Терапија со антитела како спас од ковид-19

Додека многу земји постепено ги олеснуваат своите рестриктивни мерки, спречувањето на новото ширење на коронавирусот од актуелните кластери ќе биде од клучно значење во контролирањето на епидемијата и ова ќе наложува од светот да развие нови третмани.
Досега политичарите се потпираа на нефармацевтските интервенции како што се тестирањето, следењето на контактите и карантините за да спречат втор бран зарази. Во меѓувреме потрагата по терапии за ковид-19 и профилактички лекови се фокусираше на производи што може веднаш да станат достапни, како што се веќе постојните лекови. Ваквиот пристап се покажа генерално неуспешен.
Вакцините секако ќе бидат неопходни во надминувањето на ковид-19.

Но и кога ќе станат достапни, ќе бидат потребни повеќе месеци за да се вакцинираат доволен број луѓе за да можат општествата да го достигнат нивото на колективен имунитет потребен за спречување на коронавирусот. Ефикасноста на секоја вакцина најверојатно ќе варира од генетичките предиспозиции на човекот, хроничните болести и возраста. Понатаму пристапот до вакцините и достапноста може да бидат ограничени од производствените капацитети, економската состојба и антивакциналните ставови меѓу народот. Ова значи дека треба да се фокусираме и на развивање нови оружја што ќе можат директно да целат на вирусот што го предизвикува ковид-19. Така, покрај антивирусните хемиски лекови, антителата добиени со генетски инженеринг можат да бидат идеални за оваа цел.

Ваквите антитела ќе бидат прецизно скроени за да ги неутрализираат протеините што му овозможуваат на вирусот да навлезе во човечката клетка. Покрај тоа, тие ќе го обезбедат потребниот имунитет што е од клучно значење не само за минимизирање на штетата врз органите туку и за заштита на здравствените работници и контактите на заразеното лице.
Концептот зад овој тип имунотерапија првпат беше претставен во Франција и во Германија пред повеќе од еден век кога антителата во серумите на имунизираните животни спасија животи на илјадници деца за време на епидемијата на дифтерија. Истиот принцип важи и за актуелните клинички тестирања со крвна плазма од излекувани пациенти со ковид-19. Но бидејќи не сите антитела штитат, сепак има и такви што ја влошуваат болеста, истражувачите се фокусираат само на оние што се познати по антивирусната реакција.

Современиот генетски инженеринг може да произведе високопрецизни хуманизирани антитела. Иако овие биолошки агенти најдобро се познати во револуционерното лекување рак и автоимуни болести, сепак веќе постојат докази за нивната ефикасност во борбата против заразните болести како респираторните инфекции кај новороденчиња и кај заразените со ХИВ, кај кои не функционираат стандардните терапии. Важно е да се истакне дека се очекува да биде одобрен коктел од антитела од страна на американската Агенција за храна и лекови (ФДА), кој претходно се користеше за намалување на смртноста од ебола кај пациентите.
Американската биотехнолошка компанија „Реџенерон“, која ги произведе антителата за ебола, сега користи сопствена технологија за развивање коктел од две антитела за ковид-19, кој веќе е вклучен во човечки тестирања. На 7 јули, „Реџенерон“ соопшти дека добил 450 милиони долари вреден договор за производство и дистрибуција на коктелот со антитела како дел од операцијата „Светлосна брзина“ на Агенцијата за биомедицинско напредно истражување и развој (БАРДА).

Неколку други компании развиваат антитела со помош на американската влада преку партнерството за терапевтски интервенции и вакцини за ковид-19. Оваа иницијатива ги вклучува БАРДА, Националниот институт за здравство, ФДА и американското министерство за одбрана заедно со големите фармацевтски компании и филантропски организации како фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс.
За жал, терапиите со антитела во моментов не го добиваат потребното внимание во светскиот одговор на коронавирусот во Европската комисија. Ваквите напори, кои Комисијата ги разви во соработка со други влади, корпорации и филантропски организации, имаат цел да го поддржат пристапот до Акцелераторот за пристап до алатки за ковид-19 (АКТ), кој Светската здравствена организација (СЗО) и други светски партнери го лансираа во април. Но извештаите на „Економист“ покажуваат дека Терапевтскиот акцелератор за ковид-19, кој е дел од иницијативата на АКТ, досега инвестирал само 59 милиони долари генерално во клинички тестирања за можните предности на пренаменетите лекови. Неколку предизвици сè уште треба да се надминат пред антителата добиени со генетски инженеринг да можат да се користат во борбата против ковид-19.

Тука спаѓа зголемување на стабилноста на антителата за да може да се оптимизира бројот на потребни дози и намалувањето на производствените трошоци за терапијата да биде економски изводлива.
Финансиските организации сега мора да инвестираат во дополнителни ресурси за да се надминат преостанатите пречки, а резултатите ќе бидат огромни. Третманите со антитела не само што брзо ќе го контролираат реплицирањето на вирусот кај пациенти со ковид-19 туку и може да ги спречат ранливите категории да се заразат со него.

Голдман е основач и кодиректор на Институтот за интердисциплинарна иновација во здравството и професор по имунологија на Слободниот универзитет во Брисел, додека Казачкин, е висок соработник на Додипломскиот институт за меѓународни и развојни студии во Женева и член во Светската комисија за политика на лекови