Човек за сите дипломатски сезони

Патувањето на Анан заврши. Но наследството на овој лидер на лидерите ќе живее преку влијанието што неговото дело и натаму го има врз животите на луѓето на секој континент

Кофи Анан ќе биде оплакуван на секој континент. Под негово раководство на Обединетите нации првпат беа договорени меѓународните цели за развој. Но во мандатот на Анан првпат се случија уште многу други важни работи: беше формиран Глобалниот фонд за борба против сида, туберкулоза и маларија, беа избришани сто милијарди долари од долгот на Африка, помошта за најсиромашните земји брзо се зголеми, принципот „одговорност да заштити“ доби едногласна поддршка од Генералното собрание на ОН, а беа преземени и првите чекори кон Парискиот климатски договор. Тоа се само дел од каузите што Анан ги поддржуваше. Неговите достигнувања буквално ги збунија и разочараа оние што ги отпишаа ОН како обична „говорница“.

Се сеќавам на состанокот, по негова покана, на фондацијата Кофи Анан во Женева и на тоа како, иако во пензија, Анан ги советува за човекови права или за сиромаштијата голем број земји во Азија, Јужна Америка, Африка и Азија. Поради тоа, ниту една процена не може праведно да ги измери размерот и тежината на лидерот, кој процесот на носење одлуки во ОН го донесе во 21 век.

Секој напредок што беше направен во текот на десетте години на Анан како генерален секретар се должи на неговата лична посветеност, одлучност и верба во иднината. А тоа е признание на моралната сила на неговата визија, бидејќи тој успеа да оствари напредок во период кога Советот за безбедност беше поделен речиси за секое големо прашање, како што е Ирак, а главниот финансиер на ОН, САД, на него не гледаше многу благонаклонето.

Смирен, скромен и внимателен, Анан беше истовремено и „инсајдер“ во ОН, кој беше избран од редовите на светската организација и стана првиот Африканец на таа функција и заговорник против естаблишментот, кој ја охрабри и мобилизира меѓународната НВО-заедница да изнуди промени во често колебливите држави.
Се разбира, новиот светски поредок што тој го заговараше одамна е одложен од ривалствата меѓу големите сили, национализмот и протекционизмот. И покрај неговите добри намери, ОН не успеаја да го спречат геноцидот во Руанда пред тој да стане генерален секретар, како и војните во Босна, Ирак и Сирија, каде што тој и првпат беше како мировен претставник. Но дури и кога станува збор за одржувањето на мирот, тој беше многу повеќе од обичен сведок на историјата. Неговата харизма му обезбеди пријатели насекаде, а неговото трпение беше рамно на трпението на светци. И покрај неуспесите и разочарувањата, тој опстои и на крајот го смени нашиот поглед на тоа што сѐ може да направи меѓународната соработка.

Поддржан во работата во фондацијата од неговата прекрасна сопруга Нане, Анан и во пензија продолжи да ги поддржува каузите за екологија, демократија и против сиромаштија, кои беа дел од неговиот работен век и, најважно, тој никогаш не се откажа.
Се сеќавам дека работев со него пред десет години, кога деноноќно работеше за да ги смири двете раскарани страни во Кенија по претседателските избори и постизборното етничко насилство. Несомнено, посредништвото на Анан спречи загуба на многу животи.

Во изминатите неколку месеци разговарав со Анан за Мјанмар и предлозите дадени од неговата советничка комисија за државата Ракине, кои дури и сега нудат најдобра шанса за помирување и ставање крај на кризата, која уништува животи во разурнатата земја.
Тој лојално ја поддржуваше меѓународната работа за пополнување на дупката во глобалната архитектура за развој, со поддршката на планот на Комисијата за образование, за формирање меѓународен фонд за финансиска помош за образование, во висина од 10 милијарди долари, остварување на целта за универзално образование.

Дури и во последните месеци од неговиот живот, Анан, како и секогаш, беше активен и достапен за помош, давајќи совети за изборите во Зимбабве, промовирајќи ги младите лидери со неговата програма за да инспирира нова генерација интернационалисти, како и со повикувањето на поголемо внимание за човековите права и демократија.
Патувањето на Анан заврши. Но наследството на овој лидер на лидерите ќе живее преку влијанието што неговото дело и натаму го има врз животите на луѓето на секој континент.

Гордон Браун е бивш премиер на Британија и специјален претставник на ОН за глобално образование, како и претседател на Меѓународната комисија
за финансирање на можностите за глобално образование