Дали младината почна да се врти кон десниот политички спектар?

Обично се очекува младите гласачи да поддржуваат прогресивни и левоориентирани партии, без разлика на тоа какви конкретни прашања се во фокусот на сите избори. Но иако овој модел историски се потврдува, сепак е далеку од тоа дека е вкоренет, а неодамнешните трендови сугерираат дека можеби се случуваат промени

Многу години, наклонетоста на младите кон левата страна на политичкиот спектар се сметаше за железен закон на политиката. Почнувајќи од Џон Ф. Кенеди, Бил Клинтон и Тони Блер, па сè до Барак Обама и Џасинда Ардерн, водечките левичари редовно ја градат својата политичка кариера врз основа на ветувањата за младешкиот прогресивизам.
Овој модел е толку културно вкоренет што во голема мера се зема здраво за готово. Но изборните резултати во многу западни демократии почнаа да сугерираат многу поинаква динамика. Во првиот круг од претседателските избори во Франција овој месец, Емануел Макрон постигна само тесна победа (27,85 отсто) над десничарската популистичка лидерка Марин Ле Пен (23,15 отсто). Неговиот успех се засноваше не толку на жарот на младите колку на претпазливоста и загриженоста на постарите гласачи.
Постизборните студии покажуваат дека Макрон без проблеми доби поддршка кај само една возрасна група, а тоа се гласачите на возраст од 65 години и постари. Ле Пен го надмина во категоријата на граѓани меѓу 25-49 години. И додека кандидатот на крајната левица, Жан-Лук Меленшон, освои нешто повеќе од една третина од гласовите на младите, Ле Пен и другиот кандидат на крајната десница, Ерик Земур, добија заедничка поддршка од невидени 22 отсто од гласачите што првпат излегоа на избори. Меѓу гласачите на возраст меѓу 25 и 34 години, поддршката на екстремната десница се зголеми на повеќе од 35 отсто. Во Франција, се чини, младите почнуваат поинаку да размислуваат.
Се чини дека сличен тренд се развива низ Јужна Европа, при што младите гласачи во Италија и во Шпанија, исто така, драматично почнуваат да тежнеат надесно. Шпанската десничарска популистичка партија Вокс брзо се појави како трета по големина политичка сила во земјата, благодарение на поддршката што ја доби не толку од стереотипните конзервативни седумдесетгодишници, колку од незадоволните, претежно мажи, и помалку образовани помлади гласачи.

Во Италија, повеќе од половина од младите гласачи моментално ги поддржуваат десничарските партии како што се Браќа на Италија, партијата на поранешниот вицепремиер Матео Салвини, Лига и партијата на поранешниот премиер Силвио Берлускони, Напред Италија. Дури и во богатите Шведска и Германија, на природното усогласување на младите гласачи со прогресивните партии се чини дека му се ближи крајот. Неодамнешните анкети во Шведска покажуваат „нема јасни разлики во однос на возраста“ меѓу оние што ги поддржуваат екстремно десничарските шведски демократи, што значи дека интересот на помладите гласачи е еднаков како и на постарите да гласаат за партијата. Додека шведските демократи отсекогаш имале свој удел на главно млади машки гласачи, нивната поддршка меѓу гласачите на возраст од 18 до 24 години се зголеми од седум отсто во 2014 година на 11,8 отсто во ноември 2021 година.
Слично на тоа, на сојузните избори во Германија минатата година, деловно ориентираната Слободна демократска партија беше изненадувачки прв избор за оние што првпат гласаа, дури и ги победи Зелените. И на неодамнешните државни избори во источна Германија, екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АФД) доби неспоредлива поддршка од младите луѓе. Во Саксонија-Анхалт, партијата доби најголем дел од гласовите меѓу помладите од 30 години, како и меѓу оние на возраст од 30 до 44 години. Сега се поставува прашањето дали сличен тренд ќе продолжи во најнаселената германска покраина, Северна Рајна-Вестфалија, кога ќе ги одржи изборите во мај.
Секако, овој тренд на млади луѓе што се оттргнуваат од политичката левица не е универзален, барем не сè уште. Во Велика Британија и во САД, помладите гласачи остануваат посветени на прогресивните партии во целина. Се очекува демократите цврсто да ги задржат помладите гласачи на конгресните избори во САД оваа есен. Додека половина од гласачите на возраст од 65 години и постари го поддржуваат републиканскиот кандидат во нивната област, ова ниво паѓа на само 29 отсто кај гласачите под 30 години.
Трајното сојузништво на помладите американски гласачи со демократите може делумно да се должи на политиките конкретно приспособени на нивните економски интереси. Водечките демократски политичари ги базираа нивните кандидатури на предлозите за укинување на студентскиот долг и следење посилни форми на прераспределба за да се намали економската нееднаквост.

Но иако прогресивните партии низ светот треба да го забележат ова достигнување, тоа не значи дека можат да ги игнорираат лекциите од неодамнешните избори на друго место. Иако прогресивците сè уште генерално имаат поголема поддршка од онаа за десничарите во многу западни демократии, сепак динамиката се менува. Актуелните трендови се силен потсетник дека успехот на гласачките места не е демографски предодреден.
Како и нивните постари колеги, младите гласачи на крајот ќе ги поддржат кандидатите што нудат убедливи решенија за проблемите што се најгорливи во нивните животи. Доколку прогресивните политички движења не успеат да го исполнат овој основен услов, тие може да ја загубат својата долгогодишна предност меѓу оваа изборна група. Мислењето дека младите секогаш ќе се одлучат за прогресивни политички кандидати ќе стане мит наместо доверлив модел.

Михаел Бренинг е директор на њујоршката канцеларија на фондацијата „Фридрих Еберт“