Светот треба да покаже лидерство во процесот на вакцинација

Државите веќе треба да планираат да го вакцинираат своето население на годишно ниво, но, според сегашното темпо, ќе им треба двапати подолго за да успеат во намерата, бидејќи производителите на вакцини не ја споделуваат интелектуалната сопственост само за да ги повратат трошоците. Сепак, постои едноставно решение од кое сите ќе имаат корист

Сегашниот план за вакцинација во светот не е функционален и се чини дека никој не презема чекори и покрај катастрофалните последици по животот, егзистенцијата и глобалната економија. Ова требаше да биде година на закрепнување, но од епидемиолошка гледна точка таа ќе биде полоша од лани, а сегашната динамика сугерира дека 2022 година нема да биде ништо подобра. Сепак, не мора да значи дека ќе се исполни црното сценарио, но за да се излезе на подобар пат, ќе треба силно глобално лидерство, кое барем еднаш во преден план ќе ги стави потребите на човештвото.
Во изминатиот период дневните бројки на новозаразени и смртни случаи од ковид-19 се на пат да го надминат јануарскиот ек. Не само што Индија во моментов се бори со поразителниот вирус туку и други земји, кои досега главно беа поштедени, вклучувајќи и во Азија и Африка, исто така, веројатно ќе се соочат со сериозен нов бран. Светот има на располагање повеќе ефективни вакцини. Но процесот на вакцинација не се одвива доволно брзо за да се заштити посакуваниот дел од населението. Сега се даваат околу 18 милиони дози дневно, што претставува намалување од 18,6 милиони дози пред две недели. Имајќи предвид дека повеќето вакцини мора да се даваат во две дози, ова значи дека ќе бидат потребни две години за да се вакцинираат 80 отсто од светската популација.
Тие две години веројатно нема да бидат пријатни. Во Израел високоуспешната програма за вакцинација донесе драматичен пад на нови заразени и смртни случаи, а притоа ѝ овозможи на економијата да се отвори речиси целосно. Но другите предводнички во вакцинацијата, како што се САД, Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати, Чиле, Уругвај, Унгарија и Србија, се очекува допрва да ги видат првите ефекти.

Случаите опаѓаат кога стапката на репродукција (РО) паѓа под еден. Со други зборови, освен ако барем 75 отсто од популацијата не се имуни на вирусот, овој број ќе биде над еден, а случаите ќе продолжат експоненцијално да се зголемуваат. Препораката за физичка дистанца ќе продолжи да биде од суштинско значење за ограничување на трансмисијата на вирусот, бидејќи карантините се скапи, а неодамнешните истражувања покажуваат дека тие стануваат помалку ефикасни како резултат на „исцрпеноста од нив“.
Задачата нема да биде завршена дури и кога ќе се вакцинираат 75 отсто од светот. Според извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, трета доза од вакцината најверојатно ќе биде потребна во рок од една година, за да се обезбеди континуиран имунитет при нови варијанти на вируси. Затоа треба да планираме да го вакцинираме светот годишно, но, според сегашното темпо, ќе ни треба двапати подолго. Сепак, не е сè така црно.
Економијата на решението е јасна и изненадувачки неконтроверзна. Развојот на нова вакцина, заедно со безбедноста и ефикасноста, носи големи фиксни трошоци. Производството на копии од таа вакцина подразбира многу помала варијабилна цена. Во практика, компанија што развива нова вакцина ги надоместува своите фиксни трошоци со продажбата на дозите, но ги спречува другите да ја произведуваат нејзината вакцина со нејзино патентирање.

Тоа резултира со високи цени и ограничено снабдување, што е последно нешто што ни треба во пандемијата.
Многу подобро решение би било производителите да добијат голема паушална исплата во замена за интелектуалната сопственост. Секоја фирма што има капацитет тогаш може да ја произведува вакцината под бесплатна лиценца, зголемувајќи ја понудата и намалувајќи ги цените. Без оглед дали се САД, Европската Унија или конзорциум на богати земји, преку ваков вид субвенции треба да им плати паушална сума на производителите. Трошоците за производство на дозите не треба да бидат пречка, освен за најсиромашните земји. Трошоците за светот се занемарливи, особено во споредба со придобивките што богатите земји би ги имале од успешниот глобален план за вакцинација. Производителите на вакцини нема да загубат ништо со ова решение, но на овој начин процесот на вакцинација би бил многу побрз и поефикасен.
За жал, ова не е пристапот што го применува механизмот „Ковакс“. Всушност, целите на „Ковакс“ се премногу скромни и несоодветни за потребите на светот, особено ако станат неопходни нови вакцини, бидејќи вирусот мутира. Со него не се опфаќаат ниту паушалните плаќања на производителите, ниту слободниот влез во производството. Неговата цел е да организира дистрибуција на вакцините, со оглед на нивното ограничено количество.

Со оглед на тоа дека треба да се подготвиме за свет во кој периодично ќе ни требаат нови вакцини, треба да имаме силни, профитабилни фармацевтски компании што ќе можат да соберат средства и да ги обезбедат ресурсите за нивен развој. Ова може да се овозможи преку тендерски понуди за да се откупи интелектуалната сопственост на вакцините, а можеби дури и да се даде техничка помош за производство да се одвива според соодветните стандарди за квалитет. Компаниите би се натпреварувале за овие понуди, кои би биле организирани со максимални информации за генетиката на појавните варијанти на вирусот, нешто што бара глобален напор за надзор.
Но светот исто така треба да го зголеми производствениот капацитет за поддршка на вакцинацијата со двојно повисока стапка. Покрај тоа, имајќи го предвид неодамнешното искуство со земјите што акумулираа големи резерви на вакцини и забрануваа извоз, клучно е да се дозволи слободен влез во производството на вакцини за државите да можат да обезбедат пристап до нив со зголемување на сопствениот капацитет за производство. На светот му требаат повеќе вакцини против ковид-19, но прво му треба глобално политичко лидерство што ќе ги преземе едноставните но неопходни чекори за нивно обезбедување.

Рикардо Хаусман е поранешен венецуелски министер за планирање, а актуелно е професор на школата за управување „Џон Ф. Кенеди“ на универзитетот „Харвард“