Редефинирање на синџирите на снабдување за излез од енергетската криза

Во периодот што водеше до глобалната финансиска криза во 2008 година, неколкумина предупредија на можна катастрофална системска нестабилност. Во познатиот говор од 2005 година, Рагурам Г. Рајан експлицитно предупреди дека иако структурните и технолошките промени значат дека финансискиот систем теоретски го видоизменува ризикот подобро од кога било досега, во практика може да станува збор за негова концентрација. Во тоа време, Рајан не беше сфатен сериозно.
На овие случувања се потсетив поради широко распространетиот недостиг од стоки и ресурси што се јавува во целиот свет. Погодени се пазарите за гас, возачите на камиони, јаглерод диоксидот, играчките, мебелот за лесна монтажа, „ајфоните“, компјутерските чипови и многу други работи. Дали овие шокови во снабдувањето ќе се покажат само како привремено нарушување, бидејќи глобалната економија закрепнува од корона-кризата? Дали сме сведоци на колапс на глобалниот производствен систем? Тогаш каков би требало да биде денешниот одговор на кризата, повикувајќи се на искуството на интервенциите на централните банки во спречувањето на глобалниот финансиски колапс од 2008 година?
Паралелите помеѓу денешните нарушувања во снабдувањето и финансиските шокови од 2008 година се фрапантни. Пред секоја криза, преовладуваше претпоставката дека децентрализираните пазари ќе обезбедат соодветна отпорност, без разлика дали се шират финансиски ризици или се обезбедува разновидност на алтернативните резерви.

На пример, во енергетскиот сектор има постојано поместување од националната самостојност кон потпирање на глобалните пазари. Европската Унија (ЕУ) го започна процесот на „либерализација“ во 2008 година, овозможувајќи нова конкуренција во гасот и струјата на ниво на целиот пазар на блокот. Иако некои претходно изразија загриженост за последиците врз безбедноста во снабдувањето, политичарите продолжија со воведување законски регулативи да го доверат енергетскиот увоз на европските економии на глобалните пазари. Но повеќето аналитичари и политичари не успеаја да предвидат дека глобалните пазари за гас и многу други стоки ќе се соочат со разни нарушувања.
Наводната диверзификација на понудата што произлегува од либерализацијата често се чини дека е илузорна. За многу производи, вклучувајќи ги полуспроводниците или јаглерод диоксидот (како нуспроизвод од ѓубривото) за преработка на храна, резервите станаа поконцентрирани. Поделбата на глобалните производствени синџири во сè поспецијализирани врски во текот на неколку децении доведе до неочекувано блиска поврзаност меѓу шоковите во снабдувањето во различни индустрии.
Покрај тоа, некои кризи (како недостигот од возачи на камиони и контејнери за превоз, или нафта во Велика Британија) директно влијаат врз логистиката што ги гради врските во синџирите на снабдување. Како резултат на тоа, ранливостите брзо почнаа меѓусебно да се поттикнуваат и самите по себе да се зголемуваат. Високоспецијализираниот глобален производствен систем за навремена испорака донесе значителни придобивки, но неговите слабости сега се очигледно поголеми.

Какво решение треба да пронајдат политичарите за овој недостиг од системска отпорност и што може да се стори за да се спречи? Бенџамин Голуб од универзитетот „Нортвестерн“ покажа дека теоријата за редици на чекање нуди увид во тоа како малата промена во еден систем што добро функционира може да доведе до огромно зголемување на времето на чекање. Спротивно на тоа, намалувањето на интензитетот во системот додава силна флексибилност. Слично на тоа, класичниот модел на пајакова мрежа покажува како доцнењето може да ги дестабилизира пазарите и да предизвика големи флуктуации во побарувачката и понудата. Ако е бавна реакцијата на побарувачката за разлика од онаа на понудата во однос на ценовните сигнали, а очекувањата за иднината се покажуваат како неточни, тогаш доцнењето во одговорите на доставувачите ја поттикнува нестабилноста. Како што истакна Тера Алас од глобалниот институт „Мекинси“, динамиката на системот беше замислена за да гледа на синџирите на снабдување како на сложени, нелинеарни динамични системи.
Значи, постојат многу модели за да се разбере тековниот проблем со недостигот од ресурси. Итниот предизвик е како да се врати стабилноста и да се намали недостигот. Главен приоритет е да се обезбедат подобри податоци и деловна експертиза во Владата. Дури и 30 години по глобализација постојат зачудувачки малку детални, јавно достапни информации за протокот на производи во глобалните синџири на снабдување. Министерствата треба да го обноват знаењето за индустријата заснована на инженерство, што беше почеста практика кога индустриската политика важеше за клучна владина функција.

Но на краток рок, децентрализираните пазари и ценовните сигнали се проблемот, а не решението. Владите ќе треба да се вмешаат, без разлика дали ќе ги ангажираат војниците да ги возат цистерните со нафта или ќе обезбедат субвенции за производство, за да се ублажи дел од недостигот од стоки и ресурси.
Кога непосредните проблеми со снабдувањето ќе се намалат, фирмите и политичарите мора да размислат каква заштита или намалување на производството треба да вклучат во производниот систем на подолг рок. Исто како што банките требаше да ги зголемат своите резервни капитали по 2008 година, можеби сега треба да се повлечеме од навременото производство и да ја редефинираме продуктивноста во однос на ризиците по синџирите на снабдување.

Авторката е професорка по јавна политика на универзитетот „Кембриџ“.