Проблемот на Путин со полуслободните медиуми

Во годишното обраќање за медиумите што минатиот месец беше секаде пренесувано, рускиот претседател Владимир Путин дејствуваше самоуверено и вообразено, а беше бодар само кога ја критикуваше Украина за судирите во Црно Море или кога остро го критикуваше Западот затоа што „не се однесува фер“ со Русија. Укажувајќи дека повлекувањето на Америка од Договорот за нуклеарно оружје од среден дострел, склучен во 1987 година, наложува Русија да развива нови оружја, тој подбивно истакна дека „подоцна не треба да се жалат ако наводно сакаат да се стекнат со одредена предност“.

Карактерот на Путин потсетуваше на советскиот амбасадор во филмот „Д-р Стрејнџлав“, кој ветуваше дека „засекогаш ќе се помири“ со Западот, и на Дедо Мраз, кој на чудесен начин ги решава проблемите на луѓето. Ова е неимпресивен репертоар за Путин, кој во изминатите 18 години играше разни улоги, од грижлив татко на нацијата дури до Џејмс Бонд што знае џудо. Уште поважно е што довербата е на најниско ниво.

Путин го изгради својот авторитет на директниот контакт со руското општество. На почетокот од неговиот претседателски мандат, тој ги посети сите 11 временски зони на Русија и ветуваше и често исполнуваше реален пораст на приходите, подобра инфраструктура и национална обнова. Всушност, неодамнешната прес-конференција, 14-та од ваков вид, изгледаше како уште еден често повторуван јавен перформанс на Путин: „директна линија“ – пренос во живо во кој одговара на (однапред подготвени) прашања на Русите.

На исто така однапред договорената прес-конференција, „новинарите“ поставуваа прашања и потоа откриваа дека се обични Руси што биле измамени од корумпирани службеници. Една таква огорчена Русинка доби лично ветување од Путин дека „ќе го разгледа проблемот“.

Но среде намалениот животен стандард и зголемените немири во светот, телевизиските ветувања на Путин никого повеќе не можат да излажат, не само поради намалената доверба во вестите што се емитуваат на телевизиите (од 79 на 49 отсто во изминатата деценија). Русите исто така се сомневаат во самото лидерство на Путин, како што покажува остриот пад во неговиот рејтинг од 76 на 66 отсто во изминатите шест месеци. Само 56 отсто од Русите велат дека ќе гласаат за него ако сега се одржат избори.

Секако, ова не е ништо ново за Кремљ, кој се обидува да ја промени тактиката за да привлече гласачи на своја страна. Наместо да се потпираат на личните ветувања и обраќања на Путин, властите сè повеќе се фокусираат на технократските индикации на развојот на Русија додека ја злоупотребуваат заканата што ја претставува Западот.
Како што предупредуваат медиумите под контрола на Кремљ, САД се повлекуваат од децениски старите нуклеарни договори само за да можат да извршат нуклеарен напад врз Русија. На ова додајте ги приказните од ужасите од Втората светска војна, па, така, поплаките за животниот стандард и надежите на Кремљ изгледаат неважно за споредба.

Путин можеби нема да го сфати доволно сериозно предизвикот со кој се соочува. За време на неговиот трет претседателски мандат, а ќе се кандидира и за четврти, тој повеќе се насочи да ја одбрани својата свита од обвиненијата за корупција или рамнодушноста да работи во корист на обичниот руски граѓанин. Во вистински советски стил, тој е поисплашен од државен удар во својата палата отколку од јавен бунт. Неговата убедлива победа на минатогодишните претседателски избори ја поткрепува оваа тенденција, затоа што се вклопува во класичната претпоставка на долгогодишниот автократ, а тоа е дека народот ќе го сака без оглед на сè.
Проблемот со полуавторитарниот режим како оној на Путин е дека однесувањето на народот не е целосно под контрола на лидерот. Во денешна Русија, ова се однесува на медиумите, кои известуваат многу почесто и похрабро за општествените предизвици и за гневот што постои отколку што очекуваат аутсајдерите.

Руската држава никогаш всушност не бараше позитивно да се пренесува за општествените проблеми. Што се однесува до тие проблеми, нивото на слободата на говор е слично на „гласноста“ (отвореноста) во 1980-тите. Иако медиумите се приспособуваат на официјалниот став на темите поврзани со Украина и Западот, а да не зборуваме за народните протести предводени од опозицискиот лидер Алексеј Навални, тие сепак ги нагласуваат проблемите на луѓето со платите, пензиите, домувањето, паркирањето, како и даноците. На пример, насловите за „губењето на довербата“ на Русите во нивната влада осамнаа во весниците како што се „МК“ и „Комерсант“, но и на телевизиските мрежи како НТВ. Ова не е заговор против Путин туку руските медиуми само си ја извршуваат задачата до степен до кој можат како полуслободни медиуми.

Сепак, рускиот медиумски бизнис е бизнис кому му се потребни клиенти за да опстои. Како што медиумите го променија интересот од антизападна пропаганда и приказни за величење на минатото, кои за разлика од Кремљ признаваат дека читателите повеќе не се заинтересирани за нив, тие не само што известуваат за општествените проблеми туку и измислуваат нивни сопствени сензационалистички предупредувачки наслови што ја привлекуваат публиката. Патриотизмот можеби не е во мода, но алармантноста сè уште е актуелна.

Во таа смисла, руските медиуми потсетуваат на можната трансформациска моќ на „гласност“. Во 1980-тите, многу активно се известуваше за општествените и историските неправди, со што се создаде поделба меѓу тврдокорните што сметаа дека ја штитат државата (што потсетува на денешен Кремљ) и оние што сакаа да ја забрзаат Перестројката (преструктурирањето). Пропаднатиот државен удар на тврдокорните во 1991 година го забрза распадот на Советскиот Сојуз.
Советскиот Сојуз се распадна делумно поради неодговарањето на основните потреби на луѓето и агендата на државата за градење велесила, поради што народот многу осиромаши. На тврдењата дека ја брани татковината додека го игнорира народот, Путин сега ризикува да направи слична грешка.

Државниот весник „Ведомости“, кој во никој случај не е либерален, неодамна пренесе дека Русите денес не сакаат опстанок, туку самоизразување, тие сакаат „законот да ги штити, сакаат почит и мирна надворешна политика“. Путин не го забележа ова, затоа што само им дава инструкции на медиумите, но никогаш не го чита напишаното.

Авторката е професорка по меѓународни односи на Новата школа и висока соработничка на Институтот за светска политика