Светот е во војна против коронавирусот

Борбата против ковид-19 е во полн ек. Се чини дека Кина ја доби првата битка. Хонгконг, Тајван, Сингапур и Јапонија, исто така, забележаа видливи успеси во ублажувањето на појавата, без сомнение и поради нивните искуства во справувањето со епидемијата САРС во 2003 година. Од друга страна, Европа и САД се будат од своите илузии за непропустливост. Како резултат на сето ова, епидемијата сега беснее низ Запад.

Најтешко погодена западна земја досега е Италија, која има особено тесни економски врски со Кина. Северна Италија сега е новиот Вухан (кинескиот град каде што првпат се појави коронавирусот). Со презаситениот здравствен систем, италијанската влада ја затвори малопродажната економија и ја стави во карантин целата држава. Сите продавници, освен аптеките и оние за намирници, се затворени. На луѓето им е посочено да останат дома, а можат да излезат на јавни места само ако треба да купат нешто или да се вратат од работа. Многу обврски во јавниот и приватниот долг (како што се кирии и камати) се суспендирани. Италија се обидува да го забави економскиот часовник додека не згасне коронавирусот.
Во меѓувреме, иако Германија има малку смртни случаи од коронавирус, бројот на зарази сега забрзано се зголемува како никаде на друго место. Како одговор на кризата, германската влада воведе краткорочен додаток за работа и додели кредитна помош, гаранции и одложени даноци за најпогодените компании. Јавните настани низ целата земја се откажани.

На учениците им е кажано да останат дома. Од своја страна, Австрија веќе одамна ја затвори својата границата кон Италија. Затворени се и австриските училишта, универзитети и повеќето продавници. Првично, иако Франција имаше порелаксиран пристап кон проблемот, сега и таа ги затвори своите училишта, ресторани и продавници, како и Шпанија. Данска, Полска и Чешка исто така ги затворија своите граници со Германија.
Американскиот претседател Доналд Трамп прогласи вонредна состојба на државно ниво. Конгресот одобри програма за итни случаи од 8,3 милијарди американски долари за финансирање на напорите за ограничување на епидемијата. Дополнително, уште поголеми суми се чекаат да одобри Сенатот. Федералната влада најпрво го забрани влезот за странските патници од Кина и Иран, а сега и од Европа.
На глобално ниво, не беа добро насочени сите одговори за кризата, а некои не беа доволно силни.
Најзагрижувачки е тоа што некои влади беа уверени дека можат само да го забават ширењето на вирусот, наместо да ги преземат потребните чекори за да се запре целосно. Предвидената заситеност на болниците кај силно погодените области веќе ја изложи глупоста од тие чекори.
На економски план, неколку рецесии веќе не може да се избегнат, а некои економисти веќе ги повикуваат владите да воведат мерки за надминување на агрегатната побарувачка.

Она што е навистина потребно се фискални мерки за да се спасат компаниите и банките од банкрот, за да можат брзо да заздрават откако ќе заврши пандемијата. Креаторите на политиките треба да разгледуваат различни форми на ослободување од данок и јавни гаранции за да им се помогне на фирмите да позајмуваат ако им е потребно. Но најперспективната опција е надомест поради привремено намалување на работните часови.Овој пристап, кој е испробан и тестиран во Германија, го компензира недоволно вработување на работната сила преку истите канали што веќе се користат за осигурување од невработеност. Уште подобро, не чини ништо, бидејќи ги спречува загубите што може да дојдат од зголемената реална невработеност. Сите земји треба да го спроведат овој дел од германската политика за да ги спречат загубите на работните места.

Но она што е најважно, сите влади треба да ја следат Кина во преземањето директни активности против ковид-19. Никој во првите редови не треба да биде ограничен од недостиг од средства. Болничките оддели за интензивна нега мора да бидат проширени. Мора да се градат привремени болници, а респиратори, заштитна опрема и маски мора уште помасовно да се произведуваат и да им бидат достапни на сите на кои им се потребни. Покрај тоа, на јавните здравствени власти мора да им се дадат средства што им се потребни за дезинфекција на фабриките и преостанатите јавни места. Хигиената е на прво место. Тестирањето на населението е особено од голема важност. Идентификацијата на секој случај може да спаси повеќе животи. Предавањето на пандемијата едноставно не е опција.

Авторот е професор по економија на Универзитетот во Минхен