Подарокот на Трамп за Кина

Ако некој е задоволен од одлуката на Трамп да го убие иранскиот генерал Сулејмани, тоа е кинескиот претседател Си. Ескалацијата на тензиите со Иран ќе го одвлече вниманието на САД од ривалството со Кина, исто како што тоа го сторија терористичките напади на 11 септември 2001 година

Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да нареди атентат врз моќниот ирански генерал Касем Сулејмани ги зголеми шансите, иако сѐ уште мали, за сеопфатна војна меѓу САД и Исламската република. Во таква ситуација има само еден победник – Кина.
Со најновата грешка на Трамп, историјата полека како да се повторува. Кога Џорџ Буш Помладиот го почна својот претседателски мандат во јануари 2001 година, неговите неоконзервативни советници ја идентификуваа Кина како најголема долгорочна закана за САД. Така, неговата администрација ја означи Кина како „стратегиски конкурент“ и требаше да се работи на ограничување на азискиот ривал на САД.

Во април 2001 година, истиот месец кога шпионски авион на американската морнарица случајно се судри со кинески борбен авион додека беше во рутинска мисија за надгледување над Јужно Кинеско Море, САД најавија продажба на оружје на Тајван поради кинеските протести. Билатералните односи паднаа до најниска точка од нормализацијата на дипломатските врски во 1979 година.

Сè се смени на 11 септември 2001 година, кога САД беа погодени од најсмртоносниот терористички напад во историјата. Администрацијата на Буш беше преокупирана со одмазда против Ал каеда – цел што доведе до катастрофална одлука да го нападне Ирак две години подоцна – што практично го заборави далечниот потенцијал на азиската суперсила.

Само три месеци по 11 септември, администрацијата на Буш се согласи на приемот на Кина во Светската трговска организација и кинеската економија почна забрзано да расте. Во 2000 година, економското производство на Кина изнесуваше 1.210 милијарди долари, помалку од 12 отсто од американскиот БДП. До крајот на вториот мандат на Буш во 2008 година, кинескиот БДП достигна 4.600 милијарди долари, над 31 отсто од американскиот БДП. Денес, БДП на Кина е околу 65 отсто од американското ниво.

Во оваа смисла, Кина го должи своето „економско чудо“ на терористичките напади од 11 септември или, поточно, на катастрофалниот одговор на администрацијата на Буш. Две децении отсега, можеби ќе го кажеме истото тоа за атентатот на Сулејмани.
Исто како Буш, кога Трамп влезе во Белата куќа, неговата администрација брзо го брендира највисокиот американски геополитички противник – Кина. Таа почна да спроведува конфронтациска политика што доведе до трговска војна, која, и покрај договорот „прва фаза“, допрва треба да биде решена. Всушност, Трамп го оживеа големото ривалство меѓу силите, фокусирано пред сѐ на ограничувањето на Кина, како принцип на организирање на надворешната политика на САД.

Потоа Трамп го уби Сулејмани и сите очи се свртеа кон Иран. Ако конфликтот продолжи да ескалира – дури и да не прерасне во сеопфатната војна – САД најверојатно ќе пренасочат значајни ресурси за конфронтација со Исламската република и, исто како и по 11 септември 2001 година, ќе ја преместат Кина во споредна надворешнополитичка колона.

За кинескиот претседател Си Џинпинг, профитирањето од оваа промена ќе бара внимателно калибриран одговор. Настаните што се случуваат на Блискиот Исток претставуваат огромна стратегиска можност за Кина. Но, како што веројатно признава и самиот Си, негов најдобар потег би бил да даде поддршка за Иран и да продолжи да увезува иранска нафта, спротивно на санкциите на САД, но да избегне да го провоцира Трамп, на пример, со испорака на оружје за Иранците.

Но дури и ако Кина ја ограничува својата инволвираност, таа не може да помине целосно незабележана. Зголемената моќ на земјата – и интересот на Америка да ја ограничи – ќе влезе во стратегиската пресметка на двете страни во американско-иранскиот конфликт.

Иран веќе практично објави дека нуклеарниот договор од 2015 година е мртов, најавувајќи дека неговата нуклеарна програма сега нема да има „ограничувања“ во производството и збогатувањето ураниум. Ако лидерите на Иран веруваат дека САД ќе се обидат да ги избегнат истите стратегиски грешки на Буш, вклучувајќи и во однос на Кина, тие може да се одлучат за похрабра одмазда.

Што се однесува до САД, потрезвен Вашингтон несомнено би се залагал за одмерен одговор во однос на каква било иранска одмазда, меѓу другото и поради кинескиот предизвик. Но личните пресметки на Трамп во голема мера се водени од неговата желба да им се претстави на гласачите како „цврст лидер“ пред претседателските избори во ноември (иако токму за истото тоа го обвини неговиот претходник Барак Обама во 2011 година). Тој околу себе е опкружен со многу понеискусни ласкавци отколку со квалификувани советници.

Пред седумнаесет години, Буш избра да влезе во војна на Блискиот Исток, која освен што ги чинеше САД огромни количества крв и богатство, исто така ги намали напорите за ограничување на Кина. Трамп, сепак, може да избегне да ја направи истата грешка. Но со секој неискрен твит – како на пример со заканата дека ќе нападне ирански културни локалитети (што е воено злосторство) ако Техеран се одмазди – се чини дека се намалуваат шансите да преовладее стратегиската разумност. Тоа, пак, ја прави сѐ посветла новата година за Си.

Авторот е професор и аналитичар во германскиот Маршалов фонд на САД