Повик за будење за водечките сили во светот

Лидерите на Г20 мора да препознаат дека пандемиите се национална и глобална безбедносна закана и дека треба да вложат одреден политички капитал за да се промени меѓународната машинерија за здравствена безбедност од сегашната состојба. Нивниот претстоен самит во Рим е вистинскиот момент за претставување на новата визија за глобалното јавно здравје

Епидемиолозите велат дека ковид-19 не бил настан што не можел да се предвиди. Во нашиот живот ќе има многу пандемии, кои ќе бидат со еднаков или посилен интензитет. Кога ќе се случи следната пандемија, Кина, Сингапур и можеби Виетнам ќе бидат подобро подготвени, затоа што тие научија од ова ужасно искуство. Речиси сите други, вклучувајќи и поголем дел од Г20, ќе бидат еднакво ранливи како кога изби ковид-19.
Како е возможно тоа? Сепак, нели светот сè уште се бори со најлошата пандемија во изминатите сто години, која досега однесе речиси пет милиони животи и ги принуди владите да потрошат 17 илјади милијарди долари (и повеќе) за да ги ублажат економските штети? Нели светските лидери ангажираа врвни експерти за да откријат каде погрешивме и како можеме да се подобриме?
Експертскиот панел излезе со свои одговори и тие повеќе или помалку ги велат истите работи. Светот не троши доволно на следење на епидемиите на заразни болести и покрај нивниот потенцијал да прераснат во пандемии. Нам ни недостигаат стратегиски резерви на опрема за лична заштита (ППЕ) и медицински кислород или резервни капацитети за производство на вакцини, кои за кратко време можат да се активираат. Исто така, на меѓународните агенции што се задолжени за безбедноста на јавното здравје им недостигаат јасни ингеренции и доволно средства, а и немаат соодветна одговорност. Едноставно кажано, никој не е надлежен за одговор на пандемијата и никој не е одговорен за истата таа.
Покрај тоа, теоријата не е исто што и практиката. Се чини дека не сме во можност да постигнеме глобално единство за да ги донесеме неопходните одлуки поврзани со пандемијата. Наместо тоа, политичарите на крајот на краиштата би можеле да спроведат низа половични мерки во Г20, Обединетите нации, Светското здравствено собрание во Женева, како и преку еднострани одлуки на некои земји, и тоа за ниска цена. Овие чекори би помогнале, но никогаш нема да бидат доволни за решавање на проблемот.

Ваков пристап е тешко да се замисли. Ако САД се подготвени да вложат во одржување стратегиски резерви на нафта со тримесечно снабдување, тогаш сигурно вреди да се имаат и стратегиски резерви за производствени капацитети за ППЕ, дијагностика, вакцини и лекови. Слично на тоа, само американската војска троши над пет милијарди долари годишно за да одржуваат 189.800 резервисти, иако се надева дека никогаш нема да се јави потреба да ги ангажира. Зарем не би било добро за светот да се потрошат 15 милијарди долари годишно за спречување на идни пандемии, со цел да се избегнат трошоци од десетици илјади милијарди за да се одговори само на една?
Секако дека би било добро, но тогаш што го спречува светот да го стори она што е потребно за да спречи уште една катастрофа како ковид-19? Прво и основно, повеќето политички системи поттикнуваат краток опсег на колективно внимание. Политичарите и гласачите веќе завршија со темата за пандемијата. Сега тие сакаат повторно да се фокусираат на подобро градење на иднината, а меѓународната агенда веќе се префрли на други теми.
Во секој случај, креаторите на националните политики знаат дека не можат едноставно да се оддалечат од пандемијата, па затоа тие ќе ѝ го предадат проблемот на Светската здравствена организација, како и на други агенции. Но само пред една година, многумина бурно критикуваа дека овие тела немаат соодветен капацитет да бидат на висина на таа задача. Фактот што тие ни одблизу не извојуваа победа над ковид-19, кој сè уште се шири во најголемиот дел од земјите со ниски и средни приходи, се должи на динамиката на патогенот и бавното темпо на вакцинација.
Глобалните здравствени агенции, сепак, се задоволни што се враќа оваа агенда, бидејќи повеќето од нив сè уште веруваат дека пандемиската подготвеност и превенција се строго прашања за здравствениот сектор. Но ковид-19 јасно покажа дека тоа не е така. Шефовите на владите и министрите мора да преземат одговорност за овие прашања заедно со здравствените претставници.

Сепак, по досега невидените јавни трошоци во изминатите 18 месеци, министрите за финансии се под притисок да ги намалат. Програмите што вклучуваат повисоки парични трошоци за спречување на некои идни кризи можеби изгледаат како лесни цели, но нема да изгледаат како паметно решение во иднина. На крајот на краиштата, постои бирократски отпор на напорите што ветуваат консолидирање или преструктурирање на организациите и воведување нови механизми за осовременување на системите на управување со цел. Наместо тоа, тие ќе направат неколку подобрувања и ќе прогласат успех.
Дали ова е загубена надеж? По трагичниот повик за будење од ковид-19, дали следната пандемија повторно ќе нè начека неподготвени? Верувам дека нема да биде така, но само ако шефовите на влади од Г20 препознаат дека пандемиите се национална и глобална безбедносна закана и одлучат да вложат политички капитал за да се промени меѓународната машинерија за здравствена безбедност од сегашната состојба. Нивниот претстоен самит во Рим е вистинскиот момент за претставување на новата визија за глобалното јавно здравје.

Авторот е поранешен висок претставник во Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, а актуелно е претседател на Центарот за глобален развој.