Политичката дисфункција проблем за постпандемиската економија

Иако ризикот од одржлива американска инфлација не треба да се игнорира, не треба да се помати и нашето гледиште што, всушност, е под ризик во сегашната постпандемиска економија. Американската демократија е загрозена, а силната и инклузивна владино предводена обнова може да ја понуди последната најдобра шанса за таа да застане на цврсти темели

Бидејќи годишната стапка на инфлација во САД достигна пет отсто во мај, економистите и инвеститорите имаат право да бидат загрижени за буџетскиот дефицит, јавниот долг и ризикот од одржлив раст на цените, кој сега е поголем отколку што беше речиси четири децении. Но би било грешка да се одговори на овие проблеми со кочење на економијата.
Владата не може да позајмува и да троши колку што сака без да плаќа никакви трошоци. Ниту оние што се загрижени за инфлацијата не можат да го игнорираат посериозниот проблем што ги мачи САД, а тоа е длабоката политичка поларизација, заедно со поткопувањето на довербата во Владата. Брзата економска обнова, предводена од јавните политики што поттикнуваат вработување и раст на платите, е најдобрата шанса САД да ја вратат довербата во Владата и во демократијата. Вистинскиот ризик што произлегува од инфлацијата е дека тоа ќе ни го одвлече вниманието од ова суштинско прашање.
Во секој случај, не постои магично решение за политичката дисфункција. Некои коментатори се разбирливо загрижени дека САД веќе стигнаа до точката од која нема враќање. Треба да запомниме дека луѓето имаат поголема доверба во демократијата кога таа ќе ги исполни своите ветувања за стабилност, заеднички просперитет и ефективни мерки за борба против сиромаштијата. Оние што живеат во стабилни демократии, каде што има брз економски раст и соодветни јавни услуги, многу е поверојатно да им се спротивстават на автократите и неодговорните технократи. Поради истата причина, периодите на економска стагнација и зголемена нееднаквост имаат тенденција да поттикнат поларизација и губење на јавната доверба, како што се случи во САД и многу други земји низ светот во последните децении. Американската економија порано обезбедуваше пристојна плата, разумни нивоа на сигурност и можности за градење кариера за сите видови работници. Наместо да уживаат во зголемување на платите, мажите без факултетска диплома почнаа да ги губат можностите за работа и за реална заработка (приспособена на инфлацијата).

Американците што се соочија со намалени плати и можности се премногу застапени меѓу оние што се движат кон екстремните маргини на американската политика. Ако мислите дека економијата не функционира и не може да работи во ваша корист, разбирливо е што можете да бидете посклони кон опортунистички политичари и медиумски фигури што бараат да му се стави крај на „наместениот“ систем.
Економските проблеми не се единствените што доведоа до жалната состојба во американската политика. Републиканската партија, исто така, одигра голема улога во дисфункцијата. Почнувајќи со „Јужна стратегија“ на Ричард Никсон, партијата одлучи дека поларизацијата е добра политика. Колку повеќе партијата почна да ги застапува интересите на белите гласачи без факултетска диплома (сè помал удел во населението), толку повеќе мораше да се потпре на потиснување на гласачите и други антидемократски тактики за да ја задржи својата позиција. Но и Демократската партија има свој удел во вината. Банкарите од Волстрит што ја предизвикаа финансиската криза во 2008 година беа спасени не само од Џорџ В. Буш туку и од Барак Обама. Администрацијата на Обама беше таа што на крајот реши да им помогне на банките и банкарите по секоја цена и која подоцна реши да не гони ниту една од виновните страни. Така се потврдија сомнежите на гласачите за премногу блиската врска помеѓу Владата и финансиите, што ја поттикна загубата на доверба во институциите што им даде голем повод на оние што веќе се склони да ја сметаат Владата како проблем, а не како решение.

Ако оваа дијагноза е точна, првиот чекор за да се реши политичката дисфункција на Америка е да се покаже дека и економијата и Владата можат да работат во корист на сите. Отворањето нови работни места и растот на платите за Американците од сите сфери треба да биде врвен приоритет. Иако би можеле да се фокусираме само на проширување на големината на целокупниот „економски колач“ и потоа да го прераспределиме, мали се шансите за ваквата стратегија да даде чувство на придонес во системот. Овозможувањето на луѓето да придонесат значајно за економијата и за општеството е многу подобар начин за нивно вклучување.
Ако инфраструктурните трошоци, експанзивната фискална и монетарна политика, подобрувањето на програмите за социјална помош, инвестициите што создаваат работни места и други владини мерки станат дел од силната обнова, тоа дополнително ќе ја поддржи идејата дека Владата сè уште работи во корист на народот. Довербата во државните институции не може да се врати само со апстрактно возвишување на доблестите. Граѓаните мора да ги видат и искусат придобивките што произлегуваат од ефективно функционирање на институциите.
Нема гаранција дека американската демократија ќе се спаси преку добро смислена економска обнова. Американската економија ги занемари работниците без факултетски дипломи (но и сѐ повеќе работници со факултетски дипломи) и ги задоволуваше потребите на големите корпорации толку долго што сега може да биде предоцна за промена на курсот. Со тоа што корпоративна Америка силно инвестираше во технологии за автоматизирање на работни места и надзор на работниците, но и ги намали платите, состојбата на просечниот американски работник може да продолжи да се влошува. Можеби е премногу доцна за да ѝ се стави крај на поларизацијата што го уништи американското општество. Враќањето на функцијата на економијата нуди најдобри шанси за спас на американската демократија. Ризикот од малку поголема инфлација не е причина да се пропушти ваква можност.

Авторот е професор по економија на МИТ