекори кон заедничко закрепнување. Но обединувањето на владите, деловниот сектори и граѓанското општество зад една кохерентна, репрезентативна и одржлива светска стратегија за имплементација ќе бара кулминациски состанок. Токму затоа повикуваме на Самитот за зелена обнова по пандемијата, кој ќе биде организиран од ООН и Г20. Дводневниот настан, темпиран да се совпадне со годишното Генерално собрание на ООН во септември, ќе помогне да се осигури дека политичките лидери на највисоките нивоа ќе се заложат за одржлив и правичен социоекономски развој во ерата по ковид-19. Државите што потрошија илјадници милијарди долари за време на пандемијата покажуваат дека има достапни финансиски алатки за справување со сериозните предизвици. Потребни се политичка волја, креативни пазарни иницијативи и практичен план со јасни цели, временски рокови и идеи за програми.

Тука можат да помогнат ресурсите од поврзаните иницијативи. Агендата за одржлив развој за 2030 година, партнерството за изградба на подобар свет и зелените договори на национално ниво генерално се усогласени со нивните клучни цели.
Луѓето и земјите, разбирливо, сè уште се фокусирани на пандемијата и стравот дека човештвото се доближува до точката од која нема враќање во однос на климатските промени, украинската криза и другите светски закани. За среќа, постојат мултилатералните институции што се потребни за градење на светскиот политички консензус за справување со овие паралелни кризи. Затоа, ние сега мораме соодветно да ги искористиме овие алатки.

Автори: Лолва ал-Катер е помошник-министерка за надворешни работи во катарското министерство за надворешни работи. Брајан Финли е претседател и извршен директор на центарот „Стимсон“