Раѓање на парламентот

Даниел Грос

Изборите за Европарламентот порано беа здодевна работа, заборавени од гласачите и едвај забележани од медиумите. Но изминатите избори, што беа одржани во последниот викенд од мај, беа поразлични, привлекувајќи го вниманието и зголемувајќи ги очекувањата. Одзивот на гласачите, кој беше во опаѓање по првите европски избори во 1979 година, овојпат значително се зголеми, достигнувајќи над 50 отсто. Тоа не е само највисок одзив на изборите за Европскиот парламент во изминатите 20 години, туку исто така е и повисок од вообичаениот одзив на изборите за Конгресот во САД.

Клучен фактор за зголеменото учество најверојатно беше подемот на популистичките партии, но не поради причината на која мислите. Веќе одреден период анкетите покажуваа зголемување на поддршката за членството во Европската Унија, при што граѓаните истакнуваат дека имаат повеќе доверба во институциите на ЕУ отколку во националните институции. Па така, брегзит и стравот дека популистичките сили во другите земји ќе ги загрозат придобивките од евроинтеграциите, можеби го зголеми одзивот. Да, популистичките сили освоија доста гласови, но ни приближно толку многу колку што првично се стравуваше. Уште повеќе, ниту една од главните популистички партии не предложи напуштање на ЕУ или на еврото, иако 16 популистички партии пред само една година заговараа таков исход.

И покрај тоа, постои слаба поврзаност помеѓу популарноста на ЕУ и учеството на европските избори. Во некои земји, на пример во Словачка, луѓето се среќни што се во Унијата, но и понатаму не гледаат поента во гласањето за нејзиниот парламент, па така, само петтина од Словаците се појавија на гласачките места. Второто изненадување, што повторно ја рефлектира распространетата желба за останување во ЕУ, беше тоа што проевропскиот центар во најголем дел ја задржа својата доминантна позиција, а загубите на двете големи партии (конзервативците и социјалдемократите) беа амортизирани од успехот на либералите, и посебно на зелените. Овој нов центар е порасцепкан, а коалиција од најмалку три партии ќе биде потребна за мнозинство. Но тоа ја отсликува политичката реалност на теренот: во многу членки на ЕУ, двете најголеми партии не може да сметаат на добивање на комбинирано мнозинство од гласовите.

Неодамнешната изборна кампања исто така се истакнува со начинот на кој беа дискутирани европските прашања. На линија со старото размислување „целата политика е локална“, прашањата и натаму беа разгледувани низ призмата на националните состојби и интереси. Но кога Европа беше повикана, имаше едно големо чувство на солидарност. Тие повикувања најмногу се фокусираа на безбедноста, особено на имиграцијата, за која анкетите сигнализираат дека и натаму останува предизвик за Европа за кој луѓето најмногу се загрижени. Многу кампањи ја користеа реториката за „повторно преземање на контролата“. Но за разлика од Британија, каде што таа фраза значи контролирање на националната граница, на европскиот континент таа генерално значи зајакнување на надворешната граница на ЕУ.

Слична промена може да се забележи и кај другите прашања, особено трговијата. Поддржувачите на брегзит постојано тврдеа дека Британија мора повторно да ја преземе контролата врз нејзината трговска политика. Но преостанатите членки на Унијата дојдоа до спротивен заклучок: во сѐ понеизвесен свет, само силна Европа може да спречи тие да бидат изложени на милоста на САД и на Кина.

Исходот од изборите има важни последици не само за иднината на ЕУ, туку и за самиот Европски парламент. Фактот дека Европарламентот не го изразува принципот „едно лице, еден глас“, долго време го спречува да стане вистински парламент. Наместо тоа, мандатите се распоредени во согласност со принципот на т.н. дегресивна пропорционалност: бројот на гласачи по европратеник се намалува во помалите земји-членки, а во поголемите расте. Големите членки како Германија, Италија или Франција имаат еден европратеник на секои 800.000 жители. Помеѓу најмалите земји-членки, соодносот е еден европратеник на секои 100.000 жители. Со други зборови, еден глас во мала членка на ЕУ може да „вреди“ речиси осум пати повеќе од гласот во голема членка. Германскиот Уставен суд укажа на дегресивната пропорционалност, кога тврдеше дека Европскиот парламент не може да се смета за целосно демократски легитимен. Но ова тврдење ги занемарува основите на ЕУ, која е унија и на земјите-членки и на нивните народи.

На некој начин, Европарламентот има многу заедничко со американскиот систем. Од една страна, телото може да се гледа како комбинација од двата дома во Конгресот на САД: Сенатот (во кој има по двајца претставници од секоја држава, без разлика на големината) и Претставничкиот дом (каде што членовите претставуваат области со речиси иста големина). Од друга страна, структурата на Европскиот парламент потсетува на онаа што е создадена од американскиот изборен колеџ, кој на претседателските избори им дава поголема тежина на гласачите во помалку населените држави. Во САД овие разлики може да бидат одлучувачки: на три од изминатите седум претседателски избори, победникот или не освои мнозинство гласови (Бил Клинтон во 1992 година) или всушност доби помалку гласови од губитникот (Џорџ Буш во 2000 година и Доналд Трамп во 2016 година). За среќа на Европа, преголемата претставеност на европратениците од помалите земји-членки сѐ уште не стана главен проблем. Тоа можеби го рефлектира фактот дека нема јасна, постојана поделба помеѓу исток и запад, север и југ, или мали и големи. Во САД постои долга и значајна поделба во политичките ставови помеѓу понаселените крајбрежни држави и помалку населените држави од внатрешноста.

Севкупно, Европскиот парламент изгледа дека направи мал, но важен чекор кон тоа да стане вистински одраз на народната волја на Европејците. Иако многу прашања и натаму се решаваат во Европскиот совет, балансот на авторитетот помеѓу европските и националните лидери сега изгледа дека е порамноправен.

Грос е директор на Центарот за изучување на европски политики