Како пандемијата да замине во историјата

Со повеќе од 124 милиони нови случаи на ковид-19 низ светот од почетокот на 2022 година и со тоа што вирусот се шири, мутира и ги демне дури и целосно вакцинираните, светот се соочува со мрачната вистина, која гласи дека сите ќе живеат во страв. Затоа светските лидери мора да решат дека 2022 година ќе биде година кога конечно ќе ја ставиме пандемијата под контрола. Три претстојни состаноци претставуваат непосредни можности за договор за суштинското финансирање, кое е неопходно за да се запре пандемијата и да се избегнат идните. Тоа се самитот на министрите за финансии на Г20 од овој месец, состанокот на високо ниво на Обединетите нации за универзална вакцинација веднаш потоа и во март повторното свикување на светскиот самит за вакцини од страна на американскиот претседател Џо Бајден. Меѓутоа, светските лидери нема да почнат од нула. Преку системот „Ковакс“ се испорачаа повеќе од 1,1 милијарда дози вакцини, првенствено во најсиромашните земји, а Пристапот до алатки за борба против ковид-19 (АКТ-А) обезбеди повеќе дијагностика, терапевтски средства и третмани.
Откако поминаа повеќе од 12 месеци од првите вакцини и со доволно произведени дози за имунизација на целиот свет, само една од сто беа испратени во земји со ниски приходи. Нискиот удел од само пет отсто на целосно вакцинирани луѓе на земјите со ниски приходи силно се разликува со стапката од 72 отсто во богатите земји. Овој јаз сугерира дека го цениме човечкиот живот на глобалниот југ многу помалку отколку на побогатиот север. Ова не е само медицински или логистички неуспех, туку и морален. За да ја избришеме оваа дамка од нашата колективна душа, итно треба да собереме 16,8 милијарди во долари грантови за AКТ-A, координативното партнерство за проширување на пристапот до вакцини, дијагностика и терапевтски средства. Така ќе ги достигнеме светски цели за вакцинирање на 70 отсто од населението на секоја земја до средината на 2022 година, набавка на третмани за 120 милиони пациенти, обезбедување најмалку еден тест на илјада луѓе дневно и заштита на 2,7 милиони здравствени работници со лична заштитна опрема.

Од финансирањето што му е потребно на AКТ-A оваа година, досега се собрани само околу 800 милиони долари. Мора да се најдат уште околу 16 милијарди долари во првите месеци од 2022 година. Шеснаесет милијарди долари звучат како огромно барање, но трошоците се повеќе од 300 пати помали од 5,3 илјади милијарди долари за кои Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) проценува дека ќе бидат изгубени до 2025 година ако не успееме да ги вакцинираме сите. Исто така, итно ни е потребна долгорочна финансиска посветеност за да се подготвиме и да спречиме идни пандемии, како што е препорачано во извештаите на Независниот панел за подготвеност и одговор на пандемијата, панелот на високо ниво на Г20 и Паневропската комисија на СЗО за здравје и одржлив развој. Препораките содржани во овие извештаи мора да се спроведат сега, бидејќи не можеме да си дозволиме да чекаме до следната пандемија. Се проценува дека ќе чинат околу 15 милијарди долари годишно, со тоа што 10 милијарди долари годишно би се намениле за инфраструктура, па така овие инвестиции сигурно би биле најдобрата полиса за осигурување што светот може да ја има. Освен тоа, СЗО и другите светски здравствени организации не можат да ја завршат целата работа што е потребна доколку продолжат да се финансираат на ад хок доброволна основа. Постојат три достапни извори на одржливи долгорочни финансии, од кои сите би можеле да бидат договорени на самитот на Бајден закажан следниот месец.
Прво, земјите треба да се договорат за формула за правична поделба на товарот, следејќи го моделот за финансирање на основните и мировните буџети на ООН, ММФ и Светската банка. Претседавачите со AКT-A предложија формула дизајнирана да го информира донесувањето одлуки на соодветните и неопходни нивоа на доброволни придонеси од 55 земји од кои е побарано да дадат свој удел. САД и Европската Унија (заедно со Велија Британија) ќе придонесат по околу 25 отсто од вкупниот износ, при што остатокот од светот ќе учествува со помали износи врз основа на нивната способност за плаќање.

Второ, ММФ, Светската банка и банките за регионален развој треба веднаш да понудат дополнително здравствено финансирање за 2022 година. Светската банка и банките за регионален развој имаат засилена улога во градењето на локалните капацитети. Оние земји што се согласија да поделат 100 милијарди долари од нивните распределби од резервните фондови на ММФ треба веднаш да им обезбедат на земјите со ниски приходи ликвидност за да ги надградат своите системи за здравствена заштита.
Конечно, треба да бидеме поиновативни во набавката на овие средства. Со користење гаранции од две милијарди долари од побогатите земји, можеме да создадеме меѓународна здравствена институција за финансирање, која, заедно со грантови од 1,5 милијарда долари, ќе собере дополнителни 10 милијарди долари за светско здравје, особено за посиромашните земји. Треба да се истражат опциите како што е проширување на опсегот на даноците за солидарност, со кои од 2005 година се пренасочуваат 1,25 милијарда долари од даноците на авиокомпаниите кон здравството.
Треба да има поголем ангажман со корпоративниот сектор, кој ќе има корист од целосното продолжување на економската активност и особено со фармацевтските компании, кои сега признаа дека не направиле доволно за сиромашните земји. Конечно, треба да се побара дополнителна финансиска поддршка од фондациите. Само преку таква солидарност пандемијата ќе замине во историјата. Тоа е остварливо и мора да се случи оваа година.

Бан Ки-мун е поранешен генерален секретар на ООН. Гордон Браун е поранешен премиер и министер за финансии на Велика Британија. Хелен Кларк е поранешна премиерка на Нов Зеланд и шефица на развојната програма на ООН. Мери Робинсон е поранешна претседателка на Ирска и висока комесарка за човекови права на ООН