Писмо од безимената земја

Драг мој Ги Верхофстад! Ти пишувам од една килава земја, за која твојот сонародник Ван Хауте рече дека нема европски менталитет. Е, ама, и покрај фактот дека сме килави и немаме европски менталитет, ние тука сме пет прста отворени и умираме по таа твоја Европска Унија, за која ти толку убаво пишуваш во својата колумна. Не само што сме пет прста отворени за ЕУ туку сме подготвени да ги дадеме и името, и идентитетот, и честа, и достоинството, море подготвени сме да се откажеме и од сопствената историја, култура, националност, јазик и традиција за да влеземе таму кај вас. Еве, само што потпишавме договор со кој ќе станеме најсеверната јужна земја на светот во која живее граѓанскиот народ на таа земја, кој, пак, зборува јазик објаснет во фуснота. Потпишавме и дека нашата историја е нивна историја, а нашите малцинства се нивни мнозинства. Претпоставувам се чудиш зошто ти го пишувам ова и се прашуваш какви се овие апсурдни небулози, но работата е едноставна. Навистина постои оваа моја безимена земја, во која е логично народот да нема менталитет, бидејќи нема ни идентитет, што ја потврдува нашата апсурдна небулозност на постоење, но и такви апсурдни ние сме умрени да нѐ земете при вас, бидејќи треба да ни дадете многу пари.
Малку се исплашив кога прочитав што пишуваш за Велика Британија. Тие навистина ја напуштија Унијата и срам да им е, но кога доаѓаат кај нас тие зборуваат многу убави работи за вас, ако ве откачиле. Не само што зборуваат пофални зборови за друштвото што го напуштиле, туку и нe убедуваат дека е добро да се откажеме од себеси за да одиме кај вас. Затоа не тагувај многу по Британците, бидејќи еве нe нас, ние ќе го заземеме нивното место, така што сигурен сум дека нема ни да ја почувствувате загубата. А за разлика од Британците, кои секогаш се исмевале со Французите, Германците, Белгијците, ние воведовме инквизиција, која ќе го прогласи хуморот за говор на омраза, така што ќе добиете едни политички коректни партнери без идентитет и достоинство, со кои ќе можете да правите што сакате само ако ни ги дадете ветените пари.

За Трамп ич муабет не ми се прави. Ма, ние тука воопшто и не го признаваме за американски претседател. За нас американски претседател е американскиот амбасадор. Тој воопшто не е како Трамп. Не само што не го мрази НАТО, не само што никогаш не би ви бапнал такви царини туку е со полна уста пофални зборови за вас, убедувајќи нe дека без вас нема иднина за нас, а со вас… е со вас нема само светла иднина, туку многу, многу пари што ќе ни ги давате. Затоа ние и покорно го слушаме, па кога ќе ни каже тој дека за наше добро е да се преименуваме во лај.., ние понизно прашуваме дали да си земеме и лажица за да можеме да сркаме.
Драг мој Ги Верхофстад, малку ме збуни со ова анкетиве. Ти велиш дека ако денес би се одржал референдум за членство во ЕУ, околу 83 отсто од Европејците би гласале за останување во блокот, а рекордни 60 отсто сметаат дека членството во ЕУ е „добро“ за нивната држава, за малку подолу да додадеш дека, сепак, скорашните анкети откриваат поголема неодлучност за актуелната насока по која се движи ЕУ и дека само 32 отсто од граѓаните веруваат дека „нештата се движат во вистинската насока“, додека 42 отсто сметаат дека блокот е на погрешен пат. Но мојата збунетост траеше кратко, па веднаш на нејзино место дојде восхитувчаката про-ЕУ радост. Па, и кај нас со бројкиве е исто, крикна мојот евроатлантски интегриран и прогресивен, неолиберален ум. Еве и неколку примери. Фактот дека не сме членка на ЕУ предизвика од нашава државичка да избегаат кај вас 600.000 луѓе, што е пеколно ужасно, но тие се вратија откако дојде проевропска власт и сега, откако вие ќе нe примите, тие 600.000 повторно ќе заминат за да работат кај вас, што е восхитувачки прекрасно. Понатаму, со претходниот режим, кога имавме три, четири или пет проценти пораст на бруто-домашниот производ, констатиравме дека тоа е мизерија, беда и сиромаштија, ама сега кога сменивме име и се откажавме од себе заради вас, кога на власт дојдоа економски и политички генијалци, по нивните спроведени реформи порастот е 0,1, што е револуционерно добро и на работ на благосостојба. Волшебната моќ на бројките нели, ама за да биде навистина благосостојба, драг мој Ги, те молам да ми кажеш како стојат статистиките околу прашањето колкав процент од вашите граѓани имаат намера да им даваат пари на нашите граѓани.

Драг мој Ги Верхофстад, се надевам не ти додевам со муабетот за многуте ваши пари што треба да завршат во нашите џебови. Така ни рекоа вашите врвни лидери Хан и Могерини, така нe убедуваат нашите ингениозни политичари, кои вие ги црпнавте и октроиравте, море со овој муабет секојдневно ни ги полнат главите нашите бесценети интелектуалци, професори, доктори, НВО и фејсбук-активисти. Сакам да ти кажам, мене бескрајно ме израдува фактот што ти го споменуваш, а тоа е дека ЕУ најдобро функционира кога се соочува со проблеми. Е па, откако ние се откажавме од себеси, од нашето име и идентитет, од нашата култура и традиција за да се соединиме со вас, вие ќе се соочите со многу наши проблеми што можете да ги решите со многу ваши пари. Не знам дали знаеш, ама нашите политичари имаат навика постојано да крадат. Затоа ни се потребни вашите фондови, даночни обврзници и тендери, преку кои ќе ги заситите нивните крајно комплексни апетити и така ќе ја намалите корупцијата. Кај нас здравството и образованието се пред колапс, огромен број доктори бараат поткуп од пациенти, исто толку професори бараат секс и кеш од студенти, зависи од полот, и сето тоа за оценка, па многу е важно да испланирате и за нив пари во вашите буџети, за да ни ги подобрите образованието и здравството. Треба да имате и слух, но и отворени паричници за нашите новинари. Тие се подготвени да тврдат, ако ви затреба, дека црното е бело, но ако не ги кеширате постојано, може да дојде лошиот Рус да ги искешира. Па, така, ние тука се надеваме дека со многу пари ќе донесете слобода во медиумите. Исто е со таканаречената интелектуална бижутерија, тие се навистина фалшива стока маскирана во прогресивна авангарда, но ако им ги препуштите ним вашите фондови, тие за вас ќе станат еден ум, додуша безумен, ама пак силен, жесток и хистеричен ум, па можете да ги манипулирате како сакате за преку нив да манипулирате со кого сакате. И секако, народецот наш безидентитетен, малку е мрзлив, ама многу окупиран со туѓи животи, не сака баш да почитува закони, ама пак обожава да фаќа сеир по кафеани, е за него ќе треба да одвоите за повисоки плати, месечни бонуси, платени одмори, тринаесетти плати и, ќе видите, подготвени се и лајна да се наречат, ама лажици за сркање сами ќе си донесат.