Поразличен пристап во иновациите за силни здравствени системи

На почетокот од 2020 година, луѓето почнаа да сфаќаат дека ковид-19 може да биде страшната, но очекувана светска пандемија предизвикана од непознат вирус. Три месеци подоцна, поголемиот дел од светската популација е во карантин и јасно е дека сите ние сме во иста ситуација локално, национално и меѓународно. Силните здравствени системи, соодветни тестирачки капацитети и ефикасна, универзално достапна вакцина ќе бидат клучни за заштита на општествата од ковид-19. Но за никој да не заостанува, се потребни не само досега невидени инвестиции туку и многу поразличен пристап.

Истражувачите на универзитетите и компаниите низ светот се натпреваруваат во пронаоѓањето вакцина. Овие огромни напори се возможни само поради значајната јавна инвестиција вклучувајќи и во националните институти за здравство на САД и на Коалицијата за иновации за епидемиска подготвеност (ЦЕПИ). ЦЕПИ досега има добиено дополнителни 765 милиони долари од наменетите две милијарди долари за финансирање развој на вакцини против ковид-19 од повеќе влади.

Биомедицинскиот орган за напредно истражување и развој, кој е дел од Министерството за здравство и човечки услуги на САД, инвестираше значително во проекти за развој на вакцини со „Џонсон и Џонсон“ (450 милиони долари) и со „Модерна“ (483 милиони долари). ЕУ има намера да мобилизира дополнително јавно финансирање за решавање на пандемијата на конференцијата на 4 мај.
Но само инвестициите не се доволни. За да се успее, целиот процес на создавање на вакцините мора да се регулира со јасни и транспарентни правила засновани врз цели од јавен интерес. Тоа, пак, ќе треба јасно да биде усогласено со светските и со националните јавни интереси.

Првиот клучен чекор е да се усвои пристап што се фокусира на јавни и на приватни инвестиции за постигнување јасно дефинирана заедничка цел, а тоа е развој на ефикасна вакцина против ковид-19, која може да се произведе на светско ниво брзо и да биде универзално достапна бесплатно. За реализирање на оваа цел ќе бидат потребни строги правила во врска со интелектуалната сопственост, цените и производството дизајнирани и спроведени начини на кои се вреднуваат меѓународната соработка и солидарноста, а не конкуренцијата меѓу земјите.

Второ, за да се зголеми влијанието врз јавното здравство, иновативната сфера мора да се управува со употреба на колективна интелигенција за забрзување на напредокот. Науката и медицинската иновација напредуваат кога истражувачите отворено разменуваат и споделуваат знаења, овозможувајќи им да се надградуваат преку меѓусебните успеси и неуспеси во реално време. Но денешната наука не го следи тој модел. Наместо тоа, таа промовира таинствена конкуренција, дава приоритет на регулаторното одобрување во богатите земји за сметка на достапноста и светското влијание врз здравјето на луѓето и поставува пречки за технолошко распространување.

Трето, земјите мора да ја преземат водечката улога во градењето и подобрувањето на производствените капацитети, особено во светот во развој. Сега е потребен здружен напор за да се вклучат јавните и приватните капацитети, како и потребната инфраструктура за брзо производство на милијарди дози вакцини што ќе бидат потребни. Бидејќи сè уште не знаеме која вакцина ќе се покаже како најефикасна, можеби ќе треба да инвестираме во низа средства и технологии. Ова претставува технолошки и финансиски ризик што може да се надмине само со помош на претприемачките држави, поддржани од колективно финансирање од јавен интерес, како што се националните и регионалните банки за развој, Светската банка и филантропските фондации. Конечно, условите за обезбедување светски, правичен и достапен пристап мора да бидат вклучени во која било програма за развој на вакцини уште од самиот почеток.

Цената на вакцините за ковид-19 треба да го одразува значителниот придонес на јавноста за нивниот развој, итноста и обемот на светската здравствена криза. Ние мора да ги надминеме принципите и генеричките заложби и да воведеме конкретни услови што овозможуваат вакцините да бидат бесплатни. Политичарите исто така треба да размислат за употреба на задолжително лиценцирање.

Нам ни требаат механизми за колективни набавки, кои обезбедуваат правична распределба и еднаков светски пристап до новите вакцини кога ќе станат достапни. Главната цел мора да биде да се спречат напредните економии да го монополизираат светското снабдување или да ја зголемат побарувачката од посиромашните земји. Кризата од ковид-19 не треба да значи и деловна корист. Додека земјите колективно се мобилизираат против пандемијата преку повици за светски сојуз преку конференции, состаноци на Г20 и претстојното годишно Собрание на СЗО, не можеме да си дозволиме да ја пропуштиме оваа можност.

Развивањето ефикасна и универзално достапна вакцина против ковид-19 е една од најклучните мисии во животот. Пред сè, тоа е тест дали светската јавно-приватна соработка, која политичарите ја сметаат за клуч за успех, ќе го зголеми максималното снабдување со јавни добра или уделот во приватниот профит.

Авторката е професорка по економика на иновации и јавна вредност, како и директорка на Институтот за иновации и јавни цели на универзитетот „Калифорнија“