Што бе крајот на НАТО, а ние?

Сакате да кажете дека Македонија треба да ги смени името и идентитетот за да влезе во НАТО, суперорганизирана воена алијанса, која треба да нè штити од воена агресија, ама може да се случи да не нè заштити затоа што еден фраер демантира дека напаѓа, иако напаѓа, а друг фраер му верува на збор, иако цел куп агенти, сателити, камери, шпиони и извештаи покажуваат дека Македонија е окупирана?\

Честопати кога пишувам за Македонија и сето она што ѝ се случува на меѓународен план, немилосрдниот притисок да си го промениме името, да се откажеме од вековниот идентитет, двојните аршини на ЕУ и НАТО, ја користам кованицата изопачена моќ. Еден од претставниците на таа изопачена моќ е и Карл Билт, со кого треба да дебатирам денес. Ете, тој ни пишува за НАТО, загрижен е дали воената алијанса ќе ги преживее политичките турбуленции по неколкуте „чудни“ настапи на американскиот претседател Доналд Трамп. Загрижен е како ќе реагира НАТО ако Русија нападне (?) некоја нејзина членка.

Па, уште се прашува што ако руската војска нападне, а Путин демантира, иако разузнавачките служби го потврдуваат нападот, како тогаш, во таква состојба, ќе реагира Трамп? Извинете, ама муабетов на Швеѓанецов мене ми звучи ненормално. Си замислив како Путин јавајќи на ракета, следен од огромната руска војска, влегува во Полска, како сите европски и американски служби го потврдуваат тоа, ама, ете, рускиот претседател вели дека нема врска, никого тие не нападнале и Доналд Трамп, верувајќи му, остава Варшава да биде освоена. А? Ви држи вас муабетов? Во 21 век?

Чекај сега, сакате да ми кажете дека Македонија треба да ги смени името и идентитетот за да влезе во НАТО, суперорганизирана воена алијанса, која треба да нè штити од воена агресија, ама може да се случи да не нè заштити затоа што еден фраер демантира дека напаѓа, иако напаѓа, а друг фраер му верува на збор, иако цел куп агенти, сателити, камери, шпиони и извештаи покажуваат дека Македонија е окупирана? Се заебаваме ние или што? Па, уште секоја година треба да одвојуваме два процента од буџетот за НАТО, а тоа во нашата приказна се 200 милиони евра, за утре, што знам, Кина да започне воени операции околу Дојран и Гевгелија, ама Трамп не им верува на сопствените очи, уши и тајни служби и ете ги гевгелиските казина под окупација на Пекинг. Вакви „загрижувачки“ прашања поставува Карл Билт во својата колумна.
Значи оваа мадафака воена алијанса за која јас треба да се откажам од името и идентитетот зависи само од еден човек, а тоа е американскиот претседател.

Во сегашниов случај тоа е шоуменот Доналд Трамп. Утре американските граѓани ќе одлучат дека најдобра изборна понуда има Опра Винфри и мојата безбедност ќе зависи од неа, па ако Опра претходната вечер се скарала со дечкото и ја мава депресија, заради што не ѝ се читаат извештаите на ЦИА што покажуваат воен напад на Тринидад и Тобаго врз Македонија, никому ништо. Мошне интересно.

Затоа јас, тука и сега, ќе го баталам Карл Билт и неговите претурања од шупливо во празно, па ќе си продолжам со НАТО-алијансата, која од година на година да ти ги подобрувала воените капацитети, ама, ете, политичкиот капацитет за носење одлуки ѝ опаѓал. Иако во случајот со Македонија политичкиот капацитет на НАТО едногласно одлучува дека најпрво мора да нè снема, па дури потоа да нè земат кај нив.

Или, откај да знаеме, можеби токму обезимената и без идентитет Македонија е алката што недостига за НАТО повторно да има силен политички капацитет за носење одлуки. Можеби Столтенберг требаше да го бакне пенкалото со кое Заев акна потпис. Можеби на нас чекаат, ние да станеме членка, па да ја преземеме командната одговорност. Нашиот министер за одбрана, нов генерален секретар на НАТО. Конечно алијансата е во сигурни раце. Министерот прави чистка меѓу неспособните генерали и поставува свои луѓе, сите до еден северноцрпнати граѓани, сè сами професионалци и реформатори од раѓање. Прва НАТО-реформа: генералниот секретар со северноцрпнато потекло им додели неколкумилионски тендери на свои соработници и роднини за иновативни проекти во воената наука.

Втора НАТО-реформа: северноцрпнатиот генерал тој и тој, задолжен за геостратегиски одлуки на лакот од Индија до Северна Африка, го испрати својот син на одмор во Палма де Мајорка со службен тенк заради негова безбедност. А? Заради ова е муабетот дека мораме во НАТО, така? Не се работи за нашата, туку за нивната безбедност. Без нас ќе нема НАТО. Имаат изгубено компас заради розовите очила на Трамп. Без нас, Русија сигурно почнува војна, која Трамп нема да ја забележи. Оф, мори мајко!

Да не ви ја промашив темата? А ха, океј, ај ќе се вратам на темата. НАТО е темата. Ако не смениме име и не влеземе во НАТО, нашите албански сограѓани ќе фатат пушка в рака и ќе нè нападнат. Така нè плашат хистеричните НАТО-пропагандисти. Албанците им се „бабарога“ кога не им одиме по газот. И сега ние треба да се самоукинеме за да се спасиме од нашите сограѓани, влегувајќи во НАТО. Онолкава моќна воена машинерија треба да се грижи за безбедноста на нежната интелектуална бижутерија и забеганите натољупци за кои Албанците се страшила тогаш кога Македонците одбиваат да се самоукинат. Ама, па, „факт е дека во изминатите неколку децении, примарниот фокус на НАТО беше на мировните операции на далечните места, наместо на неговата суштинска функција на територијална одбрана“.

И сега што правиме? Може утре некои „страшни“ Албанци ќе се сетат дека е крајно глупо да бидат Македонци, коса црта, граѓани на Република Северна Македонија, па ќе одлучат да го следат примерот на Каталонија и додека си рекол „сложено има за севкупна употреба“, ете ги на улица со пушка в рака, а НАТО на некоја забегана воена екскурзија во далечниот свет, исправа криви дрини и патем црпи туѓа нафта. И што правиме при такво неочекувано сценарио? Оти кога НАТО ќе заака на воена екскурзија, ептен сериозно заакува, како во случајот кога го млатеа ИСИС низ Сирија, додека не дојдоа Русите за навистина да го измлатат истиот тој ИСИС.

Реалноста е сосема поинаква. Ниту македонските Албанци пукаат од желба да се тепаат, оти и ним им е прекуглава да ги третираат како стока, ниту НАТО се покажа добар во територијалната одбрана (Грција и Турција, Каталонија, постојани терористички напади на европско тло), а камоли во нивните воени екскурзии (Ирак, Авганистан, Либија, Сирија). Од друга страна, нè силуваат да се укинеме како народ за да станеме дел од алијанса што, пазете ваму, „всушност е во опасност, а нејзината судбина сега лежи во рацете на Трамп“, бидејќи „проблемот е што иако воениот капацитет на НАТО всушност се подобрува, нејзиниот политички капацитет за носење одлуки се влошува“, па како тогаш тие ќе нè спасуваат од „бабарогата“ Русија кога „ воените сили на Русија се поинтегрирани и може да бидат распоредени побрзо во исполнувањето на стратегиските директиви од Кремљ“.