Рестартирање на финансискиот систем за брз економски напредок

Дејвид Милибанд

Од последниот состанок на групата Г7 во август 2017, па до денес, ковид-19 резултира со 3,5 милиони смртни случаи и предвидување за економски загуби до висина од 22 трилиони долари до 2025 година економски шок што е за 85 отсто поголем од оној предизвикан од глобалната финансиска криза во 2008 година. И двата катаклизмични настани произведоа храбар, ефективен мултилатерализам, што светот го направи побезбеден и попросперитетен. На последниот самит на Г7 во Корнвол, присутните имаат можност да го демонстрираат истиот вид лидерство. Како актуелен претседавач на Г7, Велика Британија се надева дека ќе го води глобалното закрепнување на начин што ја зајакнува отпорноста на нашата планета во однос на секоја идна пандемија. За постигнување на оваа цел ќе бидат потребни повеќе пари, но исто така и подлабинско финансирање и реформи. Задача на денешните лидери е да се справат со специфичните неуспеси на досегашните напори за финансирање на борбата со пандемијата, на начин што ќе ги поврзат долгорочните инвестирања со механизмите за рано финансирање.

Пустошот што ковид-19 го предизвика цврсто го потенцираше она што експертите со години го укажуваа: нашите национални, регионални и глобални системи се многу неадекватни за откривање и запирање пандемии. Потребни се инвестиции од милијарди долари за во иднина да се избегнат трилионски загуби и неброените човечки страдања.

Постои изобилство од предлози за финансирање на пандемиската подготвеност. Но доколку плановите и системите за подготвеност не бидат активирани рапидно и во доволен обем при појавата на епидемија, нема да успееме да го достигнеме потребното ниво на отпорност. Нашиот Независен панел за подготвеност и справување со пандемии (ИППР) ја разгледа неодамнешната историја на пандемиско финансирање и дојде до заклучок дека во првите критични месеци на справување со ковид-19, сегашниот систем се мобилизираше премногу бавно.

Еден месец по соопштението на СЗО (30 јануари, 2020), со кое ковид-19 беше прогласен за глобална опасност по јавното здравје, Фондот за непредвидени состојби на СЗО и Централниот фонд за итни случаи на Обединетите нации издвоија сума од само 23,9 милиони американски долари. Три месеци подоцна, само 5 отсто од тогашниот Глобален план за хуманитарен одговор на ОН доби финансиска поддршка. Згора на тоа, требаше да поминат три месеци од декларацијата на СЗО, за осигурителните инструменти и капиталот на Светска банка да почнат да се активираат.

Додека да се објави нејзината првична исплата на осигурување во висина од 196 милиони долари (крајот на април 2020 година), поделбата требаше да се изврши во 64 држави, од кои 59 веќе наголемо се справуваа со епидемија на ковид-19. Иако мултилатералните агенции на крајот се обврзаа за помош на земјите со низок и среден приход, често под услови за концесија, сега е веќе јасно дека беа потребни повеќе навремени финансирања. Од земјите што се квалификуваа за помош, не се бараше да дефинираат како ќе се користат средствата добиени од фондовите. Проблемот се криеше во фрагментацијата помеѓу средствата за подготвеност и финансиските средства за „брза реакција“ и двете имаа свои посебни начини на управување, рамки за планирање и критериуми за финансирање.

Неуспехот на оваа комбинација – недоволно финансирање на подготвеноста, задоцнето финансирање на реакцијата и дисконтинуитетот помеѓу двата вида средства јасно укажа на потребата од еден меѓународен фонд за финансирање на подготвеноста за пандемија и реакцијата во однос на неа. Како што се истакнува во конечните препораки на ИППР, овој механизам треба да има капацитет да мобилизира долгорочни (од 10 до 15-годишни) уплати во висина од приближно 5-10 милијарди американски долари годишно за финансирање на тековната подготвеност, како и исплата на инцидентни до 100 милијарди долари, во случај на идни соопштенија за нови пандемии. Ваквиот вид финансирање може да се обезбеди со издавање социјална обврзница во однос на идните обврски, слично како што направи Меѓународниот финансиски фонд за имунизација во однос на вакцините.

Крајната цел е да се поддржат глобалните јавни добра што се однесуваат на подготвеноста: надзорните системи, истражувањата и развојот, како и протоколите за брза реакција (да се овозможат нов прилив на медицинска работна сила, ефикасна јавна комуникација и тимска набавка на есенцијални материјали за работа).
Да бидеме јасни, финансискиот јаз не беше единствениот, па дури ни примарниот неуспех што дозволи новата пандемија на ковид-19 да стане глобална катастрофа. Механизмот што ние го предлагаме би бил надгледуван од страна на Глобалниот совет за здравствени закани мултилатерално и мултисекторско тело, создадено така за да ги подигне подготвеноста и одговорот на пандемијата до највисоките нивоа на меѓународниот систем.

Предводен од претседавачи на Генералното собрание на ОН и лидерите на Г7, Советот би бил одговорен за одржување на политичката поддршка за подготвеност и одговор, следење на напредокот насочен кон глобални цели и за барање одговорност од носителите на одлуки. Оваа структура дава гаранција дека веднаш штом ќе се открие некаква епидемија, финансирањето на нејзиното запирање може непречено да биде распоредено од истото тело што е одговорно за планирање, надзор и секакво друго одржување на подготвеноста.

Доколку лидерите на Г7 имаат надеж дека ќе изградат отпорност во однос на идните пандемиски закани, најпрвин мора да ги признаат неуспесите на колективното менаџирање во текот на првите денови на кризата со ковид-19, од кои голем дел беа производ на недоволни инвестиции во подготвеноста.

Потоа, тие мора да ја „заслужат“ својата титула на светски лидери со тоа што ќе се посветат на планот за унифицирано управување, водење и финансирање на подготвеноста за пандемија и брзата реакција во однос на неа. Во спротивно, нема да сторат доволно за да се справат со некои идни пандемии, пред и тие да се претворат во катастрофални.

Авторoт е поранешен британски министер за надворешни работи и член на независниот панел на Светската здравствена организација за подготвеност и одговор на пандемијата.