Последен повик за будење на Европа и на НАТО

Катастрофалното повлекување на Западот од Авганистан го зајакна чувството на несигурност во Европа, во однос на иднината на НАТО и трансатлантските односи воопшто. Но останува отворено прашањето дали ваквата загриженост ќе поттикне акција внатре во Алијансата

Има добра причина зошто треба да бидеме критични кон американското повлекување од Авганистан. Ако сликите на очајните Авганистанци што се собираа на аеродромот во Кабул не беа доволни, тогаш со сигурност ќе биде смртоносниот напад врз насобраните толпи. Хаотичниот и понижувачки крај на непопуларната војна со страшни хуманитарни последици беше резултат на серијата политички погрешни пресметки на неколку последователни американски лидери.
Во Европа, брзиот колапс на авганистанската влада, поддржана од Западот, предизвика потреба интензивно да се бара виновникот. Но враќањето на талибанците на власт, исто така, го зајакна веќе растечкото чувство на несигурност во врска со иднината на НАТО и трансатлантските односи воопшто. Сепак, останува отворено прашањето дали загриженоста ќе поттикне акција. За Европската Унија (ЕУ), геополитичкото преиспитување е хронична состојба. Тоа генерално води до смели декларации и надежни визии за стратегиска автономија, идеја што тлееше од 1990-тите години, но доби новооткриена важност во последниве години. Честопати, тие визии инспирираат силни повици за реформи, чиј предводник е главно Франција. Но таквите повици брзо исчезнуваат. Раздорот меѓу ЕУ и, што е уште поважно, меѓу членките на НАТО, делумно поттикнат од културна аверзија кон трошоците за одбрана, беше несовладлива пречка. Таква беше судбината на борбените групи на ЕУ со големина на баталјон, составени од единици од различни европски членки, почитувајќи ја заедничката политика за безбедност и одбрана на ЕУ.

Покрај постигнувањето „целосна оперативна способност“ во 2007 година, тие никогаш не беа распоредени, поради внатрешни несогласувања.
Досега, сегашните размислувања се чини дека следат сличен пример. Пред последните летови за евакуација од Кабул, европските лидери повторно почнаа да апелираат за стратегиска автономија. Жозеп Борел, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, рече дека повлекувањето треба да биде „повик за будење“, поттикнувајќи ја ЕУ да „инвестира повеќе во своите безбедносни капацитети и да развие услови да размислува и да дејствува во стратегиска смисла“. Дебаклот во Авганистан секако дава поголем поттик, но на крајот на краиштата, како што забележа Борел, времето и природата на повлекувањето од Авганистан исклучиво ги утврди САД. Со други зборови, и покрај неговите ветувања за обновување на меѓународните обврски на Америка и нејзините односи со сојузниците, се чини дека претседателот Џо Бајден продолжува со фокусот на решавање на внатрешните предизвици.
Сега се чини дека Европејците се помируваат со фактот дека Америка не може да ја поврати својата водечка улога на светската сцена додека не ги залечи внатрешните рани. Администрацијата на Бајден води „надворешна политика за средната класа“, цврсто закотвена во силно поделената домашна сфера. Но иако едностраното носење одлуки на Бајден за Авганистан треба да внесе нов живот во повиците за посеопфатно стратегиско разделување од САД, тоа не ја ослободува ЕУ од одговорноста за симболичното повлекување. Европските сојузници на Америка имаа многу можности да се спротивстават на плановите за повлекување на администрацијата на Бајден, и тоа на самитот на НАТО во јуни. Меѓутоа, дури и да го стореа тоа, европските лидери немаше да имаат можност да ја поддржат својата позиција. Европските сили не можеа да го задржат аеродромот во Кабул отворен без американска поддршка. Јасно е дека ЕУ нема капацитет да проектира независна стратегиска визија. Главната причина е слабата политичка волја што, меѓу другото, доведе до распределба на премалку финансиски средства.

Прашањето се сведува на пресметките на лидерите на ЕУ и на нивните избирачи во врска со перципираната вредност и вистинската цена на стратегиската независност. Вистинската променлива е вредноста, чија перцепција значително се разликува низ Европа. Цената неоспорно е околу 818 милијарди долари годишно, што е разликата помеѓу буџетот на НАТО од една илјада милијарда долари и она што ЕУ го потроши за одбрана во 2019 година. Засега, блокот не може да го покрие овој трошок, бидејќи неговиот буџет за 2021-2027 година одвојува само 13 милијарди евра за безбедноста и одбраната. За да се постигне вистинска стратегиска автономија, блокот ќе треба да собере многу повеќе политичка волја во наредните години. Ова може да се оствари во време кога лидерите на ЕУ се соочуваат со шанси за нов бран миграција и повторно појавување на Авганистан како засолниште за тероризам, што ќе ги тестира безбедноста на границата во Европа, политичката стабилност и капацитетот за хуманитарни мисии.
Во секој случај, вистинската стратегиска автономија останува повеќе долгорочен идеал отколку остварлива краткорочна цел. За среќа, ЕУ може да постигне поголема автономија заедно и преку зголемена одбранбена соработка со САД. Покрај внатрешниот фокус на Америка, двете страни очигледно имаат многу заеднички стратегиски интереси. ЕУ треба да ги потсети САД на ова и да ја оддалечи земјата од нејзиниот изолационистички курс. Овој императив треба да ги информира тековните напори на ЕУ во подготовката на својот патоказ за безбедност и одбрана, познат како „Стратегиски компас“, но и да ги обликува акциите на блокот пред и за време на Самитот на НАТО, закажан за следниот месец во Мадрид, каде што ќе биде издаден нов стратегиски концепт.
На крајот на краиштата, Европа не може да се постави како доминантна сила во геополитиката и да има тамошно влијание што ќе одговара на нејзината економска моќ, доколку не ги приспособи своите буџетски приоритети, пренасочувајќи ги ресурсите од својата драгоцена социјална држава. Останува да видиме дали Европејците ќе толерираат таква промена.

Авторката е поранешна министерка за надворешни работи на Шпанија, а актуелно е привремена предавачка на универзитетот „Џорџтаун“.