Републиканецот во демократска кожа

Многумина што го познаваа Џорџ Буш Постариот велат дека тој беше „републиканец во демократска кожа“, бидејќи како американски претседател тој во градењето на меѓународната политика и односите на САД со остатокот од светот поголема предност им даваше на практичните политички придобивки, отколку на промовирањето на идеолошките конзервативни партиски ставови и принципи

Џорџ Буш Постариот, 41-от претседател на САД од 1989 до 1993 година, „беше пријатен, пристоен, чесен, отворен, полн со разбирање, без предрасуди, скромен, принципиелен и лојален човек..“, вели Ричард Хас, некогашен негов советник и соработник, како и на уште тројца други американски претседатели. Овие очигледно емотивни квалификации, изречени по еден ваков тажен повод, од денешен ракурс на една поинаква американска стварност, звучат како неверојатни. Но американските граѓани, особено современиците на последниот американски претседател ветеран од Втората светска војна, ги прифаќаат како вообичаени, иако за, волја на вистината, за Буш Постариот, покрај ваквите суперлативи, можат да се слушнат и малку поинакви мислења.
Овој умерен конзервативец, кого Хас уште го нарекува и чувар на американската демократија, за време на својот престој во Белата куќа претпочиташе прагматична надворешна глобална политика, со која ги постигна и своите признаени меѓународни успеси и заслуги. Многумина блиски или од тие што го познаваа овој нафтен магнат од Тексас велат дека тој беше „републиканец во демократска кожа“, бидејќи како американски претседател во својот еднократен четиригодишен мандат во градењето на меѓународната политика и односи на САД со остатокот од светот, поголема предност им даваше на практичните политички придобивки, отколку на промовирањето на идеолошките конзервативни партиски ставови и принципи.

Индикативно, во таа смисла, тоа не остана незабележано и за време на комеморацијата по повод смртта на Буш, кога сегашниот претседател Доналд Трамп од присутните поранешни демократски претседатели на церемонијата, со Барак Обама се поздрави само формално и студено, додека тоа не го стори со Бил и со Хилари Клинтон, која му беше и негова противкандидатка во изминатите претседателски избори во 2016 година.

Џорџ Буш Постариот дефинитивно ја немаше харизмата на својот популарен претходник Роналд Реган, чиј заменик и потпретседател беше во два мандата, но затоа во американската и во светската историја ќе остане запаметен како творец на детантот и, заедно со Михаил Горбачов и подоцна со Борис Елцин, сукцесор на „Студената војна“, потписник на двата договора за нуклеарно разоружување и ограничување на САД со поранешниот Советски Сојуз и секако, пак, со споменатите советски комунистички лидери, заслужен за отстранувањето на Берлинскиот ѕид во срцето на Европа и падот на комунизмот во светот.

Џорџ Буш Постариот, освен воената кариера стекната како американски пилот во војната и успешен петрол-бизнисмен, го красеше и беспрекорна и успешна политичка кариера; две децении претставник на САД во ОН, американски амбасадор во Кина, директор на ЦИА, долгогодишен претседател на Републиканската партија на САД и во два мандата потпретседател, во американската јавност беше ценет и почитуван заради цврстата државничка рака покажана како претседател во време на еден турбулентен и несигурен период на светската историја. Најмногу благодарение на Буш, САД кон крајот на 20 и почетокот на 21 век излегоа како единствена глобална светска велесила, оставајќи ја Русија на маргините на светската историја повторно да се бори и да ги докажува своето место и улога како рамноправен партнер на САД и голема и водечка воена и политичка светска велесила.

Круна на долгиот и исполнет живот (94 години) и богатата политичка кариера на некогашниот претседател на САД беше прогласувањето во 1990 година на „новиот светски поредок“, кој требаше да биде „ослободен од секаквите терористички закани и посилен во потрагата по правдата и побезбеден во стремежите кон мирот и слободата. Свет во кој нациите ја препознаваат својата одговорност за слободата и правдата.

Свет во кој посилните ги почитуваат правата и слободата на послабите“. За жал, оваа визија на 41-от претседател на САД ниту тој, ниту пак десет години подоцна неговиот син Џорџ Буш Помладиот, како 43-ти американски претседател, не успеаја докрај да ја остварат. Напротив, во 2001 година на Америка ѝ се случи 11 септември и се покажа дека таа е ранлива и дека се потребни дополнителни напори за одбрана од екстремниот светски тероризам и заштита на сопствената, а и на општата безбедност во светот. По овој настан, кој го потресе човештвото, САД повеќе не се тоа што беа.
Сепак, Џорџ Буш Постариот во американската историја секако ќе остане запаметен како најистакнат изданок на „племето“ Буш од Масачусетс, една од најуспешните американски политички династии, покрај онаа на Кенедиеви, од чии редови на татко-сенатор произлегоа двајца претседатели и еден републикански кандидат за претседател, помладиот син на Џорџ Постариот, Џеб Буш, поранешен гувернер на Тексас, кој ја изгуби трката со сегашниот американски претседател Доналд Трамп на американските претседателски избори во 2016 година.