Пандемија од антибиотици за која нема лек

На глобално ниво драстично се зголеми употребата на антибиотици од почетокот на пандемијата на ковид-19, како и нивната продажба без рецепт од доктор, што е легално во многу земји. Ова дополнително ја разгорува глобалната криза од отпорноста на антибиотици, бидејќи бактериите еволуираат и стануваат поимуни на овие лекови

Стравот од ковид-19 предизвика зголемување на продажбата на антибиотици без рецепт и нивна болничка употреба, што ја поттикнува тивката пандемија како последица на овој проблем. На глобално ниво, употребата на антибиотици во болниците е зголемена уште од почетокот на пандемијата. Иако студиите покажуваат дека само осум отсто од пациентите примени во болница со ковид-19 исто така имаат инфекција што бара антибиотици, сепак на над 70 отсто од пациентите тие им се пропишуваат. Покрај тоа, многу луѓе што се загрижени за можни или вистински симптоми на ковид-19 и вознемирени од глобалниот тек на пандемијата почнаа да купуваат антибиотици на своја рака.
Ова дополнително ја разгорува глобалната криза од отпорност на антибиотици, бидејќи бактериите еволуираат и стануваат имуни на овие лекови. Ние мора брзо да реагираме со меѓународна политика, национални закони и локално дејствување за да го ставиме под контрола она што Светската здравствена организација (СЗО) го утврди како една од десетте водечки здравствени закани за човештвото.
Антибиотиците третираат инфекции предизвикани од бактерии и немаат никакво влијание врз вирусот што го предизвикува ковид-19. Претерувањето со нив само ја забрзува појавата на антибиотска резистенција, што ја поткопува нашата способност за лекување вообичаени болести. Обични инфекции, како што се пневмонија или инфекции на уринарниот тракт, кои во моментов брзо се третираат со обични антибиотици, може да станат тешки за лекување и да доведат до смрт.

Ова особено важи за многу африкански, јужноамерикански и азиски земји, каде што има ограничен пристап до здравствените работници, а антибиотиците може да се купат во секое време. Во Индија, продажбата на антибиотици се зголеми вртоглаво во последните неколку години, главно поради нерегулираното купување на своја рака, вклучувајќи и неодобрени лекови. Исто така, во Кенија сите антибиотици може да се купат без рецепт.
Бактериите што развиваат отпорност на повеќе антибиотици го отежнуваат лекувањето на инфекциите и имаат до трипати поголема веројатност да убијат луѓе отколку инфекции предизвикани од неотпорни бактерии. Податоците од неколку земји, вклучувајќи ги Кина и Египет, покажуваат дека до 50 отсто од бактериските инфекции во одделите за интензивна нега се отпорни на неколку антибиотици. Во САД се проценува дека речиси три милиони луѓе добиваат инфекција отпорна на антибиотици секоја година, што доведува до повеќе од 35.000 смртни случаи годишно. Бактериите отпорни на лекови со поголема веројатност се шират меѓу луѓето и се знае дека предизвикуваат големи епидемии во болниците. Многу ковид-оддели во болниците во светот сега се соочуваат со овој проблем.
Многу од неодамна развиените лекови што може да третираат резистентни бактерии се често екстремно скапи и не се достапни во многу земји. Всушност, многу пациенти што влегуваат во болница за третман од ковид-19 велат дека веќе зеле еден или повеќе антибиотици дома во обид да олеснат некои од нивните симптоми.

Честопати користењето на овие лекови им дава сигурност дека се лекуваат, па затоа го одложуваат одењето во болница. Некои тврдат дека неограничената употреба на антибиотици може да овозможи пристап до третман за оние што немаат можност да одат на лекар и да биде поевтина варијанта за сиромашните. Но антибиотската резистенција е скапа за лекување и може да чини животи.
Тогаш, како да ја спречиме следната пандемија? Најпрво, СЗО и другите глобални агенции мора поактивно да се вклучат против употребата на антибиотици во случај на ковид-19, освен ако овие лекови не се специфично индицирани за друга бактериска инфекција. Покрај тоа, националните влади мора да ги засилат ограничувањата за слободна набавка на антибиотици. Доказите сугерираат дека воведувањето и спроведувањето закони за ограничување на ваквата продажба се покажале ефикасни доколку целосно се почитуваат. Исто така, намалената продажба на антибиотици на своја рака се припишува и на плакатите и известувањата во аптеките за задолжителен рецепт издаден од доктор.

Болниците треба да усвојат таканаречени стратегии за управување со антибиотици за да се намалат непотребните рецепти. Овие мерки може да доведат до намалување на употребата и трошоците за антибиотици и да го намалат ризикот од инфекции отпорни на антибиотици во болниците. Ефективните стратегии може да вклучуваат развој на упатства за третирање вообичаени инфекции, ограничување на употребата на антибиотици кај вирусните инфекции, зајакнување на лабораторискиот капацитет, особено во земјите со ниски и средни приходи, за да му се помогне на болничкиот кадар да ги открие точните бактерии за лекување и да се обезбеди континуирана едукација.
Сепак, покрај разбирливиот страв од ковид-19, луѓето не треба да ризикуваат да си наштетат себеси со непотребно користење антибиотици. Пораката е јасна. Ако не дејствуваме сега за да ја спречиме употребата на антибиотици, ќе предизвикаме нова пандемија. За разлика од ковид-19, во тој случај ниту една вакцина нема да нè спаси.

Авторката е специјалистка по заразни болести на Универзитетот во Најроби
и соработничка на институтот „Аспен“ преку програмата „Нов глас“.