Со цврсти заложби на ООН и Г7 до нова иднина за Авганистан

Неодамна лидерите на Г7 одржаа состанок за Авганистан, а од клучно значење за нив беше јасно да размислуваат за важните цели за Авганистан, за да избегнат појава на уште еден циклус на беда, крвопролевање и масовни бегалски бранови, но и да ги координираат политиките. Меѓутоа, без Кина и Русија на преговарачката маса не постои можност за кохерентен меѓународен пристап кон Авганистан.

Имајќи го ова на ум, Г7 треба да остварат соработка со Авганистан под талибанска власт, а не да ја изолираат или да ја изгладнуваат земјата. Ова е важно не само како краткорочна тактика за мирно да ја напуштат државата граѓаните од западните земји и ранливите Авганистанци туку и да се избегнат идно крвопролевање, хуманитарна криза и бранови на бегалци. Колку и да е примамливо за Вашингтон и неговите сојузници од Г7 да воспостават долгорочна контрола на авганистанските девизни резерви, да ја замрзнат помошта за развој и да ги интензивираат санкциите на САД (а можеби и на ОН), таквиот пристап е осуден на неуспех, исто како што на крајот не успеа 20-годишната мисија на НАТО.
САД имаат богато искуство во казнување на другите земји, но не знаат многу или можеби не се грижат доволно за нивно подобрување. Многумина во американската политичка класа гласно се залагаат за казнување на талибанците, но, на крајот на краиштата, САД беа длабоко понижени. Остатокот од Г7 и од светот треба да ги отфрлат повиците за одмазда од истите американски политичари и стратези што направија толку многу за да ги вовлечат САД и НАТО во оваа 40-годишна збрка (американската интервенција во Авганистан започна во 1979 година, а не во 2001 година). Тоа се луѓето што ја дадоа првичната поддршка на САД за муџахедините, кои подоцна станаа талибанци и Ал каеда. Тоа се луѓето што ја поддржаа последователната инвазија на Авганистан во 2001 година и потоа веруваа дека ќе се постигне целта со зголемувањето на војската во текот на првиот мандат на Обама.

Овие луѓе треба да се игнорираат. Ако Талибанците се воздржат од одмазднички убиства против своите непријатели или брутална акција врз жени и девојки, земјите од Г7, агенциите на ОН, Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка и Азиската банка за развој (АДБ) треба да бидат подготвени да продолжат и навистина да ја зголемат финансиска поддршка за Авганистан. Точно, американската десница ќе се бутнува и ќе го етикетира претседателот Џо Бајден како предавник. Таа ја мрази секоја странска помош, поради што САД не беа во состојба да им помогнат на сиромашните земји да се стабилизираат. Затоа Г7 треба да стапи на сцена и да побара независна студија, зошто нејзината развојна програма во периодот 2001-2020 година не му помогна на Авганистан да се стабилизира и да се подобри доволно за да им овозможи на владата и нејзините воени сили да се спротивстават на талибанското повторно освојување на земјата. Потоа, Г7 треба да повика Советот за безбедност на ОН да ги интегрира размислувањата за економски и одржлив развој во своите идни активности и планирање за Авганистан. Советот за безбедност треба на секои три месеци да добива извештаи дали децата, вклучувајќи ги и девојчињата, се на училиште, дали клиниките функционираат, дали селата имаат пристап до вода и струја, дали мајките добиваат неонатална и акушерска нега, дали има доволно храна и дали има доволно фондови за развој за покривање на овие основни потреби.
За жал, мисијата на НАТО не ги сфати сериозно целите за одржлив развој. Во 2019 година, вкупната донирана помош за Авганистан за образовни програми достигна незначителни 312 милиони долари или скромни 20 долари по дете за вкупно 15 милиони деца на училишна возраст во Авганистан. Спротивно на тоа, САД трошеа околу еден милион долари годишно по војник за илјадниците американски војници во Авганистан. Од таа ситна сума дадена за образование, ниту една од помошта не беше насочена преку владиниот буџет, туку дојде во форма на проекти спроведени директно од невладини организации и други надворешни лица. Не е изненадувачки што авганистанскиот народ немаше доверба во својата влада. Некои американски политичари веројатно ќе паднат во искушение да поддржат нови бунтовнички групи да се борат против талибанците, наводно како начин да се притиснат на преговарачката маса. Ова е типичен американски рецепт, кој секогаш води до бесконечна војна. За среќа, САД веројатно немаат логистички средства за поддршка на бунт, а многу тешко ќе биде Кина или Русија да поддржат таков наивен пристап.

Со исклучок на поддршката за бунтовниците, САД, па дури и Г7, ќе бидат во искушение да одбијат да признаат каква било влада предводена од Талибанците, негирајќи дека има легитимитет. Таквиот потег потоа ќе се искористи како правна основа за да продолжат да се замрзнуваат девизните резерви на Авганистан во Федералните резерви на САД и да се стави под контрола секое ново финансирање за Авганистан од ММФ, Светската банка и АДБ. САД и нивните сојузници со тоа ќе поттикнат подлабока економска и хуманитарна криза. Дури и строгите американски санкции ретко ги рушат владите, а најверојатно нема да успеат ни во Авганистан.
На лидерите од Г7 треба да им се јасни главните цели, а тоа се извлекување на нивните граѓани и авганистански партнери и потоа конструктивно да се работи со Кина, Русија и други заинтересирани страни за да ѝ се стави крај на 40-годишната криза. Доволно беше уништување досега, време е за повторна изградба.

Авторот е професор на универзитетот „Колумбија“ и претседател на Мрежата за решенија за одржлив развој на Обединетите нации