Како се справува светот со постојаните осцилации во цените на енергентите

Во текот на изминатите две и пол години, светските цени на нафтата и гасот беа предмет на шокови во побарувачката и понудата, а понекогаш и двете истовремено. Нестабилноста на енергетските пазари, која настана како резултат на тоа, е и одраз на случувањата во глобалната економија.
Цената на суровата нафта „брент“ се намали од „нормалните“ 68 долари за барел на крајот на 2019 година на 14 долари за барел во април 2020 година, кога почна во целиот свет да се шири пандемијата на ковид-19. Две години подоцна, во март 2022 година, цената се искачи на 133 долари за барел откако изби конфликтот во Украина. Сега повторно паѓа поради зголемените стравови од рецесија во САД. Но цената би можела нагло да порасне доколку кинеската економија повторно почне да функционира со полна пареа, бидејќи се соочи со мало забавување поради политиките искоренување на ковид-19.
Но што ќе се случи следно и како политичарите можат да внимаваат на еколошката одржливост наспроти овие пазарни превирања? Една од причините зошто цените на нафтата и гасот се толку нестабилни е тоа што краткорочната побарувачка за енергија реагира многу побрзо на промените во растот отколку на промените на цените. Кога има енергетски шок, може да биде потребна огромна промена на цената за да се расчисти пазарот. Пандемијата го предизвика најголемиот шок што ја предизвика најголемата одржлива промена на побарувачката од Втората светска војна. Пред пандемијата, глобалната побарувачка на нафта беше околу 100 милиони барели дневно, но карантините и стравот кај луѓето доведе до пад на побарувачката до 75 милиони барели на ден.

Инвестициите во новото производство на нафта и гас веќе беа слаби пред пандемијата, делумно како одговор на светските иницијативи за да се насочи економскиот развој подалеку од фосилните горива. Светската банка повеќе не финансира истражување на фосилни горива, вклучувајќи и проекти што вклучуваат природен гас, кој е релативно чист извор на енергија. Еколошките, социјалните и владините инвестиции и регулативи го намалуваат пристапот до финансирање на проектите за нафта и гас. Тоа е сосема во ред доколку политичарите имаат изготвено изводлив транзициски план за намалување на зависноста од фосилни горива, но ова беше предизвик, особено во САД и во Азија.
Нафтата, јагленот и природниот гас сè уште сочинуваат 80 отсто од глобалната потрошувачка на енергија, приближно исто како и на крајот на 2015 година кога беше усвоен Парискиот климатски договор. Политичарите во Европа и во САД (под власта на претседателот Џо Бајден) имаат амбиции да ја забрзаат транзицијата кон зелената енергија во текот на оваа деценија. Но, всушност, немаше план што требаше да се справи со наглото зголемување на побарувачката на нафта што се случи со закрепнувањето на економијата по пандемијата, а уште помалку за нарушувањето на енергетското снабдување како резултат на западните санкциите против Русија.
Идеалното решение би било да се воспостави систем за јаглероден данок.

Во САД, сепак, администрацијата на Бајден поради силна загриженост од инфлација сериозно размислува да ги промени политиките и го повика Конгресот да го суспендира федералниот данок на бензинот на три месеци. Неодамна објавениот план на Г7 за ограничување на цените на руската нафта има смисла како санкција, но Русија веќе им продава на Индија и на Кина по пониски цени, така што тоа, веројатно, нема да има големо влијание врз глобалната цена. До неодамна, администрацијата на Бајден ги користеше своите извршни овластувања за да го спречи растот на производството на фосилни горива во САД. Сега се залага за поголемо производство од странски доставувачи. Меѓутоа со ограничување на производството на нафта во САД, а во исто време го користат производството од други земји, државата не придонесува многу за заштита на животната средина. Европа, барем, имаше полукохерентен план додека конфликтот во Украина покажа колку е далеку континентот, а особено земјите како Германија, кои се откажуваат од користењето на нуклеарната енергија, од постигнување транзиција кон чиста енергија.
Како и со сите иновации и инвестиции, за силниот раст на зелената енергија се потребни долгогодишни конзистентни, стабилни политики за да се намали ризикот од огромните долгорочни капитални обврски што се потребни.

Додека алтернативните извори на енергија не почнат поцелосно да ги заменуваат фосилните горива, нереално е да се мисли дека гласачите во богатите земји повторно ќе избираат лидери што ќе дозволат енергетските трошоци да се зголемат прекуноќ. Енергетската транзиција треба да се случи, но таа нема да биде безболна. Најдобар начин да се поттикнат долгорочните инвестиции на производителите и потрошувачите во зелена енергија е да се има сигурно висока цена на јаглеродот. Триковите, како што се иницијативите за кратење на инвестициите, се и многу помалку ефикасни и многу помалку ефективни.
Во моментов, цените на нафтата и гасот се чини дека ќе останат високи, и покрај стравувањата од рецесија во САД и во Европа. Како што започнува летната сезона на патувања на северната хемисфера и кога кинеската економија потенцијално се враќа по рестриктивните мерки поради ковид-19, не е тешко да се замисли дека цените на енергијата ќе продолжат да растат, дури и ако зголемувањето на каматните стапки на Федералните резерви нагло го намалат растот на САД. На подолг рок, цените на енергијата се чини дека ќе растат, освен ако инвестициите не се зголемат нагло, што се чини малку веројатно со оглед на тековните насоки на политиката. Шоковите на понудата и побарувачката, најверојатно, ќе продолжат да го разочаруваат енергетскиот пазар и глобалната економија, а на политичарите ќе им треба силно трпение за да се справат со нив.

Автор: Кенет Рогоф е професор по економија и јавна политика на универзитетот „Харвард“