Какви поуки можат да извлечат демократиите од пандемијата

Повеќе од две години ковид-19 одземаше животи, ја уништуваше егзистенцијата, ги нарушуваше секојдневните рутини и доминираше во политичката дискусија низ целиот свет. Како што завршува акутната фаза на пандемијата, мораме да го оцениме она што ковид-19 го откри за капацитетите на демократските системи да реагираат на такви кризни состојби.
Може да се извлечат неколку лекции од кризата, која доведе до над шест милиони загубени животи и предизвика најдлабока рецесија од Втората светска војна. Во текот на изминатата година, Светската комисија за демократија и кризни состојби како дел од Мадридскиот клуб ги собра поранешните шефови на држави и влади, еминентни експерти и лидери на граѓанското општество од целиот свет за да разговараат за тоа што сè се научи од пандемијата и како земјите можат да се подготват за идните кризи.
Како што никој не стапнува во иста река двапати, така ниту една земја никогаш не ја доживува истата катастрофа двапати. Но од суштинско значење е да се извлечат поуки од една криза за да може подобро да се пречека следната. Иако пандемиите се ретки, епидемиите, природните катастрофи, финансиските кризи и индустриските несреќи редовно се случуваат. Владите, законодавните тела, судските институции, граѓанското општество и меѓународните организации мора да бидат подготвени за да промовираат отпорност во услови на криза.
За почеток, владите мора да го подигнат статусот на подготвеност за кризни состојби и да соработуваат со своите колеги за да ја прифатат радикалната транспарентност, да ги поддржат одговорното новинарство и медиумите, да промовираат дигитална писменост и да соработуваат со граѓанските организации за разоткривање на дезинформациите, особено на интернет.

Тие треба да остварат соработка со технолошките компании за да ги решат проблемите што потекнуваат од дигиталната средина и да го зголемат пристапот до дигиталните ресурси. И со оглед на тоа што пандемијата откри сериозни пропусти во системите за безбедност, тие исто така мора да се залагаат за подобра заштита на ранливите малцинства, жените и младите.
Всушност, владините лидери треба да ги мобилизираат сите достапни алатки на фискалната политика за да ја зајакнат демократската отпорност и да ја подобрат еднаквоста. Ова вклучува не само проширување на даночната основа за борба против даночната евазија туку и удвојување на напорите за борба против корупцијата. Во исто време, законодавните тела треба да го оценат одговорот на нивните влади за ковид-19 и да препорачаат мерки за подобрување на перформансите во идните кризни состојби. Тие треба да ја разгледаат правната рамка на нивната земја за да се осигурат дека начинот на кој соодветно се дефинираат кризните состојби ги одразува тековните ризици и дека уставните одредби за прогласување кризна состојба обезбедуваат доволно заштитни мерки за да се ублажи ризикот од злоупотреба на моќта.
Законодавните тела, исто така, мора да се погрижат нивните планови за подготвеност на кризи да бидат доволно широки за да овозможат ефективен надзор за време на идните кризи. Овие планови треба да вклучуваат флексибилни правила на законодавна процедура и да ги прифатат дигиталните технологии за промовирање на отпорноста и да го поттикнат учеството на граѓаните. Судските институции, од своја страна, мора да се погрижат дека владеењето на правото ќе го води одговорот на демократијата во идните кризни состојби. Кога ќе заврши пандемијата, судовите ќе бидат повикани да ги испитаат дејствата на владите според критериумите на неопходност, пропорционалност, процедурална правичност и почитување на основните права. Судовите мора да се погрижат нивните планови за подготвеност за кризни состојби да дозволуваат брз судски надзор во време на криза.

Граѓанското општество и медиумите носат најголем дел од одговорноста во една демократија за спречување на ширењето дезинформации. Тие, исто така, имаат моќ да ги донесат прашањата во центарот на вниманието и да дејствуваат како катализатор на политики за кризни состојби, кои подобро ќе се ангажираат и ќе ги задоволуваат потребите на недоволно застапените групи. Во подготовката за идни кризни состојби, граѓанските организации треба да се залагаат за поголем јавен дијалог за критичните ризици и превентивни активности.
Конечно, мултилатералните организации имаат клучна улога преку координирање на научените лекции од земјите-членки и зајакнување на заедничките вредности. Меѓународните механизми за следење на човековите права можат да послужат како рамка за поддршка на основните права во одговорот на земјите со кризни состојби. Регионалните тела што имаат инструменти за заштита на демократијата и владеењето на правото меѓу нивните земји-членки треба да размислат за тоа како овие алатки можат да се користат за регионален надзор во кризни состојби. И светските институции како Меѓународната организација на трудот, програмата за развој на ООН, Светската банка и регионалните развојни банки треба да продолжат да ги помагаат напорите за изградба на отпорност преку општествена инклузија.

Автор: Ив Летерм е поранешен премиер на Белгија, а актуелно е шеф на Светската комисија за демократија и кризни состојби