НАТО мора да се подготви за долг конфликт во Украина

Треба да се биде реален и да се сфати дека случувањата може да траат долго, со месеци, па дури и со години

Сојузниците на НАТО мора да планираат за можноста војната во Украина да трае со месеци или дури со години, предупреди генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Тој ги даде своите забелешки додека министрите за надворешни работи на НАТО се сретнаа во Брисел за да разговараат за тоа како најдобро да се поддржи Украина додека руските трупи се прегрупираат и Москва го подготвува својот следен чекор, како и на неодамнешниот младински самит во седиштето на ЕУ. Говорејќи пред новинарите, Столтенберг истакна дека „конфликтот влегува во критична фаза“. Затоа, според него, треба да се биде реален и да се сфати дека случувањата може да траат долго – неколку месеци, па дури и години. Притоа, тој истакна дека Алијансата мора да биде подготвена за ова и кога станува збор за поддршка на Украина, со одржувањето на санкциите и со зајакнување на одбраната на НАТО.
– Мораме да бидеме подготвени долгорочно. Апсолутно постои можност дека оваа војна ќе се развлече и ќе трае со месеци и со години – кажа Столтенберг, додавајќи дека Западот ќе продолжи да врши максимален притисок врз рускиот претседател Владимир Путин, за тој да стави крај на воените дејства во Украина, преку економски санкции, како и со воена помош за Киев.
Од почетокот на руската воена интервенција кон крајот на февруари, сојузниците на НАТО обезбедуваат широк опсег на поддршка за Украина, вклучувајќи и оружје, притоа задржувајќи ја позицијата дека ниту еден авион или војска на НАТО нема да влезе на украинска територија. Сега, Алијансата е под зголемен притисок да ѝ понуди повеќе оружје, тенкови, па дури и авиони на Украина.
– НАТО-сојузниците се подготвуваат да дадат поддршка во текот на долг временски период, како и да ја помогнат транзицијата на Украина од опремата од советската ера до помодерните оружја и системи по стандардите на НАТО, за кои е потребна поголема обука – истакна Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО, исто така, неодамна соопшти дека Финска и Шведска ќе бидат прифатени со раширени раце доколку одлучат да му се приклучат на воениот сојуз, во кој членуваат 30 нации, и може да станат членки доста брзо. Забелешките на Столтенберг дојдоа откако јавната поддршка во Финска и во Шведска за членството во НАТО почна да се зголемува како одговор на руската специјална операција во Украина. Медиумските шпекулации во двете земји сугерираат дека двете држави можат да бидат примени во Алијансата во средината на месецов.
Столтенберг истакна дека „сепак се работи за одлука на двете скандинавски држави, но ако решат да поднесат барање за членство, Финска и Шведска ќе бидат топло добредојдени и се очекува тој процес да тече брзо“. Тој не наведе прецизна временска рамка, но посочи дека двете земји би можеле да очекуваат некаква заштита доколку Русија се обиде да ги заплаши од моментот кога ќе бидат поднесени нивните барања за членство до формално приклучување. Генералниот секретар на НАТО рече дека е „уверен оти постојат начини да се премости тој привремен период со решение што би било доволно добро и би функционирало како за Финска така и за Шведска“.
Според договорот за колективна безбедност на НАТО, Алијансата гарантира дека сите земји-членки мора да му помогнат на секој сојузник што е нападнат. Столтенберг додаде дека многу сојузници на НАТО сега ветија и обезбедија вкупно најмалку осум милијарди долари воена поддршка за Украина.

Пред да започне воената операција во Украина, рускиот претседател Владимир Путин побара НАТО да престане да се шири на Исток и да ги повлече своите војници од границите на Русија. Така, изгледите за соседните Финска и Шведска да се приклучат на трансатлантската алијанса, веројатно, нема да бидат добредојдени во Москва.
Финска има историја полна со конфликти со Русија, со која дели граница долга 1.340 километри. Финците учествувале во десетици војни против нивниот источен сосед, со векови како дел од шведското кралство и како независна нација, вклучувајќи и две што се бореле со Советскиот Сојуз од 1939-40 и 1941-44 година. Меѓутоа, во повоениот период, Финска продолжи со прагматични политички и економски врски со Москва, останувајќи воено неврзана и неутрална, тампон помеѓу Истокот и Западот. Шведска повеќе од 200 години избегнуваше воени сојузи, избирајќи пат на мир по вековните војни со соседите.
Двете земји ставија крај на традиционалната неутралност со пристапувањето во Европската Унија во 1995 година и продлабочувањето на соработката со НАТО. Сепак, мнозинството луѓе во двете земји останаа цврсто против полноправно членство во Алијансата, барем досега.

Текстот е составен од неодамнешните изјави на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг