Што му недостига на светскиот одговор на пандемијата

Иако долгот на земјите во развој доби огромно внимание во изминативе месеци, сепак многу малку се дискутираше за еден погорлив проблем, а тоа е неможноста да се набави доволно медицинска опрема неопходна во борбата против ковид-19. За да се минимизира негативното влијание, мора итно да се воведе непазарен механизам за распределба, кој ќе обезбеди доволно храна за сите

Откако го опустоши развиениот свет, ковид-19 сега ги уништува земјите и пазарите во развој, од кои повеќето немаат медицински и финансиски капацитет за борба против пандемијата и нејзините економски ефекти.
За напредните економии, првата линија на одбрана е физичкото растојание, миењето на рацете, маските за лице и строгите ограничувања на движењето. Но за посиромашните земји, повторувањето на овој одговор е практично невозможно. Семејствата се повеќечлени, а има недоволен број маски за лице и сапуни, но и храна. Покрај тоа, водоводните и санитарните јазли честопати се делат и се наоѓаат во тесни улички, а многу сиромашни луѓе мора да ги напуштат секојдневно своите домови за да имаат пристап до нив или да купат храна.

На пример, условите во поголем дел од Индија ја покажуваат токму катастрофата што се рашири во земјите и пазарите во развој, а околностите се многу сериозни. Покрај недостигот од болнички капацитети, повеќето речиси или воопшто немаат производствени капацитети за лична заштитна опрема, лекови и други неопходни ресурси. Додека напредните економии и меѓународните институции ги координираат финансиската поддршка и олеснувањето на долгот за земјите во развој, ваквиот недостиг од неопходни средства мора итно да се реши.
За нештата да бидат полоши, најмалку 75 влади воведоа ограничувања или забрани за извоз на медицински материјали што ги натера земјите-увознички да започнат да инвестираат во своите капацитети. Ова води до еден магичен круг во кој ограничувањата за извозот ги поттикнуваат ограничувањата на увозот и обратно.

Во нормални околности, пазарот ефикасно ќе ги распредели овие ресурси, а зголемувањето на цените ќе доведе до пониска побарувачка и поголема понуда. Но тоа не смее да се случи во светска криза, ниту ќе помогне само да се обезбедат финансии за пазарите во развој. Свежите средства ќе им овозможат да набават ресурси на светските пазари, но тоа ќе се одрази со повисоки цени. Бидејќи краткорочното снабдување со лична заштитна опрема и други производи не е приспособливо, побогатите земји би ги потиснале сиромашните.

Ако дистрибуцијата на вакцината зависи од пазарите, ќе се јави уште поинтензивна војна. Без некаков механизам за распределување, побарувачката првично би ја надминала понудата, а цената нагло би се зголемила. Иако снабдувањето на крајот би се зголемило и би се олесниле ценовните притисоци, сепак ќе се јават проблеми. Доколку се продолжат ограничувањата на извозот, скапите капацитети за производство што сега се градат ќе ги пренасочат вредните ресурси од програмите за да им се помогне на сиромашните.

На долг рок, завршувањето на изградбата на овие капацитети ќе значи дека поефикасните производители во напредните економии не би можеле да продолжат со исто ниво на продажба во посиромашните земји. Овие земји ќе имаат своја понеефикасна индустрија за производство на медицинска опрема, а земјите-извознички ќе имаат вишок капацитет од што никој нема да има корист.
За да се избегне таков расипнички исход, потребен е механизам за рационализирање на оскудната медицинска опрема, додека не се зголемат ресурсите. Богатите земји не треба само да им даваат пари или заеми на посиромашните земји за да го купат она што им е потребно, затоа што ќе финансираат војна за набавки против самите нив. Наместо пари, земјите на кои им е потребна медицинска опрема треба да добиваат средства во натура.

Меѓународната заедница ќе треба да ги договори критериумите за распределување медицински материјали, а потоа да ги спроведе за да се спречи развојот на црните пазари. Очигледно, стапките на инфекција и капацитетите на јавното здравство (или нивниот недостиг) треба да бидат главните фактори што ќе влијаат врз распределбата. Но земјите што треба да ги добијат, исто така ќе треба да се согласат да се воздржат од трошење ограничени ресурси за градење на свој продуктивен капацитет.
Со оглед на тоа што веќе ги има повеќето потребни податоци, Светската здравствена организација (СЗО) треба да ја преземе водечката улога во координирањето на распределбата на медицинска опрема. Во идеален свет, секој би ги добил потребните резерви без оглед на можноста за плаќање. Во реалниот свет, произведувачите на вакцини и на лична заштитна опрема треба да имаат можност да сметаат на некоја награда за нивните напори или тие нема да се одлучат на ваков чекор.

Со механизмот на распределба, барем ваквите награди не би требало да бидат поттикнати од трката за снабдување. Уште поважно, владите во земјите и пазарите во развој ќе бидат подобро позиционирани да одолеат на протекционистичките притисоци и да ги искористат своите ограничени ресурси на програми за ублажување на ударот од пандемијата и од рецесијата. Ако овие влади имаат право на глас, патот до економското закрепнување ќе биде многу побрз, а светското производство на медицински материјали ќе биде поефикасно и правично, сега и во иднина.

Авторката е поранешна главна економистка во Светската банка и поранешна прва заменик-управна директорка на ММФ, а актуелно е истражувачка професорка по меѓународна економија на Школата за напредни меѓународни студии при универзитетот „Џонс Хопкинс“ и висока соработничка во Центарот за меѓународен развој на универзитетот „Стенфорд“.