Светот што го создаде Џорџ Буш Постариот

Работев со четири американски претседатели, и со демократи и со републиканци, и можеби најважното нешто што го научив низ искуството е дека многу малку од она што го нарекуваме историја е неизбежно. Она што се случува во светот е резултат на човечките одлуки да се преземат или не чекори кога сме се соочувале со предизвици или можности.

Џорџ Буш Постариот, кој беше 41-от претседател на САД, пред себе имаше многу повеќе предизвици и можности, а неговиот углед е јасен: си замина од државата и од светот во значително подобри услови отколку што тој наиде кога дојде на власт.
Често работев за и со Буш, сите четири години од неговиот мандат. Бев член на Советот за национална безбедност и надлежен за следење на развојот и спроведувањето на политиките за Блискиот Исток, Персискиот Залив, Авганистан, Индија и Пакистан. Исто така бев вклучен и во многу други политички советувања.
Буш беше пријатен, пристоен, чесен, отворен, полн со разбирање, без предрасуди, скромен, принципиелен и лојален. Тој многу ја ценеше јавната служба и се сметаше себеси за најновиот во долгата низа американски претседатели, уште еден привремен потстанар на Овалната соба и чувар на американската демократија.

Имаше многу значајни постигнувања во неговата надворешна политика, пред сѐ ставајќи ѝ крај на Студената војна. Во секој случај, начинот на кој таа заврши имаше голем удел врз четирите децении на организираните напори на Западот во секој регион во светот, поразот на Советите во Авганистан, длабоко вкоренетите маани во советскиот систем и изјавите и делата на Михаил Горбачов. Но ништо од ова не значеше дека Студената војна беше предодредена да заврши брзо или мирно.

Делумно така се случи затоа што Буш беше силно свесен за тешкотиите на Горбачов, а подоцна и Борис Елцин, и притоа избегна тешката состојба да ја направи понижувачка. Тој многу внимаваше да не се сити или да користи триумфална реторика. Наидуваше на многу критики поради ваквата контрола, но успеа да не предизвика токму таква националистичка реакција каква што сега гледаме во Русија.

Исто така го постигна тоа што го сакаше. Никој не треба да ја меша внимателноста на Буш со плашливост. Тој ги надмина неволноста и противењата, во повеќе наврати, на многумина од неговите европски колеги и го поттикна обединувањето на Германија и ја внесе во НАТО. Со ова покажа врвни дипломатски вештини.

Друго големо постигнување на Буш во надворешната политика беше Заливската војна. За него закана беа инвазијата и освојувањето на Кувајт од страна на Садам Хусеин, и тоа не само по главните нафтени резерви во регионот туку и по новиот светски поредок по Студената војна. Буш стравуваше дека ако не се реагираше на овој чин на војна, ќе следуваше уште поголем хаос.

По почетокот на кризата, Буш изјави дека агресијата на Садам нема да помине неказнето. Потоа тој состави силна меѓународна коалиција, која ги поддржа санкциите и заканата со сила, испрати половина милион американски војници во другиот дел на светот, на кои им се приклучија стотици илјади војници од други држави и кога демократијата не успеа да постигне целосно и безусловно повлекување на Ирак, Кувајт беше ослободен само за неколку недели, со значително мал број американски и сојузнички жртви. Ова практично беше типичен пример за тоа како треба да функционира мултилатерализмот.

Треба да се истакнат и два други примери. Прво, Конгресот не сакаше да се реагира на агресијата на Садам. За малку немаше да успее гласањето во Сенатот за да се одобри воена акција. Сепак, Буш беше подготвен да даде наредба за она што прерасна во операција Пустинска бура, дури и без одобрение од Конгресот, со оглед на тоа што тој веќе на своја страна ги имаше меѓународниот закон и Советот за безбедност на ОН. Тој беше толку многу одлучен и принципиелен.

Второ, Буш не дозволи настаните да излезат од контрола. Мисијата беше да се ослободи Кувајт, а не Ирак. Целосно свесен за тоа што се случуваше околу четири децении претходно кога силите на САД и на ОН ги проширија нивните стратегиски цели во Кореја и се обидоа насилно да го обединат полуостровот, Буш одолеа на притисоците за проширување на целите на војната. Беше загрижен да не ја изгуби довербата кај светските лидери што му беа сојузници и загубата на човечки животи што ќе следуваше како резултат на тоа. Тој исто така сакаше да ги задржи на своја страна арапските влади за да ги подобри шансите за преговори за мир на Блискиот Исток што требаше да започнат во Мадрид за помалку од една година подоцна. Исто така беше доволно силен за да се справи со политичката клима во тој момент.

Ниедно од ова не значи дека Буш секогаш бил во право. Крајот на Заливската војна беше валкан, затоа што Садам успеа да се задржи на власт во Ирак преку брутални мерки против Курдите на северот и шиитите на југот. По една година, администрацијата на Буш бавно реагираше на насилството на Балканот. Ова беше од многу поголема помош за Русија во нејзиниот постсоветски период. Сепак, целокупно земено, надворешната политика на неговата администрација позитивно се споредува со онаа на секој друг современ американски претседател или со секој друг современ светски лидер.

Треба да се истакне уште едно нешто, а тоа е дека Буш дефинитивно имаше најдобар американски тим за национална безбедност. Брент Скоукрофт го постави највисокиот стандард за советник за национална безбедност. Џејмс Бејкер несомнено беше најуспешниот државен секретар по Хенри Кисинџер, а заедно со нив беа вклучени и Колин Пауел, Дик Чејни, Роберт Гејтс, Лери Иглбургер, Вилијам Вебстер и многу други искусни професионалци.

Сето ова, пак, нè враќа на Џорџ Буш Постариот. Тој го избра народот, ги постави стандардот и очекувањата. Тој слушаше, инсистираше на формален процес и знаеше да води.

Како и обично што се вели дека рибата смрди од главата, исто така од неа почнува развојот. САД процветаа како резултат на многу придобивки од владеењето на 41-от претседател. Многумина во светот исто така. Сите ние треба да сме му благодарни. Нека почива во мир.

Авторот е претседател на Советот за надворешни односи на САД