Приоритети за спас на економијата

За повеќето земји, справувањето со долготрајниот пад во економијата што го предизвика ковид-19 почна да изгледа повеќе како маратон отколку како спринт. Според процените на Меѓународната финансиска корпорација (ИФК), домашните приватни инвестиции и странските директни инвестиции во економиите во развој ќе се намалат годинава за речиси 700 милијарди и 250 милијарди долари соодветно, а на старото ниво пред кризата можеби нема да се вратат дури до 2023 година.
Уште полошо е што кризата зафаќа огромен број сиромашни и најранливи категории во светот, со што се загрозуваат долгогодишните тешко постигнати развојни придобивки. Светската банка предупредува дека ќе бидеме сведоци на првото зголемување на светската сиромаштија од 1998 година, со тоа што до 100 милиони луѓе ќе западнат во екстремна сиромаштија.
Во зависност од тоа како ќе се движат владите и фирмите низ овој неизвесен период од шок до обнова, ќе се одреди дали постои цврста економска основа врз која ќе може да закрепнат вработувањето, долгорочниот раст и напорите за светски развој. Состојбата бара да ги реорганизираме и да ги подобриме пазарите. Многу компании немаа друг избор, освен да ги изменат своите деловни модели, кога пандемијата ги забрзува промените во начинот на кој работиме, консумираме и комуницираме. Овие трендови може да влијаат врз целата индустрија и да се отворат можности за оние со иновативен капацитет.

Но владите, исто така, мора да најдат креативни начини да ги приспособат своите економии и да ги заштитат активните фирми додека брзо им го олеснуваат товарот на оние што се во опасност да затворат затоа што се несолвентни. Ова ќе биде време на тестови и учење од грешките што ќе бара стратегиска визија и практичност од страна на деловните и на политичките лидери.
Државите можат да се фокусираат на три принципи за да ја забрзаат обновата. Првата задача е да се приспособат правилата на игра кон новата реалност. Продолжената криза значи дека економиите во развој нема да бидат во можност да им помогнат на илјадници компании да ги пренаменат долговите. Во многу земји со ниски приходи, постапката за стечај просечно трае повеќе од три години. Но со неформални вонсудски механизми и поедноставени судски постапки, владите можат да им дадат шанса на активните компании полесно да ја поминат кризата, да избегнат долги правни процеси и скапи, тешки преговори. Земјите во развој исто така можат да го зголемат прагот за несолвентност и да ги приспособат правилата за преструктуирање на долгот за да спречат непотребна ликвидација на фирми, кои само тешко функционираат во карантин.

Второ, владите мора да усвојат принцип за „ненанесување штета“ при организирање на нивните одговори. Каде и да е можно, јавниот сектор треба да ги ограничи или едноставно да ги одложи заостанатите обврски кон приватните изведувачи, особено во секторите каде што има голем број вработени и во критичните синџири на снабдување. Тоа ќе ја намали штетата на билансите на состојбата, ќе спречи банкрот на активните фирми и ќе го ограничи негативното влијание што може да ја одложи обновата.
Трето, сите земји треба стратегиски да размислат за нивните трошоци. Некои сектори и индустрии треба да се реорганизираат, а други да се затворат. На пример, со оглед на тоа што државите и пазарите се свртуваат кон форми на енергија и производство со ниска емисија на јаглерод, би било контрапродуктивно да се продолжи со субвенционирање енергетски неефикасни индустрии.
Сега е време да започнеме со создавање и негување на идните бизниси. Изборот опфаќа многу клучни области од „зелени“ синџири на вредности, опрема за рециклирање на лична заштитна опрема, силен туризам и работни средини со еднаква родова застапеност.

Во земји со многу слаб пристап до дигитални финансиски услуги, прифаќањето на технологиите како што се мобилен паричник и вештачка интелигенција би можеле да го забрзаат процесот на дигитализација што ќе отвори пат за стабилен раст.
Но доколку овие земји сакаат да привлечат инвеститори, тие ќе треба да создадат можности, и тоа токму сега. Ова е причината зошто за ИФК голем приоритет стана да помогне во поставувањето на темелите за зајакнување на приватните инвестиции и растот на приватниот сектор во светот во развој. Забрзувањето на приватните инвестиции ќе бара реформи во политиката и законодавството за да се создадат соодветни услови за деловно работење и да започнат успешни проекти. Ова важеше пред пандемијата, а сега е уште поитно да се воведат реформи.
Поддржувачите на развојот, од своја страна, треба да ги засилат своите напори за да поттикнат инвестициски можности. Тоа значи преструктурирање и рекапитализација на фирмите, акциски инвестиции за поддршка на растечките бизниси и стартапите, промовирање на јавно-приватно партнерство за привлекување инвеститори во земјите во развој. За таа цел, наместо пасивно да се чекаат инвеститори, развојно-финансиските институции треба директно да им пристапуваат со предлози за инвестиции, што ќе поттикнат студии за оправданост на средствата и ќе отворат разни нови можности.

Економскиот пад поради ковид-19 неизбежно ќе влијае на многу сектори и работни места. Но, сепак, постои надеж за силно закрепнување, под услов да научиме од минатите кризи. Политичарите треба да ја вложат целата своја креативност за да го одржат приватниот сектор во живот и да подготват компании за враќање на растот.

Авторот е извршен директор на Меѓународната финансиска корпорација, член на групацијата на Светската банка и на најголемата светска развојна институција насочена кон приватниот сектор во земјите во развој