Казахстан и цената на Руската Империја

Падобранците од руската елитна бригада „Спецназ“, ударната трупа на руската армија, стигнаа во Казахстан со задача да ги потиснат насилните национални демонстрации против режимот во земјата, со кој Кремљ одржува пријателски врски. Оваа акција се случува во време кога руските војници веќе се стационирани во близината на границата со Украина и само 15 месеци откако руската стрелечка бригада интервенираше за да стави крај на борбите помеѓу Ерменија и Азербејџан во Нагорно Карабах. Дали Владимир Путин навистина се обидува да ја обнови Руската Империја?
Секако, невозможно е со сигурност да се знае што имаат на ум во Кремљ. Но без оглед на намерите на Путин, неговите постапки кобно ја поткопуваат идејата што пред 30 години беше основа на создавањето на Руската Федерација.
Во денешно време, првиот постсоветски претседател на Русија, Борис Елцин, ретко се отвора како тема на разговор. Кога Русите го спомнуваат, најверојатно се потсетуваат на неговото прекумерно консумирање алкохол или, што е уште поважно, на инфлацијата и сиромаштијата што се провлекуваа низ руската транзиција кон пазарна економија. Веројатно и не му оддаваат заслуга за длабок историски увид.
Оној што ги препозна монументалните трошоци за одржување на советската империја беше токму Елцин. Тие трошоци придонесоа за осиромашување на Русите и нивно чмаење во затворот на сопствената полициска држава. Само со ослободување од овие трошоци – преку распуштање на империјата и формирање слободна пазарна економија – Русија можеше да обезбеди ослободување и просперитет за својот народ.
Меѓутоа, на 31 декември 1999 година, точно на полноќ, Елцин можеби самиот ѝ пресуди на сопствената визија. Човекот кому таа ноќ тој му ја предаде власта, се чини дека сега е решен да го занемари неговиот најдлабок историски увид. Иако Путин можеби не сака буквално да ја обнови Руската Империја, сепак изгледа дека е решен да воспостави суверена власт во поранешните советски републики. Ова е една многу скапа задача.

Останува нејасен прецизниот удел на советскиот БДП, наменет за одржување на империјата. Меѓутоа, со оглед на барањата на индустриското производство и советскиот военоиндустриски комплекс – кои заедно „влечеа“ до 80 отсто од вкупните државни даночни приходи – со сигурност може да се каже дека Советскиот Сојуз не можеше да си дозволи, на пример, субвенции за непродуктивните фабрики во изолираните области на своите составни држави. Патем, воопшто и да не ја спомнуваме цената платена во империјална крв, особено во годините по инвазијата на Авганистан во 1979 година.
Овие трошоци паднаа на грбот на обичните Руси, кои се бунеа што мора да ги плаќаат, токму како што тоа го правеа британските, француските и австро – унгарските граѓани во време на процут на нивните империи. Но истото тоа не може да се каже и за нивните властодршци. Почнувајќи од царевите, па сè до Ленин и Сталин, руските водачи речиси без исклучок веруваа дека цената на империјата е оправдана. Ова делумно може да биде израз на одредена идеологија.
Како што забележа славниот палестински научник Едвард Саид, секоја империја „си кажува себеси и на целиот свет дека е поразлична од сите други империи, а дека нејзината мисија не е да ограбува и контролира, туку да образова и ослободува“. И Русите го имаат кажано речиси истото за својата империја, особено кога дискутираат за Белорусите и нивните „мали браќа“ во Украина.
Доколку руските лидери навистина веруваа во „цивилизациска мисија“, тогаш уште посилно веруваа дека империјата ја зајакнува националната безбедност. Но историјата раскажува поинаква приказна. Во суштина, империјалната контрола брзо води до пречекорувања, моќта ја прави помалку безбедна, а го забрзува и колапсот на самата империја.
За Русија, трошоците за амбициите на Путин растат сè повеќе. Земете ги предвид воените издатоци на земјата, кои пораснаа од 3,8 отсто од БДП во 2013 – годината пред рускиот напад на Украина, анексијата на Крим и поддршката за сецесионистичките сили во источните региони Доњецк и Луганск – на 5,4 отсто во 2016 година. Додека во 2017 и 2018 година воените расходи се намалија, сега тие повторно растат. Со руски трупи стационирани во окупираната грузиска област Абхазија, отцепениот молдавски регион Транснистриа, Нагорно Карабах, Казахстан, Киргистан и во Белорусија, ова не е никакво изненадување.

Уште потешко е да се измерат стратегиските трошоци на империјата, кои Путин не сака да ги признае. Империјалната агенда на Кремљ – особено анексијата на Крим – ја доведе во прашање спогодбата во Евроазија од времето по Студената војна, за територијата од Балтичко до Берингово Море. Другите светски сили – особено САД и Кина – силно се вложуваат во одржување на ситуацијата „статус кво“, која Путин настојува да ја наруши.
Спогодбата по Студената војна им овозможи на владите да ги пренасочат ресурсите од воените буџети кон социјалните програми. Мировната дивиденда не само што ја овозможи руската економска транзиција туку го поддржа и долгиот економски процут на Западот, кој беше завршен со финансиската криза во 2008 година.
Сепак, најголемата корист ја извлече Кина. Да се потсетиме – пред 40 години, огромни војски беа позиционирани по должината на кинеско-советската граница, а илјадници руски нуклеарни боеви глави беа свртени кон кинеските градови. Оттука, крајот на Студената војна ѝ овозможи на Кина да ги пренасочи ресурсите кон сопствен економски развој и намалување на сиромаштијата. Успехот на Кина на овие две полиња зборува сам за себе.
Зад кулисите на сево ова, ви доаѓа да се запрашате како кинескиот претседател Си Џинпинг гледа на руската интервенција во Казахстан – чија граница со Кина е долга 1.800 километри – особено во светлината на поранешните коментари на Путин, со кои тој ја минимизира историјата на државната независност на Казахстан (тој покажа сличен презир и кон независноста на Белорусија, балтичките држави и Украина).
Домашните трошоци – како и анкетите на аналитичкиот независен центар Левада во Москва, кои сугерираат дека мал број Руси се подготвени да го менуваат својот животен стандард за подобрен глобален статус – би требало да бидат доволно убедливи за Путин да се откаже од своите империјални амбиции. Ако не успеат тие, тогаш можноста за ново разгорување на ривалството со Кина треба да заврши работа. Но ова ни оддалеку не гарантира дека Путин ќе донесе разумна одлука. Тој уште сега ги игнорира лекциите од сопствената руска историја.

Авторката е професорка по меѓународни односи во „Њу скул“ во Њујорк, САД