План за отпорност на кризи

Економиите во многу земји се во слободен пад. Дали ќе успеат да се вратат на старите патеки или ќе се соочат со катастрофа? Што може да се направи за да се овозможи силно економско закрепнување?
Економските последици од пандемијата на ковид-19 можеби сега не се очигледни. Во светската финансиска криза од 2008 година, меѓу најмалку погодените земји беа финансиските центри како САД и Швајцарија, додека најпогодени беа Грција, балтичките земји, Италија, Ирска, Шпанија и Португалија. Исто така, по распадот на Советскиот Сојуз, централноазискиот Таџикистан и европските Молдавија и Украина изгубија две третини од својот БДП, додека таџикистанскиот сосед Узбекистан, како и Естонија и Белорусија (во непосредната близина на Украина) загубија помалку од една третина од БДП. По Арапската пролет од 2011 година, БДП во Тунис (од каде што сè започна) падна за помалку од два отсто, додека Египет воопшто не влезе во рецесија. Спротивно на тоа, Либија, Сирија и Јемен претрпеа големи економски падови.

Постојат три фактори што влијаат врз навидум различните последици од претходните кризи, а тоа се големината на економскиот шок, отпорноста со која реагира економијата и политичките последици од шокот.
Најпогодени земји од финансиската кризата во 2008 година беа оние со големи дефицити, кои повеќе не можеа да ги финансираат како резултат на падот во протокот на капитал. Отпорноста беше поврзана со можноста да се замени увозот и да се зголеми извозот, а со тоа да се затвори надворешниот дефицит со помалку строги мерки. Земјите што не можеа да го постигнат ова, како Грција или Боливија, претрпеа катастрофален колапс на производството и даночните приходи, кои прераснаа во криза со јавниот долг. Во Арапската пролет, најголемата разлика беше помеѓу земјите што можеа да управуваат со релативно кохерентна политичка транзиција и оние што претрпеа државен распад и војна. Со распадот на Советскиот Сојуз се воведоа нови граници и валути што ги уништи постојните синџири на вредности и сериозно ги наруши поинтегрираните европски републики како Молдавија и Украина.

Тогаш, каков вид шок претставува ковид-19 и што ќе одреди кој повеќе, а кој помалку ќе настрада? Економското влијание на пандемијата е сестрано. Карантините предизвикаа шок на пазарот на трудот и во побарувачка што влијаеше врз училиштата, универзитетите, туризмот, забавата, рестораните и баровите, како и секоја активност што бара физичка интеракција. Неможноста на домаќинствата и фирмите да ја покријат закупнината, услужните заеми, да исплатат плати и даноци предизвика низа затворања на деловните активности, загуби на работните места, банкроти и зголемување на фискалните дефицити.
Постои огромна разлика меѓу државите во епидемиолошката ефикасност на нивните мерки за јавно здравје. Факторите што придонесоа за тоа се структурата, големината и просторот на домаќинствата, карактеристиките на неформалниот сектор, транспортот и трговијата на мало, како и социјалните практики. Некои земји, како што е Израел, беа ефикасни во справувањето со првиот бран на епидемијата, за потоа да потфрлат во вториот.

Две други динамики различно влијаат врз земјите, како што е падот на странската заработка (како резултат на помал извоз, туризам и плаќања) и пристапот до меѓународни финансии. Земјите се разликуваат не само по големината на шоковите туку и по нивната способност да се справат со нив. Некои земји мобилизираа невидени фискални ресурси за да ги поддржат домаќинствата, фирмите и банките. Другите немаа таков фискален простор. Некои земји имаат флуктуирачки курс и кредибилни централни банки, што им овозможува да спроведуваат независна монетарна политика, пониски каматни стапки и да се вклучат во квантитативно олеснување. Другите имаат врзани курсеви или се врзани само со доларот што силно ги ограничува нивните опции.
Прашањето е што може да се направи за економиите да забележат брз скок. Земјите треба сега да дејствуваат за да обезбедат пристап до вакцините и да ги развијат своите стратегии за вакцинација. Покрај тоа, мултилатералните договори за поддршка на заемното признавање на здравствените пасоши ќе овозможи побрзо враќање на меѓународниот сообраќај. Понатаму, земјите итно треба да инвестираат во нивниот капацитет да ги користат сопствените податоци за зголемување на ефикасноста на нивните политики за физичко дистанцирање, а истовремено да ги минимизираат економските загуби. Тие исто така треба да им овозможат на сиромашните семејства пристап до интернет.

Што се однесува до фискалната политика, земјите треба да планираат понатамошна масовна поддршка на економијата во 2021 година, со претходно финансирање на нивните идни финансиски потреби како подготовка за одржување на врската на вирусот со растечката финансиска ранливост за потрошувачите, фирмите, банките и девизниот пазар.
Владите треба да размислат и за пакет за економско закрепнување по вакцинацијата, а финансиските институции треба да создаваат фондови за приватен капитал за да инвестираат во перспективни компании чиј биланс е во криза. На крајот, владите треба да преземат обврски во врска со нивната среднорочна политика за данок и трошоци за да ги уверат пазарите на капитал и меѓународните финансиски институции во нивната способност да го решат зголемениот долг што ќе им биде потребно за управување со кризата. За да се постигне сево ова, политиката треба да има конструктивна улога. Ефикасното лидерство мора да покаже скок напред, инаку нема да се постигне напредок.

(Авторот е поранешен министер за планирање на Венецуела и главен економист во Интерамериканската развојна банка, а актуелно е професор на школата за управување „Џон Ф. Кенеди“ на универзитетот „Харвард“ и директор на тамошната развојна лабораторија)