Ја доби ли Европа потребната лидерка?

Доминик Моиси

Шарл де Гол имаше „одредена идеја за Франција“. Но дали Урсула фон дер Лејен, новата шефица на Европската комисија, има одредена идеја за Европа, како Жак Делор кога беше на највисоката функција во Европската Унија? Можеби ова е нефер и нерелевантно прашање. Сепак, ставот на Делор кон Европа еволуира со текот на времето. Погенерално гледано, европската политика (и затоа и нејзините политичари) стана попрагматична и помалку идеалистична во половината век по смртта на Де Гол. Политичарите денес (во најдобар случај) се амбициозни дејствувачи и, уште почесто, итри преживувачи. И покрај тоа, новата шефица на Еврокомисијата ќе ја преземе функцијата во период кога на Европа очајно ѝ е потребен визионерски лидер наместо обичен склучувач на договори.

Навистина, Фон дер Лејен е далеку од лош избор. Таа ќе биде првата жена на највисоката функција во ЕУ и првата Германка што ќе го стори тоа по Валтер Халштајн во доцните 1950-ти и 1960-ти, кога европската интеграција беше во својот зародок. Уште повеќе, Фон дер Лејен несомнено е проевропски и проатлантски ориентирана. А, како бивша германска министерка за одбрана, таа е добро запознаена со сѐ покритичните безбедносни прашања со кои се соочува Европа. Со други зборови, Фон дер Лејен исполнува многу од условите, и покрај тоа што нејзината номинација беше комплексна серија на компромиси. Сепак, и покрај генералното чувство на олеснување дека лидерите на ЕУ успеаја да се договорат за кандидатот, останува големиот сомнеж за тоа дали Европа навистина на чело ја има најдобрата личност, а и тим.
Францускиот претседател Емануел Макрон често истакнува, јавно и приватно, дека квалитетот треба да биде единствениот критериум при изборот на европските лидери, при што националната или политичката наклонетост има секундарно значење. Сепак, предолго време Европа ги избираше своите лидери главно врз основа на нивните ограничувања, а тука има улога и тоа што националните лидери сакаа да се осигурат дека немаат ривали во Брисел.

Од Жозе Мануел Баросо, човекот познат главно по својата уникатна способност да не каже ништо на десет јазици, па до Жан Клод Јункер, највисоката функција во Европа беше пополнувана со доста обични лидери. Последователниот лидерски дефицит многу ѝ наштети на ЕУ, засилувајќи го растечкото чувство на отуѓување помеѓу граѓаните на континентот и нивните лидери. Сега, откако Европа се соочува со големи надворешни и внатрешни предизвици, од подемот на Кина до ширењето на популизмот, таа мора конечно да ги смени брзините и да почне да ги избира своите лидери според нивните заслуги.

Макрон, од своја страна, првично воопшто не го криеше своето високо мислење за уште еден потенцијален женски кандидат за претседател на Еврокомисијата: Маргрет Вестагер од Данска. Како еврокомесар за конкуренција, Вестагер успешно ги спроведе правилата за конкуренција на ЕУ против технолошките гиганти од САД, а вербалните напади од американскиот претседател Доналд Трамп само дополнително ја зголемија нејзината популарност помеѓу Европејците.

Но сега останува на Фон дер Лејен да направи јасен рез од разочарувачкиот медиокритет на неодамнешните лидери на ЕУ. Особено за економските прашања, нејзиниот прагматичен воведен говор пред Европскиот парламент несомнено беше убедлив, комбинирајќи ги кохезивноста и нејзината јасна желба за придвижување кон свет без јаглеродни емисии. Таа исто така е и сериозен политички играч. Многумина во Германија сметаа дека таа на Министерството за одбрана гледаше како отскочна штица кон реализирањето на нејзината вистинска амбиција: да стане канцеларка.

Па, сепак, многу експерти и набљудувачи и понатаму се прашуваат дали Фон дер Лејен ја има вистинската комбинација на харизма, издржливост, отпорност и политичка инвентивност да биде лидерот што ѝ треба на Европа. За почеток, длабоко поделениот Европски парламент најверојатно ќе биде многу потежок за убедување и управување отколку некои од неговите претходни состави. Чисто националните политички калкулации ќе бидат сѐ почести, проследени со комплексни, опортунистички сојузи, кои постојано ќе се менуваат, дополнуваат и растураат.

Уште повеќе, дури и најхаризматичниот шеф на Еврокомисијата можеби ќе се мачи да ги надмине тензиите и контрадикциите својствени на функцијата. Фон дер Лејен ќе мора да ја задржи довербата на националните лидери што ја номинираа, без притоа да изгледа дека е нивна портпаролка. Во исто време, таа мора да ја добие довербата од Европарламентот, кој ја потврди како шефица со многу тесно мнозинство. Пред сѐ, таа мора да биде човечкото лице на, во најголем дел, анонимната бирократија на ЕУ и, како таква, директно и убедливо да им се обраќа на Европејците.

За некои тоа можеби звучи како невозможна мисија, но сега е поважна од кога било претходно. Кога на првата сесија на новиот парламент беше пуштена европската химна „Ода на радоста“ од Бетовен, пратениците од британската Брегзит-партија се свртеа со грб, а членовите на Националниот фронт на Марин Ле Пен избраа да останат седнати. Фактот дека таквиот варваризам во срцето на ЕУ станува речиси банален, го прави изборот на претседател на Еврокомисијата уште поважен. Да се надеваме дека Фон дер Лејен ги измами скептиците и оти таа навистина е лидерот што ѝ е потребен на Европа и што го заслужува.

Доминик Моиси е специјален советник во парискиот институт „Монтањ“