Статистиката е клучна во борбата против пандемијата

„Постојат три вида лаги“, напиша славниот Марк Твен. „Лаги, проклети лаги и статистика.“ Кризата со ковид-19 премногу често дава потврда за сомнежите искажани во оваа крилатица на Твен. Податоците се од клучно значење во борбата против ковид-19, но споредбените податоци во земјата премногу се фокусираат на погрешни информации. Ваквиот начин на работа поттикна одредени политичари да ја потценат опасноста од пандемијата, придонесувајќи притоа за милиони смртни случаи.
Имајќи ја предвид широко распространетата недоверба кон експертите и мејнстрим-медиумите, од големо значење е да се потенцираат најинформативните и најточни можни податоци во врска со ковид-19.
Најголемо внимание се посветува на официјално регистрираните инфекции и смртни случаи на ниво на држави. Тука е мошне очигледен примарниот статистички приоритет: поделба на официјалните бројки на заболени и смртни случаи според големината на населението и изразување на резултатите по жител. Но дури и кога се изразени по жител, вкупните официјални бројки обично грубо го намалуваат вистинскиот број на инфекции и смртни случаи. Носителите на коронавирус се сметаат за инфицирани само доколку имаат позитивен тест или биле хоспитализирани, додека стапката на смртност ги опфаќа само оние на чии посмртници е наведено дека починале од ковид-19. Процените околу степенот на намалување на бројките на инфекции и смртни случаи често варираат.

Весникот „Економист“ излезе со пресметка дека на глобално ниво, коронавирусот досега има убиено помеѓу 7 и 13 милиони луѓе, што е речиси трипати повеќе од актуелната официјална стапка на смртност, која изнесува 3,5 милиони. Намалените официјални бројки се поекстремни во земјите со понизок стандард на живеење. На пример, Египет има 13 пати повеќе смртни случаи што се должат на ковид-19 од официјалната бројка со која излегоа здравствените власти.
Кога станува збор за побогатите земји, вкупниот процент на погрешни пресметки е помал и изнесува околу 17 отсто. Во САД пресметаното несовпаѓање во март и април годинава се движеше околу 7 отсто. Само за споредба, во јули 2020 година, реалниот број на инфекции во САД беше од 2 до 6 пати повисок од официјално прикажаните бројки.
Фокусирањето на официјалните извештаи за случаите на ковид-19 и стапката на смртност како последица од болеста, во голема мера ја потценува сериозноста на кризата. Тоа може да ги наведе политичарите да се решат за намалено тестирање и прикривање на лошите вести, на пример, со поттикнување на лекарите да наведуваат дека наместо ковид-19, причина за нечија смрт биле коморбидитетите како дијабетес или компликациите како пневмонија.
Наместо тоа, медиумите и јавноста би требало да обрнат поголемо внимание кон други индикатори, кои се поинформативни и помалку подложни на политички влијанија.
За почеток, стапката на позитивни корона-тестови, како процент од сите извршени тестови, дава многу поточен податок одошто стапката во однос на популацијата во една земја. Моменталната стапка на заразеност во Индија изнесува едно на четири лица. Доколку премиерот Нарендра Моди се фокусираше на ваквата стапка пред неколку месеци, можеби немаше предвреме да прогласи победа над опасниот вирус. Наместо тоа, тој иницираше масовни политички собири (на кои вирусот се шири со огромна брзина) и големи верски прослави.

За разлика од Индија, стапката на позитивни случаи во САД од неодамна изнесува под 3 отсто. Ова веројатно се должи на зголемената стапка на вакцинација, која е повисока од онаа во земјите од ЕУ и повеќето други земји во светот.
„Ако не вршевме тестирања, ќе имавме многу малку случаи“, изјави во мај 2020 година поранешниот американски претседател Доналд Трамп, лажно тврдејќи дека во САД се вршат повеќе тестирања одошто во повеќето други држави. Трамп не беше единствениот. Бразилскиот претседател Болсонаро го ограничи тестирањето заради подобра слика во јавноста.
Да се препознае степенот на намалување на вистинските бројки, значи да се разбере дека пандемијата е дури и многу полоша одошто мислевме. Но одредено охрабрување нуди примената на историската перспектива – под услов правилно да се справиме со статистиката.
На пример, во еден неодамнешен напис во „Њујорк тајмс“ имаше тврдење дека скокот на стапката на смртност во САД во 2020 година, не само што бил најлошиот во последниве декади туку наводно го надминал и оној од 1918 година, предизвикан од глобалната пандемија на грип.
Би било навистина изненадувачки доколку се потврди дека и покрај сите предности на современата медицинска наука и поголемите економски ресурси – американското здравје страдало повеќе во 2020, одошто во далечната 1918 година. За среќа, не е така. Точно е дека федералните и државните власти можеа да сторат многу повеќе во борбата со ковид-19, но исто така е точно и дека исходот од актуелната пандемија не е полош од оној од пандемијата на т.н. шпански грип. Приказната во „Њујорк тајмс“ не одговара на вистината во однос на споредените жртви од двете пандемии.
Според податоците на американскиот Центар за контрола и превенција на болести, во периодот од 2019 до 2020 година проценетата стапка на смртност во САД пораснала од 715,2 на 828,7 смртни случаи на 100.000 жители, значи зголемување на смртноста од 0,114 процентни поени. Секако дека овој пораст во ек на пандемија е трагично голем, но дали е продуктивно тој да се опише како зголемување од 16 отсто на стапката на смртност?

Заклучокот е дека зголемената стапка на смртност во 2020 година изгледа полошо од онаа во 1918 само доколку се спореди со други причини за смрт како (болестите на срцето, шеќерот и сл.), кои повеќепати се намалија во однос на минатиот век. Книгата на Стивен Пинкер „Просветлување сега“ (2018) претставува одличен противотров за нашиот впечаток дека светот оди во пропаст. Податоците што се однесуваат на здравјето, очекуваниот животен век, писменоста, личната безбедност и намалувањето на сиромаштијата покажуваат поволни трендови на подолг рок. Ваквиот историски напредок не се случува по автоматизам, но – како што тврди Пинкер – ја одразува нашата верба во „здравиот разум, науката и хуманизмот.“ Секако, од суштинско значење е секогаш да бараме одговорност од лидерите. Како што ни покажа оваа пандемија, за да се направи тоа, клучно значење ќе има токму добрата статистика.

Авторот е професор на универзитетот „Харвард“ и поранешен член во Советот на економски советници во администрацијата на Бил Клинтон